Истрагата активна од јануари 2019

Исчезнаа парите и златото ама и сторителите, 2 години ни трага ни глас од ограбувачите на сефови во банки

По повеќе од две години од тешките кражби од сефовите во филијалите на две банки во Скопје за кои пишувавме, сѐ уште нема обвинение за овој голем случај. Ниту еден од осомничените лица, членови на криминална група за кои ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага, не е во земјава. Од обвинителството за МКД.мк потврдуваат дека поради недостапност на осомничените лица предметот сѐ уште е под истрага.

Осомничени во овој предмет се седум лица, Руси, Украинци и Молдавци. Но, за сега ниту еден од нив нема да се соочи со лицето на правдата во нашата држава.

Четворица се бараат по потерница, тројца од осомничените се осудени и ја издржуваат изречената казна затвор за ист вид на кривично дело. Од осудените двајца се во Узбекистан и едно лице е во Латвија.

„Предметот за кој покажувате интерес поради недостапност на осомничените лица е уште во истражна постапка. Со наредбата за спроведување на истражна постапка беше доставен и предлог за определување на притвор за осомничените по нивното пронаоѓање. Воедно, беа распишани национални и меѓународни потерници. Во меѓувреме, преку меѓународна правна помош, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, доби информации дека тројца од осомничените се осудени и ја издржуваат изречената казна затвор за ист вид на кривично дело и тоа две лица се осудени во Узбекистан и едно лице во Латвија“, се вели во одговорот на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Надлежниот обвинител преку меѓународна правна помош побара од државите во кои осомничените ја издржуваат тамошната казна, по издржувањето на истата да бидат екстрадирани во нашата држава.

Но, дали и кога тоа ќе се случи никој не знае. Не се знае ниту дали ќе бидат успешни потерниците за останатите четири лица кои се бараат и по национална и по меѓународна потерница.  

И додека осомничените не се најдат пред нашите органи на прогонот, ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не може да подигне обвинителен акт за кривичните дела тешка кражба и злосторничко здружување. 

Според поднесената кривична пријава од Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното ОЈО во Скопје, станува збор за лицата О.П.Д. (33) од Украина, А.М. (37) од Молдавија и В.Ш. (43) од Украина, кои се осомничени дека извршиле 19 кривични дела – „тешка кражба" и кривично дело „злосторничко здружување". Исто така кривично пријавени се лицата В.Б. (48), О.М. (37) државјани на Украина, како и Д.Ш. (49) од Казахстан и С.А. (43) од САД, поради постоење основано сомневање дека извршиле 19 кривични дела – „помагање", а во врска со кривичното дело - „тешка кражба" и „злосторничко здружување".

Со извршените 19 тешки кражби од граѓански сефови во филијали на Шпаркасе банка и на Централна кооперативна банка во Скопје, осомничените се стекнале со противправна имотна корист од 105.638.858 денари во пари, накит и други вредни предмети.

Во банките сѐ течело според законската процедура и никој од вработените, ниту одговорните за безбедноста и сигурноста на парите, не се посомневал дека се работи за организирана банда што ќе им направи милионски суми штети на клиентите (кои се обештетени) што своите пари им ги довериле на банките во Скопје. Влегувале со уреден клуч од свој сеф, излегувале со торби полни пари и злато од туѓи сефови.

Со уредна документација за закупен сеф и со клуч од него, членовите на бандата влегувале во банката, ги минувале безбедносните проверки и биле спроведувани до сефот во кој наводно ги заклучувале вредните работи. Но наместо во своите сефови, тие со клуч, кој според нашиот извор не оставал никаква трага, ниту сомневање за насилно отворање на сефот, ги отворале сефовите на бизнисмени и сопственици на фирми. Тие ја имале и информацијата кои броеви на сефови може да им бидат интересни.

Дали имале крт во банките со кои соработувале или пак преку други методи и извори со кои располагале ги добивале податоците, не се знае.

Но, според податоците од отворената истрага, осомничен вработен од банката нема.

Во делот во кој се отвораат сефовите, безбедносни камери во банките нема поради заштита на приватноста. Камерите ги снимиле разбојниците кога влегувале и излегувале од просторијата, но сѐ течело според законска процедура, оти тие легално си закупиле сеф во банката. Никој не се посомневал дека, наместо својот, отвораат туѓ, полн сеф и од него си земаат пари и злато и си заминуваат. Според нашите извори, штетата што до сега била пријавена изнесува од 2 до 3 милиони евра.

Закупот на сефовите осомничените го правеле во периодот од јули до ноември 2017 година, а до почетокот на март, 2020 година нема ни трага, ниту глас од овие лица кои освен во нашата, вакви слични кражби сториле уште во неколку други држави.

                                                                                                                         К.Д. 

 

 

 

 

 

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе