Врховниот суд бара реконструкција на настан од пред 6 години

Досие Убиство во Ѓорче: Ладнокрвен смртоносен убод со нож или нужна одбрана

Настанот што од кражба на велосипед се претвори во бркотница, заврши со смрт со вознемирувачка снимка од последните мигови од животот на матурантот. Убиството на матурантот Ангел Петковски, подзаборавен, но многу трагичен настан. Можеби ќе си речете дека сите убиства се трагични и ќе бидете во право, но не постојат снимки за сите убиства од последните мигови од животот. Во судското досие за предметот што се однесува на убиството во Ѓорче Петров, кое се случи на 19 мај 2014 година, постои видео, кое е дел од доказниот материјал и на кое се гледа како матурантот ја губи свеста и умира на рацете на својот татко.

Оваа снимка во март 2018 година беше пуштена во судница во Основниот кривичен суд во Скопје и на неа не останавме рамнодушни ниту ние новинарите, ниту кој било присутен во судницата. Со одлука на судот мајката убиеното момче не присуствуваше на ова рочиште, но присутни беа неговиот татко и неговиот дедо. Снимката ја гледаше и обвинетиот Насер Ештрефи.

Настанот, според обвинителниот акт, почнал со кражба на велосипед, а заврши фатално за младото момче од Ѓорче Петров. Но снимка од кражбата на велосипедот, како и од тепачката во која Ангел бил избоден со нож, како последица на што подоцна починал, нема.

Убиениот Петковски и обвинетиот Ештрефи беа врсници. Но додека едниот е жив во затворот во Идризово, другиот почина три дена откако ја прослави својата матура.

Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на оштетеното семејство, во текот на првостепената судската постапка во судница ќе каже: „Ангел Петковски никогаш веќе нема да учи. Ангел Петковски никогаш нема да заврши факултет. Ангел Петковски никогаш нема да се ожени. Ангел Петковски нема иднина, нема, поради обвинетиот“.

Дарко Јакимовски, обвинителот што го застапува обвинението за овој предмет изјавува дека смислата на животот на родителите на Ангел и неговиот брат е поделена на два дела, пред и по загубата на нивниот син и брат, и дека фрапира рамнодушноста на обвинетиот, кој ниту призна, ниту се покаја, ниту изрази жалење за настанот.

Наспроти ваквите изјави, од страната на оштетените, изјавите на одбраната се во сосема друга насока. Адвокатот на обвинетиот Ештрефи, Ангел Ѓорѓиев, ќе каже дека вината за настанот треба да се лоцира на друго место, кое судот, како што рече, ќе го препознае без тој да го коментира.

Обвинението ова го нарече „гола претпоставка“, која е апсолутно недокажана.

Клучниот сведок и единствен директен очевидец, таткото на Ангел, Сашо Петковски, адвокатот Ѓорѓиев го оцени како пристрасен. 

Тој истакна дека е неоспорно дека во случајот со Ештрефи станува збор за нужна одбрана, откако, како што рече, тој бил нападнат од Ангел и од неговиот татко.

Обвинетиот бил пресметлив, но истовремено бил во афект и кај него била присутна силна раздразливост, а замавнувал неконтролирано со цел да го спаси сопствениот живот.

Обвинетиот Ештрефи не додаде ништо конкретно туку само остана на она што го кажа неговиот адвокат.

Обвинение за тешка кражба и убиство со умисла

Основното јавно обвинителство Скопје покрена обвинение против 19-годишниот Насер во ноември 2014 година. Осомничен е за кривичните дела тешка кражба и убиство со умисла.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши во целина истрагата за убиството на матурантот во населбата Ѓорче Петров. Врз основа на утврдените факти и докази во предметот поднесе Обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 против едно лице за сторени кривични дела Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 и Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија, објави тогаш Обвинителството. Тој се сомничи дека на 19 мај 2014, откако го украл велосипедот од дворот на семејството Петковски, при што бил забележан од таткото на Ангел, побегнал кон пешачкиот мост што води кон Сарај.

На патеката на насипот го пречекале таткото на Ангел, кој го блокирал патот за обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел, кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Притоа, вели судот, обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од таткото на Ангел со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега. Таткото и Ангел се упатиле до Европската очна болница да побараат медицинска помош, но како резултат на повредите од убодната рана дошло до брзо и обилно внатрешно и надворешно искрвавување и развиток на хеморагичен шок, што довело до смрт кај Ангел, на скалите пред Болницата, дополнија тогаш од ОЈО Скопје.

Првостепената постапка заврши со 14 години затвор за Ештрефи

Судењето за случајот со убиството на Ангел почна на 22 јануари 2015, беа испитани голем број сведоци и беа презентирани голем број докази, но ножот со кој е сторено убиството не е најден, иако според обвинителството теренот веднаш по трагичниот настан бил детално пребаран. Обвинетиот тврдеше дека ножот веднаш по убиството го фрлил на самото место на настанот. Постапката за овој предмет ја водеше судијата Илија Трпков. Кога во јуни 2015 тој ја изрекуваше пресудата, појасни дека како совет внимателно ги ценеле доказите на двете страни, и на Обвинителството и на одбраната.

Олеснителна околност е тоа што се работи за млада личност, додека отежителна е тоа што веќе е правосилно осуден за кражбата на велосипедот, која му претходи на убиството, а кое кривично дело Ештрефи го призна во самиот почеток на судењето и доби условна казна. За убиството на Ангел пресудата беше затвор од 14 години.

Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда

Апелацискиот суд во Скопје одлучи дека жалбата на првостепената пресуда поднесена од бранителот на обвинетиот е неоснована и, како таква, ја одби. Со тоа Апелацискиот суд во Скопје се согласи со првостепената пресуда и на 18 февруари 2016 година одлучи да ја потврди. Со тоа таа стана правосилна.

Ештрефи е осуден за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, па согласно со овој член, и членовите 3, 4, 7, 29, 30, 31, 32, 33, 35 и член 39.

Според член 47 од Кривичниот законик, во изречената казна затвор на обвинетиот му е пресметано и времето на лишување од слобода и времето поминато во притвор, и тоа сметано од 19 мај 2014 до правосилноста на пресудата.

Врховен ги укина и двете пресуди и нареди реконструкција на убиството

По одлуките на првостепениот и второстепениот суд, осудениот Насер Ештрефи преку бранителот Ангел Ѓорѓиев, до Врховниот суд поднесе навремено барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на Кривичниот законик на штета на осудениот од членот 416 од Кривичниот закон. Причина за поднесеното барање, според адвокатот, е тоа што Ештрефи дејствијата ги презел во состојба на афект со висок интензитет, односно во состојба на силна раздразнетост, и неговата реакција била во заштита на неговиот телесен и психолошки интегритет.

Осудениот дејствијата ги презел во состојба на пречекорување на нужна одбрана, која е факултативна основа за поблаго казнување. Понатаму, не е утврдено постоењето на умислата, како облик на вина, т.е. субјективниот елемент за постење на битието на делото. Во барањето се предлага тоа да се уважи, првостепената и второстепената пресуда да се укинат и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно судење и одлучување.

Врховниот суд во совет составен од в.д. претседателот на судот Фаик Арслани -
претседател на советот и судиите: Џемали Саити, Цветанка Периќ, Мирјана Лазарова Трајковска и Наке Георгиев - членови на советот на 30 септември годинава на одржана седница одлучиле да го уважат ваквиот предлог.

Врховниот суд оценува дека во првостепената и второстепената пресуда, со кои осудениот е огласен виновен и осуден за предметното кривично дело, нема доволно образложени причини за сите решителни факти и околности во врска со
кривично-правниот настан, поради што се доведува во прашање и правилната примена на материјалното право.

„Во конкретниот случај, заради правилно утврдување на фактите и
околностите во врска со кривично-правниот настан, првостепениот суд не извршил реконструкција на местото на настанот во присуство на вешто
лице, со цел утврдување на положбата на сега покојниот и неговиот татко
С.П., од една страна, и осудениот од друга, во поглед на растојанието на
истите, како и начинот на преземените дејствија од страна на осудениот.
Сето ова било потребно за да се утврди состојбата и динамиката на
овој кривично-правен настан, како и хронологијата на дејствијата на сите
учесници, а во насока на фактот кој прв нападнал, дали постои одбивање
на евентуален противправен напад, на кој начин и со кој интензитет,
околности на кои се повикува одбраната во поднесеното барање за
преиспитување на правосилна пресуда, поднесено пред овој суд.
Согласно со Законот за кривична постапка, судовите се должни да ги
изведат сите предложени процесни дејствија што одат во насока на
утврдување на спорните прашања, односно факти и околности во врска со
кривично-правниот настан“, се вели во пресудата на Врховниот суд.

Во конкретниот случај реконструкцијата како процесно дејствие, предложена од страна на одбраната, а со цел да се утврдат правно релевантни факти во однос на вината и степенот на кривичната одговорност на осудениот, може да влијае на исходот на оваа постапка.

Врховниот суд смета дека првостепениот суд не дал релевантни причини за одбивањето на предлогот на одбраната за реконструкција на настанот.

„Во контекст на наводите на одбраната изнесени пред овој суд, кои се однесуваат на повредите на Кривичниот законик на штета на осудениот од член 416 од Законот за кривичната постапка, овој суд смета дека преземањето на ова процесно дејствие, заедно со останатите докази, е од суштинска важност, особено по однос на субјективниот однос на осудениот, а со тоа и утврдувањето на хронологијата на дејствијата и динамиката на настанот, притоа во целост исполнувајќи го начелото на фер и правично судење, со целосно почитување на правото на одбрана на осудениот и еднаквоста на оружјата. Од списите на предметот произлегува дека вештите лица и техничкиот советник, биле усогласени во поглед на фактот, дека за време на кривично-правниот настан, кај осудениот постоел силен афект или афект од висок интензитет, односно зголемена афектна реакција од страв, предизвикана од ситуацијата во која тој се наоѓал. Во ваква афективна состојба бил осудениот, откако по упатувањето кон пешачкиот мост, каде што на патеката на насипот го пречекале сведокот Сашо Петковски, кој го блокирал патот, осудениот да не побегне кон мостот и сега покојниот Ангел Петковски, кој го блокирал патот, осудениот да не побегне по патеката во правец на реката Вардар, по што доаѓа до непосреден контакт, како во описот од првостепената пресуда“, се додава во пресудата на Врховниот суд.

Во овој контекст, Врховниот суд вели дека во конкретниот случај не е со сигурност утврдено дали ментално-психичката состојба во која се наоѓал осудениот за време на кривично-правниот настан, постоела непосредно пред употребата на ножот врз сега покојниот, на кој му е нанесена една убодна рана во текот или по настанатата расправија, ниту пак со сигурност е утврден редоследот и времетраењето на противправното дејствие, притоа имајќи го предвид исказот на таткото на убиеното момче и исказите на останатите сведоци и другите докази од кои би се утврдиле релевантни факти, во однос на олеснителни и отежнителни околности.

Поради сите овие причини Врховниот суд донел одлука предметот да биде вратен на повторно одлучување. Според напатствијата, при повторното постапување, потребно е првостепениот суд да ги преземе сите потребни процесни дејствија и на сигурен, јасен и недвосмислен начин да ги утврди решителните факти и околности на кривично-правниот настан.

Покрај тоа, потребно е повторно да изврши оценка на веќе изведените докази и фактите што ќе произлегуваат од реконструкцијата на настанот, за да се отстранат евентуалните спорни прашања и со сигурност да ги утврди правно релевантните факти, а потоа да донесе правилна и законита одлука.

Насер Ештрефи е во затворот во Идризово и за него се бара притвор

Насер Ештрефи во моментов се наоѓа во затворот во Идризово. Тој е таму од февруари, 2016 година, односно од правосилноста на пресудата. Обвинителството за него со одлуката за повторување на постапката бара нов притвор. Сега, со одлуката на Врховниот суд ќелијата во Идризово може да ја замени со ќелија во Истражниот затвор во Шутка, ако му биде определена мерка притвор или со денови надвор од затворските решетки, ако судот одлучи да го пушти да се брани од слобода.

Дали ќе се брани од слобода или ќе биде пак во притвор, треба да одлучи судот. Но не само за обвинетиот - одлуката на Врховниот суд е нов момент и за родителите на убиеното момче, кои повторно ќе треба да се присетуваат на настанот и да се соочат со Ештрефи во судница. Овој предмет треба да биде распределен кај судија за понатамошно постапување, а ќе биде и ќе треба да се закаже и термин за нов почеток на повторената судска постапка. Ако за оваа постапка се прави реконструкција како што наложи Врховниот суд, тогаш целата судница, односно судиите, обвинител, обвинетиот, адвокатите... ќе треба да застанат на местото на убиството и според доказите со кои располагаат, да се обидат да го „оживеат“ настанот и случувањата што завршија кобно за матурантот Ангел.

Катерина Додевска

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе