Кривичен суд

Денеска се очекува пресудата за Сашо Мијалков во случајот „Таргет- Тврдина“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за случајот со масовното нелегално прислушување во Македонија, наречен „Таргет-Тврдина“. Првообвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Обвинителката Ленче Ристоска, минатата недела во завршните зборови за главниот предмет за незаконското прислушување кое се вршело од 2008 до 2015 година побара максимални казни за Мијалков, како и за останатите обвинети.

Мијалков неделава два дена беше во бегство, по што се врати и е во домашен притвор. Тој изјави дека бил болен, имал висока температура и заминал во изолација. Штом слушнал за потрагата по него, веднаш се појавил во обвинителството, каде што му беше врачено решението за куќен притвор, коешто му беше изречено поради сомнеж за бегство. Мијалков тврдеше дека не планирал да бега. Од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека тој сепак побегнал во Белград и по преговорите со премиерот Зоран Заев Мијалков се вратил во Скопје.

Под контроверзни околности барањето на Обвинителството за затворски притвор беше заменето со куќен за поранешниот директор на УБК откако истиот два дена не беше достапен за органите на прогонот.

Јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска рече дека Мијалков преку посредници побарал да се пријавил токму во Обвинителството за организиран криминал и корупција. За повлекувањето на жалбата за затворски, наместо куќен притвор, таа рече дека тоа е сторено за да не се губи време.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека никој не преговарал со Мијалков и дека очекува денешната судска одлука да го потврди тоа. Спасовски тврди дека никој не преговара за ништо и не преговарал со Мијалков за тој да се предаде и оти изрекувањето на пресудата во петок е работа на судот, а тоа ќе ги расчисти сите овие, како што рече, можни дилеми за тоа.

Обвинителката Ристоска во завршниот збор рече дека неспорно докажале дека обвинетиот Грујевски ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Тони Јакимовски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетата Гордана Јанкулоска сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетиот Никола Бошковски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Сашо Мијалков сторил кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. Според обвинителството, Надица Николиќ сторила кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, сториле кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”, како и дека обвинетата Валентина Симоновска, сторила кривичнo делo „фалсификување службена исправа“.

„Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи ги предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“, образложи обвинителката Ристоска.

Адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, бранителот Миле Петровски, пак, во завршните зборови истакна дека теоријата на обвинителството во случајот „Таргет-Тврдина”, против неговиот клиент, е само теорија заснована на недокажани претпоставки.

Агенцијата за национална безбедност има имотно-правното побарување од 1.418.897 евра за штетата од уништувањето на опремата за прислушување.

Судењето по предметот почна на 22 декември 2017 година. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.

Во 2019 Мијалков беше осуден на тригодишна затворска казна са случајот „Титаник 2“ за местењето на изборни резултати, но Апелацискиот суд ја укина пресудата на Основниот суд поради „незаконита и неправилна постапка“.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе