5 години потоа: осудените за едни терористи, за други уставобранители

Дукоски: „27 април“ на факултетот во Колумбија е пример како не треба да се суди, во Шведска предметот е смешен

„Крвавиот четврток" е прекарот што денот 27 април 2017 година го доби и му остана. Денес, 5 години подоцна, за овој настан, односно за насилниот упад во Собранието, правосилно осудени на затвор се 16 лица. Кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок" испрати зад решетки од 6 до 16 години началник во МВР, поранешен министер за внатрешни работи, полицаец... Мислењата на екпертите денес се неподелени - политички монтиран процес и срам за македонското судство.

Адвокатот Сашко Дукоски, бранител на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, во изјава за МКД.мк за случајот „27 април" вели дека се работи за класично фингиран и политички монтиран процес.

„Се работи за класично фингиран и политички монтиран процес со однапред определени кои лица ќе бидат обвинети. Овој процес почна, се водеше и заврши врз основа на најавата на тогашниот претседател на СДСМ само ден-два по 27 април за отворање на таков процес. По овие изјави беше покренат предмет со таа правна квалификација. Овој предмет ќе влезе во аналите на македонското судство како пример за предмет и начин како не треба да се суди. Особено интересно е што за истиот настан во тек беа обвиненија за многу полесни кривични дела, како учество во толпа, насилство, тешка телесна повреда... За постоење на ова кривично дело потребна е директна умисла и намера за уривање на уставниот поредок. Но тоа во ниту еден случај во текот на постапката не се утврди. Овој случај се изучува на Правниот факултет на универзитетот Колумбија во САД, ама во негативна конотација, за тоа како не треба да се суди", вели Дукоски за МКД.мк.

Тој додава дека т.н. судска амнестија е измислица на нашето „вешто" обвинителство и судство.

„Тука е и ставот на Врховниот суд на Шведска, кој смета дека овој предмет е смешен, политички мотивиран и дека нема никаква поврзаност со терористичко загрозување на уставниот поредок. Затоа еден од осомничените, Дејан Давидовски, доби азил во Шведска и одбиено е барањето за негова екстрадиција од македонските власти. Е тоа треба да нѐ загрижи. Има уште. Во историјата на правото во сите демократски држави е незабележана т.н. судска амнестија. Ова е измислица на нашето 'вешто' обвинителство и судство. Се донесе посебен закон и се даде судска амнестија во текот на постапката по добиено мислење од обвинителството. Во никој случај суд не може да даде амнестија во тек на една судска постапка. И секој што доби позитивно мислење, доби амнестија. Суд тоа не може да го прави. Ова е прв случај во светот. Беа амнестирани ликови за политички цели. Се надевам дека во иднина ваков предмет нема да се повтори", додава Дукоски.

Сличен став дели и адвокатот Драган Пешевски, бранител на Горанче Ангеловски-Ќосето.

„Како адвокат, бранител во повеќе постапки поврзани со 27 април, за мене сѐ уште се нерасчистени неколку моменти од правен, практичен и логичен аспект. Да почнеме со одредувањето на правната квалификација по која обвинителството ги гонеше учесниците во овој настан. Првите, среќниците што одговараа за влезот во Собрание, одговараа за кривично дело учество во толпа, продолжи со кривичното дело спречување на службено лице во вршење на службено дејство (за што првично одговараше еден од моите штитеници Горан Ангелов - Ќосето), па следуваа кривични дела насилство, па убиство, и заврши со големото финале кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Како обвинителството на еден настан случен на едно место, во исто време, му даде пет различни квалификации! За мене до ден денеска ова останува нејасно."

„Тука посебно внимание ќе му посветам на 'големото финале', односно на предметот каде што обвинетите одговараа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Се работеше за интересен состав на обвинети, поделени во повеќе групи: пратеници - политичари, полициско-разузнавачки структури, вработени во Собранието, уметници и петтата, насилничка група. Групите ги потенцирам зашто за време на рочиштата се виде дека првпат се гледаат и се запознаваат, а обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пробуваше да докаже дека сите овие пет групи делувале заеднички, имале умисла и имале заедничка цел да го загрозат уставниот поредок на Република Македонија... Такво нешто не видовме, ниту пак се докажа низ постапката. Каузална врска помеѓу ниту една од групите не постоеше и тоа одговорно го тврдам", вели Пешевски.

Тој додава дека за време на постапката се донесе и законот за амнестија, „ако така може да се нарече".

„Со овој закон, на обвинителството, кое е орган на прогон и ги гони обвинетите опфатени со законот, му се даде право да му даде на судот мислење кој од обвинетите треба да биде амнестиран или не, а судот што ги суди обвинетите да одлучи кој е подобен за да биде амнестиран. И погодете што, амнестирани беа буквално само оние за кои обвинителството даде позитивно мислење, а сите други беа осудени, освен Дурловски (на кој морам да му честитам на храброста). А уште поинтересен беше составот на амнестираните од првото политичко крило, како што јас го нарекувам, кои од најголеми 'патриоти' ладнокрвно си гласаа за промена на името (само Јохан остана доследен). Дејствата на овие политички структури подобни за амнестија се причинско-последична врска за сите понатамошни настани во Собранието."

„Самото судење беше исто така со низа нерегуларности. Судењата беа секојдневни и траеја по 12 часа, време во кое е тешко да се одржи концентрација за квалитетна одбрана. Кога одбраната се побуни на таквите услови (на сослушувањето на тајниот и клучен сведок во постапката како адвокати пробаа да нѐ принудат да запишуваме на колено затоа што немало место, т.е. да коленичиме). 35 адвокати од комората бевме казнети од судечкиот судија со по 1.000 евра парична казна. Правото на одбрана беше флагрантно кршено, а принципот на еднаквост на оружјата помеѓу двете страни, обвинителство и одбрана, беше мисловна именка", појаснува адвокатот.

Во поглед на самата правна квалификација на кривичното дело - „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста", додава тоа подразбира постоење на намера и директна умисла (кај секој сторител) за загрозување на уставниот поредок.

„Вакво нешто во конкретниот случај немаше. Прво, дали беше загрозен уставниот поредок? Не! Уставниот поредок на Република Македонија е содржан во темелните вредности од Уставот на Република Македонија, па ако внимателно ги прочитаме, ќе видиме дека ниту една од тие вредности не беше нападната. Потоа обвинителството тврдеше (а судот прифати и осуди) дека толпата влегла со намера да го спречи изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, иако на ТВ видовме дека толпата влегува по изборот на Талат Џафери... Понатаму можеме да заклучиме дека толпата влегува во Собранието по заклучување на конститутивната седница, значи влегува внатре кога Собранието веќе не работи, па уставниот поредок на ваков начин и е невозможно да биде загрозен... И уште многу небулози. Поради ова морам да заклучам дека во конкретниот случај се работеше за политички монтиран процес, за судење на неподобни или амнестирање на подобни во политички цели. Со овој процес властите покажаа што ќе се случува со оние што не размислуваат како власта и како политичката елита. Еден вид народна кастрација и создавање импотентен народ што не може (читај не смее) да се спротивстави на она што го смета за неправедно, неисправно и гнило. Доколку се обиде, е тогаш 212 години...", дополнува Пешевски.

Спасовски: 27 април е насилниот упад во Собранието, кога требаше да бидат убиени пратениците

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква е состојбата во МВР пет години по настаните во Собранието на 27 април вели дека имаме посебна служба, која не е во составот на МВР, Агенцијата за национална безбедност, формирана е посебна Оперативно-техничка агенција, со што е оневозможено или е сведена на најниско можно ниво можноста за какво било нелегално прислушување. Тоа значи, потенцира Спасовски, дека институциите не можат да ги злоупотребуваат овие системи.

„Ако разговараме за настанот од 27 април, тоа е насилниот упад во Собранието, кога требаше да бидат убиени пратениците и да не се дозволи преземање на власта, нешто што не прилега на едно демократско општество. Ако споредиме тој момент и денеска, ништо не е исто. Сѐ е многу понапредно, и државата и институциите, посебно институцијата со која раководам, а тоа е македонската полиција", изјави Спасовски, по денешната промоција на 73-от реконструиран објект, објектот на ОВР Радовиш, со што почна одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 мај.

Во 2017 година, истакна тој, разговараме за полиција, за служба што ги крши човековите права и слободи, а се сеќаваме, рече, на големата афера на прислушување кога повеќе од 22 илјади граѓани беа прислушувани и им беа кршени човековите слободи и права.

„Ако го земеме самиот настан на 27 април, кога полицијата не реагираше за да го заштити законодавниот дом, пратениците, новинарите и сите што беа внатре, доволно говори дека интересите во тој момент не биле подредени на граѓаните и на државата, туку на нешто друго, дали е тоа политика, дали се одредени личности итн...", изјави министерот Спасовски.

Димитриевски: Правдата не смее да биде селективна, или казна или амнестија за сите

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во врска со крвавиот упад во Собранието што се случи на 27 април 2017 година со насилство врз пратениците истакна дека поминале пет години, а за жал многу работи останале исти, а некои дури отишле и на полошо.


„Правдата не смее да биде селективна, или казна за сите или пак амнестија за сите, за жал, како и секогаш, заглавија само подредените и подведените, додека сценаристот, режисерите и политичарите повторно се извлекоа и се спогодија. Историјата и идните генерации ќе судат кој правилно постапил. Никогаш да не се повтори!", рече Димитриевски.

За едни терористи, за други уставобранители

Според пресудата на Апелацискиот суд, која е правосилна и потврдена, осудените за „27 април" се терористи, а според дел од јавноста, роднините на осудените и експертите, тие се уставобранители.

Со првостепената пресуда судијката Добрила Кацарска досуди вкупно 211 години затвор за 16 обвинети, а обвинетиот Игор Дурловски беше ослободен од кривична одговорност.

Апелацискиот суд Скопје потоа донесе пресуда со која ја потврди првостепената пресуда по однос на вината за стореното кривично дело и делумно ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „27 април". Во одлуката на второстепениот суд се наведува само дека е направена измена во намалувањето на затворските казни.

Апелацискиот суд ја преиначи првостепената пресуда, односно обвинетиот Митко Чавков го осуди на казна затвор од 16 години, обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо на казна затвор од по 14 години, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на казна затвор од по 13 години, обвинетите Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на по 11 години затвор, обвинетиот Оливер Радулов на затвор од девет години, обвинетиот Александар Василевски Нинџа на казна затвор во траење од седум години и обвинетиот Абдуљифета Алими на казна затвор во траење од шест години.

„Првостепената пресуда во делот каде што е ослободен од обвинение обвинетиот Игор Дурловски за кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, обжалена од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, ја потврди", објави тогаш во соопштението Апелацискиот суд.

Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб-страницата на Апелацискиот суд Скопје во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Со првостепената пресуда, Митко Чавков доби 18 години затвор, Душко Лазаров 15 години затвор, Горан Ѓошевски-Леви 15 години, Митко Пешов 15 години затвор, Оливер Поповски 13 години, Мунир Пепиќ 15 години, Абдуљфета Алими 7 години, Оливер Радулов 10 години, Јане Ченто 15 години, Игор Југ 12 години, Александар Василевски-Нинџа 8 години, Никола Митревски-Кољо 15 години, Младен Додевски 12 години, Горанче Ангеловски 12 години, Влатко Трајковски 15 години и Вилијам Михајловски 14 години.

Оваа пресуда ја изрече судијката Добрила Кацарска. Таа на крајот на минатата година со 61 глас за и во отсуство на опозицијата, од Собранието беше избрана за судија во Уставниот суд, по предлог на Судскиот совет. Ќе има мандат од девет години.

А.Д.

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе