На 13 ноември, 2018 поранешниот премиер соопшти дека ќе бара азил

Груевски лани побегна во Будимпешта да си го спасел животот, денес судот на ист ден го спаси од „Траекторија“

Исчезнат, избеган, киднапиран, осуден, ослободен...Таман ќе го подзаборавиме, ете го пак. Поранешниот премиер Никола Груевски, сакал или не, во континуитет е присутен во медиумите. Пред неколку дена потсетивме дека поминува една година од бегството на Груевски, а денес сакајќи да потсетиме дека на 13 ноември, 2018 година тој се јави на социјалните мрежи од Будимпешта, судот не потсети дека за случајот „Траекторија" Груевски нема да мине ниту ден во затвор. 

Но не бидејќи се утврдило дека нема вина, туку бидејќи времето течело во негова корист и случајот застарел.

И додека сите цела година спијат мирно за бегството на Груевски, тој од денес може да спие мирно за обвинувањата за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид каде, според обвинителството ги искористил и ги пречекорил своите овластувања.

Со тоа СЈО утврди дека му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра, а според денешната одлука државата е онаа која ќе треба да ги плати судските трошоци за Груевски. 

Колкава ќе биде сумата за трошоците и колку поранешниот премиер ќе ја чини државата за случајот „Траекторија“ ќе биде соопштено кога ќе се изрекува пресудата за останатите обвинети, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски кои одговараат за злоупотреба на службената положба.

Законот вели дека „Траекторија“ за Груевски застарела, но ова не важи за сеќавањата, бидејќи тие како да не ни застаруваат.

Како вчера да беше кога известувавме дека Груевски треба да се јави во Истражниот затвор во Шутка за „Тенк", па дека ги користи сите правни механизми и правни лекови за да може да го одложи одењето во затвор, за на крајот кога јавноста беше „загрижена" каде исчезнал, да ни испрати порака на Фејсбук да не го мислиме, дека е на безбедно и дека бара политички азил во Унгарија.

Се јави околу 13 часот на Фејсбук дека е во Будимпешта каде бара политички азил поради закани по живот во Македонија.

Тој ден попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, за вечерта на 13 ноември 2018 година пет часа по објавениот фејсбук-статус, и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

И се некако се врти околу 13 ката од која голем дел од луѓето имаат страв. Но, на Груевски оваа бројка како да не му е малер, туку напротив, на овој ден пред една година си замина за, како што самиот обвини, да се спаси од заканите по живот, околу 13 часот соопшти дека е во Унгарија, а денес не само што си го спасил животот, туку на 13 ноември се спаси и од „Траекторија".

И ако 13 како број е составен дел на името на Боки 13, некако како да станува бренд и да го избира Груевски кој сигурно ги памети овие датуми и настани како важни. 

Ние ја паметиме неговата изјава дека нема да бега, го паметиме неговото бегство, судските постапки кои СЈО ги отвори, а кои се намалуваат, бидејќи освен „Траекторија“ на пат да застаре е и случајот со насилството во општина Центар. 

Ќе потсетиме и на некои од рочиштата од „Траекторија“ кои нашата редакција редовно ги следеше. 

Има и „бомби“, вкупно 315 на број, а во дел од нив тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески користи пцовки, а Груевски со насмевка ги слушаше тие делови од прислушуваните разговори

„Никола Груевски, роден на 31 август, 1970 година во Скопје, се бара по меѓународна потерница за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, како и по определена мерка притвор во траење од 30 дена за кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста", ова информација се појави во ноември, 2018 година на сајтот на МВР.

И додека едни постапки се судат без Груевски, други се запираат поради тоа што обвинителството не успеа во законски предвиден рок да докаже, а судот да донесе пресуда за кривичното дело за кое тој се гонеше. 

За што следно во врска со Груевски ќе пишуваме не се знае, но како што тргнало, се чини дека нема да биде дека е во затвор за некое од обвиненијата на СЈО.

Можеби за некоја следна застарена постапка... 

К.Д. 

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе