На завршните зборови на обвинителството

Чавков не го тргна погледот од Рускоска во судница, таа го „разголи“ со докази

Како да се справат со ситуацијата со толку малку полициски службеници, зошто не биле ангажирани полициски службеници колку што налагале случувањата на 27 април, 2017 во Собранието на Република Македонија, зошто директорот на БЈБ, Митко Чавков не издал наредба за постапување и справување со насилството, туку дозволил ситуацијата да ескалира... ова беа дел од прашањата кои ги постави во вчерашните завршни зборови обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска.

Обвинителката Рускоска најдолга листа на факти кои, како што рече произлегуваат од доказите во текот на судскиот процес, имаше за носителот на златната команда, Митко Чавков.

Тој, пак седнат на средина од судницата во новата зграда на Основниот суд Скопје 1, не го тргна погледот од неа, додека од време на време го муртеше челото и фаќаше прибелешки.

„Сведокот Горан Ѓоргиевски во својата изјава на главна расправа наведе дека по 19 часот му се јавил Сашо Митевски Хитлер и го известил дека масата народ е влезена во Собрание, по што тој веднаш му се јавил на директорот Митко Чавков и го известил за ситуацијата. При тоа тогашниот директор на БЈБ го информирал дека за подобра координација и командување со силите, тој како директор на БЈБ координира и дека тој веќе воспоставил контакт со Митко Пешов и дека се што има во база да се исфрли надвор пред Собрание, ама никој не дал наредба да се повикаат од дома припадниците на посебните и специјалните единици. Ова произлезе и до сведочењето на Маријан Петковски, тогаш командант на Единицата за брзо распоредување. Во својот исказ тој наведе и дека се потребни најмалку 45 минути припадниците од неговата единица да стигнат на работа, и тоа само оние кои живеат во Скопје", рече во завршен збор Рускоска.

Од исказите на овие сведоци, дополни обвинителката, произлегува дека обвинетиот Митко Чавков воопшто немал намера да издаде навремена команда за ангажирање на дополнителни специјални полициски сили, а ова нешто кажува дека ништо што се случувало тој ден не било случајно.

„Сведокот Агим Нухиу, тогаш министер за внатрешни работи во својата изјава наведе дека во периодот околу 18 часот во неколку наврати му испратил пораки и го барал на мобилен Чавков за да го праша дали е во тек со ситуацијата пред Собранието, но Чавков не му се јавувал. Сведокот Нухиу му испратил порака и го прашал: „Директоре, дали ги следите дебатите во Собранието? Има ли можност ситуацијата да ескалира?“, на што добил одговор во 18:04 со содржина „Немам можност, за сега е под контрола. Надвор нема проблеми“. На наредната порака на Нухиу пратена во 18:58 до Чавков со содржина: „Директоре, нема доволно полицајци. Сите влезови се блокирани“, на што не добил одговор. По ова го барал Чавко, но не му се јавил. По пристигнувањето на Чавков во Штабот на МВР некаде по 20 часот, откако Нухиу го прашал каде е до сега, зошто не одговара на повиците и му рекол дали видел што се случува во Собранието, Чавков му одговорил: „Што ако ме прашуваш. Што мислиш што се случува? Ништо, народ се случува.“, со агресивен тон“, рече во завршен збор Рускоска, цитирајќи дел од доказите. 

По ова обвинителката во врска со доказниот материјал кој обвинителството го има против Чавков појасни дека Нухиу во својот исказ дополнува дека од моментот на пристигнување на Чавков во Оперативниот штаб, поминало околу половина час и немало наредби од страна на директорот, односно раководителот на Штабот, гледале телевизија. 

Обвинителката Рускоска уште еднаш го повтори одговорот на Чавков цитирајќи:

„Ништо не се случува, народ се случува“. 

По исказите на овие сведоци Рускоска продолжи со исказот на обвинетиот Александар Василевски Нинџа кој наведе дека Чавков се наоѓал во Штабот на ВМРО-ДПМНЕ од каде контактирал со Митко Пешов и со Ивица Вучевски и на двајцата им давал телефонски насоки да делуваат пасивно, а телефонскиот разговор е во периодот од 18:30 до 19:00 часот. 

„Почитуван суд, имаме оперативна акција, имаме Оперативен штаб, имаме златна команда. Во 18:30 часот масата народ ја прескокнува заштитната ограда, се упатува кон влезните врати на Собранието, а златната команда е во Штабот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Информиран за се, и што презема? Ништо. Ова е уште еден доказ дека тој ден се што се случуваше не беше случајно“, нагласи обвинителката. 

По ова таа се повика и на исказот на сведокот Ивица Вучевски и дополни : 

„Сведокот Ивица Вучевски во својата изјава наведува дека критичниот ден во неколку наврати остварил контакт со обвинетиот Чавков и го информирал за состојбата, односно за продорот на масата во Собранието, а подоцна се слушнал за да се информира како течат подготовките за доаѓањето на дополнителните полициски сили. На ова добил одговор од Чавков дека се работи на тоа. Ама очигледно не се работело на тоа, напротив, се работело на тоа да не се повикаат дополнителни полициски сили“. 

И обвинетиот Душко Лазаров, наведе обвинителката, околу 18:30 часот го информирал обвинетиот Чавков дека имало тресење на заштитните огради пред Собранието, на што Чавков вратил со порака дека е во тек со ситуацијата, и дека масата од организаторот е повикана назад и нема да влегуваат внатре. 

„Обвинетиот Душко Лазаров наведува дека после 19 часот го известил Чавков дека толпата е влезена од Собранието, а тој му вратил дека е запознаен со ситуацијата и дека се преземаат потребните мерки. Потенцирам, дека Чавков е во тек со ситуацијата и дека масата од организаторот е повикана назад и нема да влегува внатре“, рече Рускоска. 

Според обвинителката, ова најповеќе од се зборува дека од почеток Чавков не само што е информиран за состојбата, туку е информиран и за деталите. 

„Од изготвената анализа на телефонската комуникација се гледа дека обвинетиот Митко Чавков во критичниот период е на базни станици ВМРО „Алмако“, како и тоа со кого има остварено телефонска комуникација.Тука мора да се има предвид дека најголем број комуникации се одвивале преку апликацијата Вибер, односно преку интернет, а со самото тоа и не е возможно да се утврди со кого се имал комуникација тој ден обвинетиот Чавков. Ова особено е важно од причина што од обвинетиот не беше одземен мобилниот телефон кој го користел тој ден, наводно го изгубил по болниците. Бил информиран од страна на Петар Кралевски дека тој ден ќе се бира претседател на Собранието на Република Македонија кое известување веднаш го препратил на Никола Груевски. Оваа порака како доказ беше изведена на главната расправа кога се читаа вештачењата на мобилниот телефон на Трајко Вељаноски“, заврши обвинителката Рускоска презентирајќи го доказниот материјал против обвинетиот Чавков. 

Таа како и за останатите, така и за тогашниот директор на БЈБ, Чавков побара да биде огласен за виновен и да се казни согласно доказите за кривичното дело терористичко загрозување на устравниот поредок и безбедноста. 

Митко Чавков е меѓу оние кои не побараа амнестија за постапката за 27 април. 

Обвинителката Рускоска во својот завршен збор посочи дека „27 април“ е испланиран и спроведен напад како од оние кои се во судница, така и од оние 15 лица кои беа амнестирани. 

К.Д.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе