Зекај најгласен во судница, тивок во затвор

Фотографот од „Диво Насеље“ во притвор јаде ресторанска храна и е сам во ќелија

Валдет Зекај (40) од Пеќ, Косово е неправосилно осуден на доживотен затвор за терористичките напади во Куманово. Во судница најгласен, во притвор во Шутка тивок и сам во ќелија. Не сака да има цимер и не јаде од затворската храна. Јадење на Зекај два пати во неделата му се носи од ресторан, а му стасуваат и пакети со храна. И на прошетките на воздух еднаш во текот на денот на шеталиште е сам. Друштво му прави само еден затворски чувар.

Иако во текот на судската постапка имаше адвокат, тој речиси и да немаше потреба од него бидејќи во секој момент знаеше да стане и самиот да подвикне во судница, да каже некоја фраза, барање, а на моменти гласно и со пцовки и погрдни зборови да ги нападне судиите и преведувачите во судската постапка за „Диво Насеље".

Инструкциите на неговиот бранител да се држи до ставките од Законот за кривична постапка Зекај не ги следеше, туку секогаш ја земаше ситуацијата во „свои раце".

Во јавноста во текот на постапката стана познат по реченицата „Господ да ја благослови Америка" која често и гласно знаеше да ја повтори во големата сала на Врховниот суд во Скопје. Една година по завршувањето на првостепената постапка за овој предмет, Зекај повторно се врати во истата судница, но овој пат на јавна седница на Апелацискиот суд. Не им остана „должен" и на второстепените судии на кои, исто така им се обрати со погрдни зборови, пцовки и висок тон. Облечен во црна маичка со ликот на Мајка Тереза тој стана и гласно рече: „Ова е Албанија".

Обвинетиот Зекај и се обрати и на преведувачката од македонски на албански јазик и обратно, на која и рече дека не смее да преведува.

Сега повторно е актуелен со објавените „бомби“ на Ел Чека зад кои, како што вели адвокатот Насер Рауфи стојат токму Зекај, Укшини и Калачи. 

Ел Чека испрати и порака до премиерот Зоран Заев во која вели дека на овие тројца обвинети им се подготвува нешто во притвор. 

Директорот на затворот Ѓоко Котевски вели дека мерки се преземаат и дека можноста на овие лица да им се случи нешто е сведена на минимум. 

Неправосилно осудениот Зекај, како и останатите од „Диво Насеље“ ја чекаат одлуката на второстепениот суд за изречените казни за тероризам. 

К.Д.

 

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе