Ќелијата ќе го почека поранешниот премиер

Груевски денес куртули од затвор, по жалбените одлуки од судот ќе се знае кога ќе оди зад решетки

Поранешниот премиер, Никола Груевски денес нема да оди во затвор бидејќи сѐ уште течат роковите за жалби на одлуката од судијата за извршување на санкции кој одби да му го одложи одењето во затвор. Дел од жалбите од адвокатскиот тим на осудениот Груевски до Кривичниот суд стасале вчера, а дел во текот на денешниот ден.

По ова Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 има законски рок од три дена да одговори на жалбите на Груевски и неговите бранители. Тоа значи дека Кривичниот совет најдоцна до понеделник мора да ја донесе одлуката.

Оваа одлука на Кривичниот совет е правосилна и по неа ќе се знае кога Груевски ќе оди на издржување на затворската казна, со оглед дека претходниот упатен налог според кој Груевски требаше да се јави во Истражниот затвор во Шутка, истекува денес.

Жалбите на адвокатскиот тим на Груевски му го одложија упатот за издржување на досудената казна, а овој рок трае се додека не се донесе одлука по барањата.

Неофицијално, причините поради кои Груевски бара да не оди в затвор се обврските кои ги има како пратеник поради процесите во Собранието поврзани со уставните измени, како и докторатот кој го бранеше летоска, односно врз основа на тоа дека пишува книга.

Последна шанса за да се спаси од целосно издржување на затворската казна Груевски ќе има пред Врховниот суд, каде има можност да поднесе вонреден правен лек, односно преиспитување на правосилна судска одлука. Но, за овој потег тој ќе мора да почека да истече рокот за жалба на првостепената пресуда за „Тенк" кој го има поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бидејќи доказите против двајцата се наоѓаат во една иста папка која не може во исто време да се наоѓа и во Апелацискиот и во Врховниот суд.

Јанкулоска пресудата за „Тенк" во писмена форма ја добила на 22 октомври и оттогаш тече рокот од 15 дена за поднесување жалба до второстепениот суд.

Можност да остане на слобода на Груевски може да му даде и претседателот Ѓорге Иванов ако одлучи да го помилува, но помилувањето нема да го спаси поранешниот премиер од кривичен прогон за останатите неколку судски и истражни постапки во кои тој е обвинет и осомничен.

Вчера пред Основниот суд Скопје 1 се одржа и протест на кој демонстрантите од пред судот се упатија и кај претседателот Иванов и му доставија писмо, во кое, како што изјавија вчера бараат да прекине политичкиот прогон кон Груевски.

Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на казна затвор од 2 години за набавката на луксузниот мерцедес вреден 600.000 евра.

К.Д.

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе