Нема поведување постапка за оценка на уставноста

Иницијативата на Чавков за амнестијата за „27 април“ отфрлена од Уставен суд

Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови од судиите одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија. Уставните судии кои зборуваа за иницијативата сметаат дека нема место за поведување постапка и оти Законот за амнестија треба да остане во правниот поредок. Со шест наспрема три гласа, уставните судии одлучија да не ја прифатат иницијативата на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој го оспори Законот за амнестија од 2018 година за „крвавиот четврток“.

Тие негативно се изјаснија во дискусијата и се на став дека нема место за постапка за оценување на уставноста на Законот за амнестија по иницијатива поднесена од поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Осудениот на 18 години затвор за „крвавиот четврток" ја оспоруваше донесената Амнестија за настаните од 27 април со која тој не беше опфатен.

Со донесениот Закон за амнестија од вкупно 33 лица кои се најдоа на листата на обвинети за насилството во Собранието од 2017 година, 15 беа амнестирани и ослободени од кривична одговорност.

Судијата известител Владимир Стојановски рече дека не може Уставниот суд да му кажува на Собранието, кое е надлежно да донесе закон за амнестија дали да амнестира или не, како и дека Уставниот суд не може да се стави на местото на Собранието.

Според судијата Стојановски, Уставниот суд не е должен да утврдува дали некому му следува амнестија или не.

И судијата Осман Кадриу на седницата се приклучи на овој став на неговиот колеги и дополни дека ова е иницијатива со мошне чувствителна содржина, а со неа се оспорува Законот за амнестија кој беше донесен.

Чавков иницијативата ја поднел по 3 основи, и тоа дека е лишен од важното уставно право, односно правото на слобода кое по ранг е веднаш по правото на живот, дали во случајот со донесениот Закон за амнестија има дискриминација, односно дали е запазено правото кое го гарантира членот 9 од Уставот и дали на сите учесници им е овозможен ист третман во случајот за „крвавиот четврток" и дали за ист правен настан или различни постапувања кон обвинетите лица.

Кадриу нагласи дека како Уставен суд треба да имаат предвид дека институцијата амнестија постои одамна и е правен механизам, односно акт на милост и дека за неа одлучува само Собранието и според него нема елементи и основи судиите да се сомневаа дека законодавецот врши дискриминација.

Собранието, смета Кадриу има право да одлучи за кои кривични дека ќе даде, а за кои нема да даде амнестија и на седницата го спомена и законот со кој осудени лица се ослободуваа од затвор поради лошите услови.

Кадриу нагласи дека во овој закон можеби повеќе постои дискриминација бидејќи сите осуденици на кои им следуваше амнестија ја издржувале казната во истите тие лоши услови, а тоа е така и денес.

За упадот во парламентот од 27 април 2017 година од 33 обвинети и осудени, 15 беа амнестирани. Чавков беше осуден на 18 години затвор.

Меѓу нив се пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои потоа гласаа за уставните измени и промена на името.

Амнестирани беа и Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа водачи на протестите на „За заедничка Македонија".

 К.Д.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе