Јавната седница се одржа пред 9 месеци

Дел од судиите на одмор, обвинетите зад решетки чекаат одлука по жалбите на пресудата за „27 април“

Апелацискиот суд сè уште нема донесено одлука по жалбите поднесени на пресудата за настаните од 27 април со која Основниот суд Скопје 1 изрече затворски казни од вкупно 211 години за 16 лица. Иако јавната седница за овој предмет беше одржана на крајот на мај, минатата година односно пред речиси 9 месеци, сепак одлука нема.

Од Апелацискиот суд во Скопје за МКД.мк велат дека се очекува одлуката да биде донесена до крајот на месецов. Во моментов додаваат од второстепениот суд, дел од судиите кои треба да учествуваат во носењето на одлуката се на одмор и петорката не е комплетна.

„Работиме на предметот и се разгледуваат жалбите. Знаете дека се работи за обемен предмет и дека веќе неколку пати дел од судиите беа отсутни и поради состојбата со ковид-19, но и поради други причини. Сега по празниците дел од судиите се на одмор и ќе се вратат на работа деновите. Потоа ќе се комплетира петорката и ќе се доодлучува за овој предмет кој, секако веќе е разгледан", велат од второстепениот суд за МКД.мк.

Одлучувачкиот состав не беше комплетен и пред неколку месеци кога дел од судиите беа во изолација или заразени со ковид-19, и поради тоа во Апелацискиот суд во Скопје за заштита од заразата беа воведени рестриктивни мерки.

Во последниот одговор пред еден месец второстепениот суд посочи дека би можело одлуката да биде донесена пред завршување на минатата година, но речиси еден месец потоа нема одлука за жалбите.

Во судскиот совет кој треба, согласно доказите наведени во жалбите и оние во предметот да пресече дали првостепениот суд донел праведна одлука, се судиите Татјана Дуковска, Енвер Беџети, Лидија Чачева, Ѓоко Ристов и претседателот на петорката Јани Нича.

Дел од овие судии по новогодишните и божиќните празници користат годишни одмори и петорката овој период не може да одлучува бидејќи е некомплетна. Откако ќе има завршат одморите и ќе се вратат на работа треба да одлучат дали ќе ја потврдат одлуката која ја донесе судијката Добрила Кацарска или пак, ќе го вратат предметот на повторно одлучување.

Дел од обвинетите за овој случај по изречените казни на нивно барање беа префрлени во затворот во Идризово, а дел се во притвор во Истражниот затвор во Шутка.

Јавните седници за овој предмет беа одржани кон крајот на мај, минатата година.

Тогаш неправосилно осудените побараа од второстепените судии да ја укинат пресудата која ја донесе судијата Добрила Кацарска од Основниот кривичен суд во Скопје и предметот да биде вратен на повторно одлучување.

По одржаните јавни седници второстепениот суд требаше во најкус можен рок да донесе одлука по овој предмет, но поради состојбата со ковид-19 овој рок беше пролонгиран.

Апелацискиот суд Скопје во јуни, лани поради заболен со ковид-19 во судот ги одложи сите јавни седници и ги испрати вработените во изолација. По ова дел од судиите од Кривичниот оддел беа на боледување.

Овие случувања во судот ги одложија и одлуките на поднесените жалби на пресудите за „27 април", но и на другите предмети. Сега се чека судиите да се вратат од одмор, па да одлучат.

На 15 март, пред две години судијката Добрила Кацарска ја донесе следнава пресуда: Митко Чавков доби 18 години затвор, Душко Лазаров 15 години затвор, Горан Ѓошевски-Леви 15 години, Митко Пешов 15 години затвор, Оливер Поповски 13 години, Мунир Пепиќ 15 години, Абдуљфета Алими 7 години, Оливер Радулов 10 години, Јане Ченто 15 години, Игор Југ 12 години, Александар Василевски-Нинџа 8 години, Никола Митревски-Кољо 15 години, Младен Додевски 12 години, Горанче Ангеловски 12 години, Влатко Трајковски 15 години и Вилијам Михајловски 14 години.

Казните беа изречени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста".

За овој предмет се расправаше и во Уставниот суд по иницијатива поднесена од неправосилно осудениот Митко Чавков.

Иницијатива беше уставните судии беше да поведат постапка за за оценка на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија. Судскиот процес за настаните во собранието од 27 април 2017 година почна во август 2018 и е еден од најголемите процеси во македонското судство.

Во почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа учесници во упадот во парламентот, а некои и во нападите врз пратениците на актуелната власт.
Но по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица, а за еден обвинет постапката е одвоена.

Судбината на оние кои останаа во предметот и за кои беше изречена првостепена одлука сега е во рацете на второстепениот суд, чија пресуда откако ќе се донесе станува правосилна.

К.Д.

 

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе