Лажни вести

Илјадниците евра на СЈО за „лешници и бадеми“ всушност биле за кирија

Деновиве повторно гледаме како една непроверена информација може да се претвори во лавина од голем број различни интерпретации, пермутации и шпекулации. Медиумите деновиве објавуваа претпоставена „информација“ дека СЈО годишно трошело десетина илјади евра за лешници, бадеми, кикиритки, индиски оревчиња и други „грицки“. Всушност, илјадниците евра биле пари за закуп на простор во кој некогаш имало семкарница.

Од 14 јули 2017 година Специјалното јавно обвинителство плаќа месечна закупнина од 101.700 денари (зависно од курсот на денарот во однос на еврото) за простор во истата зграда на фирмата Чезкомерц доо Скопје. Во тој простор Чезкомерц претходно имал семкарница, чиј бизнис почнал да опаѓа откако во објектот се вселиле „специјалците“.

„Никој веќе не ни влегува во дуќан. Сите се плашат. Мислат дека ако некој ги види, ќе мисли дека се повикани во СЈО“, се жалеа тогаш вработените во семкарницата.

Откако поради брзото ширење на работата на СЈО, се појавила потреба за поголем простор, веднаш било најдено решение за закуп на дополнителен простор, во кој била и семкарницата.

Така, договорот за дополнителен закуп со Чезкомерц во медиумите молскавично се претвори во симбол на „раскалашеноста“ на вработените на СЈО, кои „си грицкаат индиски оревчиња, лешници и бадеми“.

И тоа не е сè. Беа развивани приказни и за плаќањата на СЈО кон „Крка“, каде што исто така се работи за плаќање кирија за деловен простор на оваа фармацевтска компанија кога СЈО во почетокот работеше во објект пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје.

Сепак, по „откопувањето“ на договорот со Крка, веднаш се раширија „информации“ дека „обвинителките пиеле килограми и килограми дијазепами и разни други антидепресивни и антистрес-препарати“.

Од друга страна, откако бившата главна специјална обвинителка Катица Јанева е во притвор, нејзиното обвинителство нема овластено лице за потпис. Вработените во СЈО веќе три месеци немаат плата, објектот е без греење, не се платени ни сметките за струја и вода, ниту пак киријата.

Чезкомерц сега си ги бара и парите за задоцнетите месечни закупнини, а бараат и просторот да им се врати во првобитната состојба.

А.Д.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе