Откако признаа вина и се спогодија со Обвинителството

Две условни и една парична казна од 1.000 евра за гинеколозите кои без лиценца дозволија царски рез

Битолското Обвинителство се спогоди со трите осомничени лица, од кои двајца специјалисти гинеколози од Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски" – Битола и странска државјанка која без соодветна лиценца за работа од Лекарската комора во земјата, правела царски рез во Клиничката болница во Битола на први јануари, годинава.

Осомничените го признаа извршувањето на кривичното дело што им се става на товар, па во постапка по предлог спогодби, прифатени од судијата на претходна постапа при Основниот суд Битола, на првоосомничениот му е изречена казна затвор во траење од осум месеци, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.

На второосомничениот му е изречена казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година не стори ново кривично дело и на третоосомничената и е изречена парична казна во висина од сто дневни глоби при што вредноста на една глоба да се определи на 10 евра во денарска противвредност.

Спогодбата е постигната по спроведена постапка, а пред поднесување на обвинителен акт. Од доказите во текот на постапката се утврди дека првоосомничениот специјалист по гинекологија и акушерство на 1.1.2021 година, околу 9:00 часот, како службено лице кое врши работи од јавен интерес – службена должност ги пречекорил границите на своето службено овластување на начин што ја повикал и и дозволил на својата сопруга, третоосомничената, доктор на медицина, странски државјанин која не исполнува услови за вршење на здравствена дејност согласно одредбите на Законот за здравствена заштита, односно нема стекнато лиценца за работа на здравственик работник со високо образование издадена од Лекарската комора на РСМ, да врши здравствени услуги.

Второосомничениот специјалист по гинекологија и акушерство, како службено лице кое врши работи од јавен интерес, не ја извршил својата службена должност на начин што и дозволил на третоосомничената да врши здравствени услуги. Со ваквите дејствија двајцата осомничени и прибавиле корист на третоосомничената изразена во право истата да учествува како оператор при породување со царски рез на пациентка.

Третоосомничената не постапила според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на опасна заразна болест ковид-19 со кои била воведена забрана за движење и посета на болниците за неовластени лица. На обвинетата и биле познати предметните прописи и наредби, но сепак дошла на Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски" – Битола, извршила соодветна подготовка, влегла во операциона сала и учестувала како оператор при породување со царски рез на пациентка.

Дополнително, на 4.1.2021 година, првоосомничениот на Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски" – Битола, во службена книга – Оперативен дневник во кој се внесуваат податоци за извршени оперативни зафати, отстранил 4 страници со што ја оштетил службената книга во поголема мера. Во новоотворениот Оперативен дневник за 2021 година своерачно внел невистинит податок дека при пружењето на здравствена услуга – породување со царски рез на пациентката на ден 1.1.2021 како оператор учестувал второосомничениот, иако не можело да му остане непознато дека овој податок е невистинит бидејќи конкретната интервенција неовластено ја извел тој заедно со неговата сопруга – третоосомничената.

Со преземените дејствија првоосомничениот сторил две кривични дела: „злоупотреба на службената положба и овластување" од член 353 став 1 и „фалсификување службена исправа" од член 361 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Второосомничениот сторил едно кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување" од член 353 став 1 од Кривичниот законик, додека третоосомничената сторила едно кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија" од член 206 од Кривичниот законик.

Во поглед на кривичното дело „надрилекарство" од член 209 од Кривичниот законик кое и се ставаше на товар на третоосомничената, во текот на постапката се утврди дека со решение на Министерството за образование и наука на третоосомничената како странски државјанин и е признат завршен прв циклус на студии и стекнат академски назив Доктор на медицина. Истата има положено специјалистички испит по гинекологија и акушерство на Медицински факултет при Универзитет во Белград и со одлука на Комисија на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје од февруари 2020 година одлучено е третоосомничената да обави дел од турнусите во траење од 12 месеци по што ќе и биде признаено специјализацијата по гинекологија и акушерство како да е стекната во РСМ.

Поради тоа во конкретниот случај отсустуваат битните елементи за постоење на кривичното дело „Надрилекарство", а тоа е сторителот да нема пропишана стручна подготовка и да се занимава со лекување што подразбира континуирано, подолготрајно вршење на такви дејствија.

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе