Детали од обвинението на Русковска

Јанева падна во „Рекет“ за 50.000 евра слушајќи ги наредбите од Боки 13

Катица Јанева, Бојан Јовановски Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец се имињата на осомничените со кои Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја затвори првата почната истрага за случајот „Рекет". На 10 октомври обвинителката Вилма Русковска го поднесе до судот обвинението во кое на три страници се опишани дејствијата за кои таа ќе ги гони осомничените. Дејствијата се од ноември лани, до оваа година во април.

Според обвинението, Катица Јанева требало да даде позитивно мислење за укинување на мерката притвор на бизнисменот Орце Камчев во „Империја“, а за тоа тој требало да плати 1 и пол милион евра. Русковска не утрвдила како се спријателиле Јовановски и Јанева, но како што се вели во обвинението за сторување на кривичните дела наредби давал Јовановски, а Јанева требало да ги реализира.

Иако бил невработен, трошел милиони за луксузна гардероба од Луј Витон, Версаче, Гучи, Шанел и Прада, но и за уметнички слики од Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Мерсад Бербер, за ексклузивен мебел… Во обвинението пишува и дека Бојан Јовановски и Зоран Милевски- Кичеец ги договарале средбите со Орце Камчев, а Катица Јанева, како прв човек на СЈО,  прифатила Јовановски да ја врши целата работа, а таа земала дел од парите.

„Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев, Јанева доставила предлог за куќен притвор за Камчев, што Судот го прифатил, а по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева дала писмена согласност за времено враќање на пасошот на Камчев. Јанева при тоа, велат од ЈОРМ, за себе прибавила имотна корист - мебел од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра“, пишува во обвинителниот акт.

Во обвинението пишува и тоа дека Јовановски и Кичеец го посетувале Камчев во неговиот дом за да го убедат во влијанието што го имал Јовановски врз Катица Јанева. За обвинителството Јанева издавала доверливи информации во врска со случајот „Империја“ со што специјалната обвинителка ги пречекорила своите службени овластувања.

 Јанева давала ветувања дека има големо влијание врз обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“, дека можела да го направи Камчев заштитен сведок или пак во целост да го отфрли овој случај.

За ова Боки 13 и Кичеец од Камчев побарале 8 милиони евра во замена за негово ослободување од притвор. Јанева давала доверливи податоци од истрагата и постојано велела дека во врска со предметот Стефанова ќе постапува по нејзин налог.

Но, обвинителката Стефанова целосно се огради од ова, а и по предавањето на предметите од СЈО во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ја овласти таа да продолжи да постапува во предметот „Империја“.

Скопскиот Кривичен суд деновиве треба да одлучи дали ќе го прифати обвинението и ќе определи датум за судење.

Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и перење пари, а Милески-Кичеец само за примање награда за противзаконито влијание.

„До Основниот кривичен суд е поднесен Обвинителен акт против три лица, македонски државјани. Две од обвинетите лица се теретат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание", a на првообвинетиот му се става на товар и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело". Второобвинетото лице се терети дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување", стои во соопштението на ЈОРМ .

Јанева и Јовановски се во Истражниот затвор во Шутка, а Милевски е во куќен притвор. 

Двајцата во ќелија, а еден од дома ја чекаат правосилноста на обвинителниот акт, по ова и датум за судско рочиште, ако судот ги прифати опишаните дејствија на Русковска. 

Јанева ќе треба да влезе во судница но овој пат, наместо лево од обвинетите на столчето за гонителите на криминалот, ќе седи во централниот дел , очи во очи со судијата во својство на осомничена. Наместо таа да испрашува, ќе ја испрашуваат неа, наместо да чита обвинителан акт, сега ќе треба да слуша што Русковска напишала за наводниот криминал кој треба да го докаже пред судот. 

Улогите се менуваат, а она што е најапсурдно е тоа што Јанева од специјален јавен обвинител во кој голем дел од граѓаните гледаа надеж, буквално „падна на колена“ и си го сруши авторитетот кој од СЈО го однесе со себе во затворот во „Шутка. 

К.Д.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе