Никој нема да одговара оти нема докази

Помина една година откако побегна, а сите спијат мирно за бегството на Груевски

Месецов се навршува една година откако поранешниот премиер, Никола Груевски побегна од нашата држава. Иако челниците на надлежните институции беа полни со самодоверба и уверување дека бегството на експремиерот ќе се реши, се чини дека решението остана само во нивните изјави. Оти во пракса има само индиции, но нема докази. А со основи на сомневање, индиции и без докази, ниту се отвора кривична постапка, ниту има простор за гонење. 

Ветуваше дека нема да бега, бараше да го затворат во замена за сите други обвинети, но на крајот побегна.

„Со задоволство ќе се појавам на секоја покана од судот и едвај чекам да ја докажам својата невиност пред јавноста. Јас сум семеен човек, имам сопруга која е вработена, две малолетни деца кои одат на училиште и двајца возрасни родители на кои допрва ќе им бидам потребен. Никогаш не сум помислил да побегнам“, изјави Груевски во јули, 2017 година пред Апелацискиот суд во Скопје. 

„Никола Груевски, роден на 31 август, 1970 година во Скопје, се бара по меѓународна потерница за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, како и по определена мерка притвор во траење од 30 дена за кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста", ова информација се појави во ноември, 2018 година на сајтот на МВР. 


Поранешниот премиер побегна, тоа го знаат сите надлежни, а го потврдува и фактот што по него е распишана меѓународна потерница која се издава во случај кога некој е во бегство.

Но, Русковска обвини дека Интерпол одбива да ја распише оваа потерница што значи дека Груевски се бара се бара само по домашна потерница, а не и по меѓународна.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека имал намалена доверба во Катица Јанева, некое време пред таа да биде приведена, а за тоа додаде дека удел има и бегството на Груевски.

Сега намалена доверба се чини дека има јавноста, а удел за тоа имаат изјавите на надлежните пред и по бегството на поранешниот премиер.

Министерот Оливер Спасовски во интервју во февруари, годинава изјави дека постојат сомневања и индиции дека повеќе луѓе вработени во МВР, но и на други места, му биле логистика на Груевски при неговото бегство во Унгарија, како и дека бегството на Никола Груевски покажа слабости на системот.

Но, слабости во системот покажаа и резултатите од истрагата за ова бегство.

„Соопштението на Основното јавно обвинителство го видов и тоа не исклучува кривична одговорност. Таксативно се набројани мерките кои се преземени. Нормално дека на крајот на истрагата ќе знаеме кој помогнал. Секако дека постојат инцидии за повеќе луѓе не само во МВР, туку и надвор кои биле логистика. Тоа истрагата треба да го докаже. Убеден сум дека тој процес ќе заврши и ќе дознаеме кој помогнал. Имаме сомневање на повеќе лица, тоа го работиме заедно со ОЈО", рече Спасовски во февруари.

Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за МИА во во јануари, годинава рече дека Груевски територијата на државава ја нема напуштено на било кој граничен премин, дека за овој предмет сослушани се и сведоци, но за да не и наштети на предистражната постапка други детали откри.

Еден месец по ова, обвинителката Вилма Русковска во интервју за белградска „Политика" истакнува дека е убедена оти Груевски ќе го стигне правдата. 

А детали за истрагата на бегството на Груевски откри ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, од каде соопштија дека досегашната истрагата не утврдила постоење кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на обинитеството. 

Премиерот Зоран Заев во интервју дадено за германскиoт весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" (ФАЦ), изјави дека Груевски побегнал скриен во багажник на автомобил кој го изнел од државата.

На ова Груевски му одговори на Заев дека заминал лесно и едноставно, а не скриен во багажникот. 

Иронијата избеганиот премиер ја покажа и на почетокот на оваа година кога  и порача на власта дека остава на нив да откријат како побегнал, бидејќи воделе темелна истрага. 

 За ова бегство се јави и Владата и порача дека сите кои му помогнале на Груевски да побегне ќе застанат пред лицето на правдата. 

 Но, нашите институции на правдата една година не го видоа ниту лицето на Груевски, ниту лицето на оние кои му помогнаа да побегне. 

Последниот период актуелни се изјавите во кои сите зборуваат за тоа како никој не е виновен за бегството на Груевски. 

Премиерот Заев пред една недела изјави дека никој не одговарал за бегството на Никола Груевски, бидејќи за никој не била утврдена вина.

По него, пред само неколку дена обвинителката Русковска рече дека не планира да каже како побегнал Груевски, бидејќи нема докази.  Во интервјуто на новинарско прашање дали спие мирно, таа одговори: „Да, мирно спијам“. 

И, една година по актуелното бегство на поранешниот премиер се чини дека како што надлежните не планираат да кажат како тој побегнал, и Груевски не планира да се врати овде и да се соочи со постапки кои против него ги отвори СЈО. 

Сека овие постапки отидоа во рацете на Русковска, бидејќи го нема ниту СЈО, ниту Катица Јанева. 

 А, Русковска води и истрага за 27 април против Никола Груевски, но е запрена бидејќи тој е во бегство. Но, во своите изјави таа е убедена дека екс премиерот Груевски е главен инспиратор и нарачател за упадот во Собранието и најавува дека обвинителството тоа ќе го докаже.

Поранешниот премиер, а сега азилант Никола Груевски нема да биде екстрадиран од Унгарија, бидејќи не биле исполнети условите за тоа. Оваа одлука ја донесе судот во Будимпешта во јуни годинава.

Но, како што без докази нема кој да одговара за бегството на Груевски, така и без него нема кој да лежи во затвор за пресудите кои му се изрекуваат. 

Истраги се отвараат, постапки траат, пресуди се носат, бегства има, но одговорни и одговори нема.

И, така се во круг. Нека се вртат работите за да има ние медиумите за што да известуваме, а јавноста за што да зборува. 

Оти, очигледно од правниот систем остануваат само изјавите, судските извештаи и архивата кој што кажал, а не кој колку одлежал. 

К. Додевска

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе