среда, 24 април 2024

Севернокорејска делегација во посета на Иран

Официјална делегација на Северна Кореја, предводена од функционер задолжен за економија, замина за Иран, јави денеска официјалната новинска агенција, по повод ретката посета на делегација на таа земја, што, според експертите, предизвикува загриженост поради зголемената билатерална соработка меѓу двете земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Делегација предводена од севернокорејскиот министер за надворешни и економски работи, Јун Јонг Хо, во понеделникот замина од Пјонгјанг за Иран, објави КЦНА во кусото соопштение без да даде детали за посетата.

Посетата сведочи за намерата на Пјонгјанг да ги прошири и зајакне врските со Техеран, веројатно во форма на снабдување со оружје што ќе ѝ помогне на Исламската Република во конфликтот со Израел, оцени Хонг Мин, аналитичар во јужнокорејскиот институт за национално обединување.

„На оваа посета треба да ѝ се посвети големо внимание со оглед на моменталната ситуација меѓу Техеран и Ерусалим“, рече Хонг Мин, потсетувајќи дека Иран и Северна Кореја се долгогодишни сојузници кои соработуваат во програмите за оружје од 1980-тите.

И како што Пјонгјанг ја снабдуваше Русија со оружје, сега може да го стори истото со Техеран, „во замена за нафта или финансиска помош“, додава аналитичарот. Посетата доаѓа во време кога Северна Кореја ги зајакна воените врски со Москва во последните месеци.

Сеул тврди дека Северна Кореја ѝ испратила на Русија околу 7.000 контејнери со оружје за војната во Украина во замена за веројатна техничка помош во рамки на развојот на шпионска сателитска програма. Русија, меѓу другото, стави вето во Советот за безбедност на ОН на нацрт-резолуцијата за продолжување за една година на мандатот на одборот експерти за надзор на санкциите на ОН воведени кон Пјонгјанг.

Посетата на севернокорејската делегација доаѓа и во време кога Иран за прв пат во својата историја директно го нападна Израел со стотици беспилотни летала, ракети и крстаречки ракети ноќта на 14 април.

Тој напад беше одговор на нападот на Израел на 1 април врз анексот на конзуларната зграда на Иран во Дамаск, во кој беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), идеолошките вооружени сили на Исламската Република, меѓу кои и двајца генерали.

ИРГЦ, првично замислена како чувар на Исламската револуција, стана една од најмоќните паравоени организации на Блискиот Исток, со задача да ги поддржува милитантните организации во Ирак, Либан, Палестинските територии, Сирија и Јемен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ