Кривичен суд

Денеска почнува судењето за „Рекет“, Катица Јанева и Боки 13 по 4 месеци ќе се видат во судница

Денеска во Кривичниот  суд во Скопје почнува судењето за случајот „Рекет“. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева нема да признае вина. Одбраната на Јанева е децидна во ставот дека Русковска нема докази против Јанева, па поради тоа нема причина да го користат законското право поранешната шефица да признава вина во моментот кога ќе биде прашана пред почетокот на судскиот процес.

Јанева во текот на судската постапка ќе докажува дека обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска нема докази што укажуваат дека таа го сторила кривичното дело за кое ја гони ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. 

Јанева од пред неколку дена е во куќен притвор, откако Апелацискиот суд донесе одлука дека мерката притвор во текот на постапката може да се замени со поблага мерка за обезбедување присуство. Таа беше во притвор од 21 август кога беше приведена поради инволвираност во случајот „Рекет“. Во текот на истрагата таа не даде исказ.

Јанева, според обвинителниот акт, падна во случајот „Рекет“ за 50.000 евра слушајќи ги наредбите на првообвинетиот Бојан Јовановски. 

Во оваа постапка освен Јанева и Јовановски, обвинет е и Зоран Милевски, кој исто така е во куќен притвор.

За сега во притвор е само Јовановски, за кого Апелацискиот суд деновиве треба да донесе одлука. 

За денеска е закажан почетокот на судскиот процес за случајот „Рекет“. Според обвинението, Катица Јанева требало да даде позитивно мислење за укинување на мерката притвор на бизнисменот Орце Камчев во „Империја“, а за тоа тој требало да плати 1 и пол милион евра.

Русковска не утврдила како се спријателиле Јовановски и Јанева, но како што се вели во обвинението, наредбите за извршување на кривичните дела ги давал Јовановски, а Јанева требало да ги реализира.

„Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев, Јанева доставила предлог за куќен притвор за Камчев, кој Судот го прифатил, а по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева дала писмена согласност за привремено враќање на пасошот на Камчев. Јанева при тоа, велат од ЈОРМ, за себе прибавила имотна корист - мебел од 296.040 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра“, пишува во обвинителниот акт.

Обвинителката Вилма Русковска на 10 октомври го обвини Јовановски за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. Јанева ја обвини за „злоупотреба на службената положба и овластување“, а Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.

Предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судијката Васка Николовска - Масевска. 

К.Д.

 

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе