Завршни зборови на Обвинителството

Фетаи побара доживотни казни за обвинетите во Монструм

Во завршните зборови на судењето за случајот „Монструм" обвинителката Фатиме Фетаи побара обвинетите да бидат осудени и нагласи дека не треба да биде дадена пониска пресуда од доживотна. Таа одлучи да го запре гонењето на обвинетиот Сами Љута бидејќи обвинителството не обезбедило доволно докази дека тој е вмешан во петкратното убиство кај Смилковоското езеро. За делото тероризам за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ побара од судот доживотно казни, како и за Хаки Азири и Фејзи Азири за помагање во убиството.

Обвинителката Фетаи, која го работи случајот Монструм од почеток кога тој беше преземен од страна на Специјалното јавно обвинителство, рече дека врз основа на доказите се потврдува дека четирите момчиња и рибарот се убиени кај Смилковското езеро, а не како што тврди одбраната на обвинетите дека убиството било извршено на друга локација по што телата биле донесени кај езерото. Фетаи, рече дека трагите кај езерото, положбата на телата на земјата, крвта на убиените, куршумите и чаурите јасно покажуваат дека убиството е извршено крај езерото и дека тоа научно и со наоди на вешти лица се потврдува. Да беа телата донесени, ќе се најдеше некаква трага, на влечење по земја, материјални докази од облека, крв..., чаурите не може да се фингираат, рече таа.

Врз основа на доказите, од кои дел произлегуваат од мобилните телефони, од листингот на разговори како и од локацијата на обвинетите пред самиот настан, возењето со автомобил, како и исказите на Хаки Азири кои, како што рече, заслужуваат верба и се потврдува вината.

Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата, рече Фетаи, има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова.

Фетаи го отфрли и тврдењето дека возилото „опел омега" било на полициските алфи, нешто што одбраната често го користи во судница, со цел да се исценира инволвираност на полициски структури, нагласувајќи дека нема поткрепа исказ на лице осудено за измама кое тврдело дека било возено од страна на полицајци во автомобил, за кој се сеќава дека бил со таква боја. Обвинителката кажа како „опелот" бил купуван, продаван во Косово, па вратен тука, оставен на складиште кај Арачиново за продажба на делови, а потоа му биле ставени регистерски таблички од друго возило, од „мерцедес".

За наводите дека претходно во постапката не бил дозволен увид во возилото, Фетаи, рече дека е дозволен и извршен увид во предметното возило.

Во однос на загрозениот сведок и тврдењата дека е измислен и дека не постои, Фетаи рече дека четворица обвинители од СЈО имале разговори со него, како и судечкиот судија, но како што нагласи, да беше тој инструиран, ќе имаше јасни искази, а не несигурни и нејасни одговори. Таа нагласи дека е за неверување дека сведокот би говорел на своја штета.

Фетаи го поби и тврдењето на одбраната дека убиените момчиња имале дружби со децата на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и дека затоа биле ликвидирани четирите момчиња, нагласувајќи дека ниту е понуден таков доказ, ниту пак дека има какви било индиции. Со проверка е потврдено дека тие меѓусебно не се познавале, нагласи обвинителката.

Фатиме Фетаи два пати повтори дека не би сакала во иднина да има ваков случај, ниту би му посакала на друг обвинител да добие случај на такви убиства.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово од каде до сега никако да бидат екстрадирани. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм" го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе