Што им одговорила шефицата на СЈО на ревизорите

Јанева: Ако надоместоците се незаконски, одговорни се и две влади, четворица министри и УЈП

Имав законска основа да ја одредувам висината на месечните примања на вработените во Специјалното јавно обвинителство, извештајот на Државниот завод за ревизија го оценувам како незаконски и тенденциозен и не го прифаќам, реагираше поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева со свои забелешки, во времето додека претставници на Државниот завод за ревизија го анализираше работењето на СЈО и особено посебните надоместоци кои беа исплаќани во ова обвинителство.

Катица Jaнева наводите на државните ревизори ги оценува како тенденциозни и продолжение на хајката против неа и ја гледа пораката повеќе „никој и никогаш во оваа земја да не се занимава со гонење на високата корупција“ на  начин како што таа тоа го правела. Таа смета дека неуспехот на Обвинителството за гонење на организиран криминал да докаже нејзина наводна вина во случајот „Рекет“, за кој нема правосилна пресуда, резултира со вакво постапување на државната ревизија во обид да биде дискредитирана.

Поранешната специјална обвинителка го поставува и прашањето дали ако ревизорите сметаат дека посебните надоместоци се незаконски, дека тогаш одговорност треба да сносат и двата состава на владите, како и четворицата министри за финансии кои биле на таа функција во време на работењето на СЈО, а кои ги одобрувале, како финансиското работење, така и исплата на платите и останатите надоместоци и тоа без никакви забелешки. Јанева го наведува и Советот на јавни обвинители пред кое тело таа редовно ги доставувала извештаите за работењето на ова обвинителство, кои ги содржеле и податоците за финансиското работење. Овие извештаи биле прифаќани од Советот. И до Собранието на Македонија биле доставувани извештаите, но Јанева наведува дека и други државни органи биле запознати со начинот на исплатата на платите и сите надоместоци, со акцент на Управата за јавни приходи до која  биле доставувани годишните даночни пријави на вработените.

Катица Јанева наведува дека интенцијата била месечните примања во СЈО да бидат споредливи со институциите од ваков вид во регионот и пошироко, имајќи ја предвид одговорноста, сложеноста и посебниот вид на работен ангажман и потсетува дека во СЈО се работело и надвор од работното време, за разлика од останатите обвинителства и дека затоа резултатите биле неспоредливи во полза на СЈО. Работењето не можеше да се измери со часови на прекувремена работа, се работеше и во неработни денови и празници, ангажманот бараше пожртвуван однос и одговорност, а бевме соочени и со закани по живот, закани по безбедноста и на семејствата, наведува Јанева.

Според Јанева, специфичните надоместоци за доверливост таа ги вовела врз основа на специјалната поставеност на СЈО, спецификите на работењето и на материјата и дека биле наведени во финансискиот план кој по формирањето на обвинителството го изготвила. Потсетува дека од ниту еден вработен од СЈО, за разлика од другите обвинителствва, во јавноста досега не излегол каков било доверлив документ или информација. Можноста за посебни надоместоци ѝ ја давал специјалниот закон со кој е формирано СЈО, донесен со двотретинско мнозинство во парламентот, како и со посебниот услов, со согласноста на четирите тогаш најголеми политички партии, кој закон СЈО го дефинира како автономна институција и во кој не се наведени  ограничувања на надоместоците, ниту по вид, ниту по износ. Таа констатира дека не може законските измени во однос на платите и надоместоци на обвинителите и јавнообвинителските службеници, донесени со обично мнозинство неколку месеци по формирањето на СЈО, да ги суспендираат одредбите од специјалниот закон за СЈО.  Такво нешто не е познато во правните доктрини и во правните системи во светот, така и во Македонија, нагласува Јанева.

Таа го потсетува Државниот завод за ревизија зошто било формирано СЈО, наведувајќи дека причините беа во „заробената држава“ и неработењето на институциите, меѓу кои и на обвинителствата, што било нотирано и во меѓународните извештаи.

Јанева смета дека незаконски и присилно била донесена од домашен притвор во Државниот завод, без претходно да биде информирана за тоа. Таа прашува врз основа на кои законски одредби во Државниот завод бил присутен обвинител од организиран криминал и реагира дека ѝ било ускратено основното право - присуство на адвокат. Го поставува и прашањето зошто документацијата, еден дел доверлива, е земена од СЈО без нејзино присуство, па сега, кога треба да се произнесе, нема увид во неа.

Забелешките на Јанева, доставени во писмена форма кон крајот на јуни, по неуспешниот обид да биде сослушана во Државниот завод за ревизија, се објавени во рамки на извештајот на ДЗР, каде се наведува дека нејзините забелешки не се прифатени. Државниот завод за ревизија смета дека исплатата на плати и додатоците во СЈО биле согласни на законската регулатива, но дека посебните додатоци за доверливост не биле во согласност со законите.

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе