Во завршните зборови на Обвинителството

Фетаи побара максимални казни за обвинетите за убиството кај Смилковското езеро

Во продолжението од завршните зборови во предметот Монструм во судницата на Кривичниот суд, обвинителката Фатиме Фетаи остана на кривичното дело тероризам, утврдено уште пред преземањето на овој предмет од страна на СЈО. За тројца од обвинетите побара доживотен затвор, за двајца како помагачи во убиството казни од 15 години затвор, односно 10 години.

За убиството на четирите момчиња и рибарот обвинителката Фатиме Фетаи рече дека изборот бил жртвите да бидат Македонци, но дека конкретно мотивите не се познати, а дека крвавиот настан можел да предизвика дестабилизација во земјата и влошување на меѓунационалните односи.

Фетаи побара доживотни затворски казни за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ за дело тероризам, додека за помагачите во убиството за Фејзи Азири 15 години, а за Хаки Азири девет до десет годишен затвор. Таа изрази надеж дека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се избегани, ќе бидат екстрадирани од Косово. За Демири изнесе податок дека од разговорите се дознава дека тој барал брзо да добие пасош и барал тоа да го направи преку познантства, но не успеал и избегал.

За Сами Љута обвинителката рече не се обезбедени докази кои би потврдиле вмешаност во кривичното дело и предложи за него судот да го одбие обвинението.

Притоа, Фетаи рече дека за кривичните дела бара максимални казни предвидени со Кривичниот законик за конкретните дела.

Во однос на „бомбите" од прислушуваните разговори, врз основа на кои СЈО го презеде случајот со петкратното убиство крај Смилковското езеро, Фетаи рече дека овие разговори не откриле друга вистина.

Ниту прислушуваните разговори, ниту исказот на лидерот на СДСМ Зоран Заев не доведоа до промена на вистината, рече обвинителката нагласувајќи дека сѐ што било прибавено како доказен материја, е правилно анализирано.

Во своите завршни зборови напишани на 70 страници, кои ги изнесуваше неколку часови, Фетаи детално ги отфрлаше тврдењата на одбраната дека се работи за монтиран случај од страна на полициски и безбедносни структури.

Таа наведе дека можеби е можно кога се работи за убиство со тврд предмет да се фингираат докази, но дека тоа не е можно кога станува збор за убиство кога има проектили и чаури и впиена крв во земјата од жртвите.

Со научни методи и со вешти лица е утврдено дека убиството е случено на локацијата каде се најдени телата на убиените, рече таа и додаде дека да беа телата донесени од друго место, ќе беа најдени соодветни докази на земјата, од влечење на тела, докази од облека, крв и друго.

Исто така таа го отфрли и тврдењето на одбраната дека автомобилот „опел“ бил во сопственост на полициски структури, наведувајќи дека одбраната имала увид, дека возилото било претходно носено на Косово, па вратено во Македонија и дека на него биле ставени таблички од друго возило, од „мерцедес“.

Фатиме Фетаи два пати повтори дека не би сакала во иднина да има ваков случај, ниту би му посакала на друг обвинител да добие случај на такви убиства.

Одбраната по завршувањето на рочиштето не даде коментари за конкретните делови од завршните зборови на обвинителката Фетаи.

Свои завршни зборови одбраната ќе има можност да даде следниот месец, по што треба да се очекува пресуда на судот.

Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година. Убиени се момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово од каде до сега никако да бидат екстрадирани. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм" го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе