Завршни зборови на одбраната за „27 април“

Чавков има само замислена вина, никој не му побарал да ангажира повеќе полицајци, рече адвокатот Дуковски

Со завршен збор на адвокатот Сашко Дуковски кој го застапува обвинетиот Митко Чавков, започнаа завршните зборови на одбраната во случајот за настаните од 27 април. Адвокатот Дуковски во завршниот збор потенцираше дека не може обвинението на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со кое Чавков се гони за терористичко загрозување на уставниот поредок да биде издржано со половина реченица која, според него, стои во обвинението за неговиот клиент и, како што рече, само заради тоа тој да биде прогласен за виновен.

Адвокатот Дуковски посочи и дека не може Чавков да има вина само затоа што бил носител на „златна команда“. Во своите завршни зборови тој ги цитираше исказите на сведоците, како и дел од исказот на заштитениот сведок за кого рече дека сите во судница го знаат со име и со презиме, но поради законот не смеат да го откријат.

„Не постои каква било вина кај обвинетиот Чавков од член 313, ниту пак, за кое било друго кривично дело од овој член. Обвинителството во обвинението вели дека обвинетите имале намера да го загрозат уставниот поредок, да оневозможат и да спречат избор на претседател на Собранието, дека го загрозило животот на пратеници и новинари, дека предизвикале акт на насилство, чувство на несигурност и страв. Ова е опис на обвинението, но без каков било доказ за постоење наедно од најтешките, можеби и најтешко кривично дело. Се работи за збир на дејствија од член 313, не знам зошто е тоа така, можеби обвинителството смета дека со повеќе дејствија обвинението ќе биде поиздржано. Конкретно за Чавков имаме нецела реченица од дејствија, а за ова казната за ваквиот тип на кривично дело е најмалку 10 години затвор“, рече адвокатот Дуковски.

Тој посочи дека, според обвинителката Вилма Рускоска, вината кај Чавков е дека не издал наредба за дополнително ангажирање на посебни и специјални полициски сили. Адвокатот Дуковски нагласи дека Чавков како тогашен директор на Бирото за јавна безбедност и како водач на оперативната акција „Платформа“ издал наредба за ангажирање на онолку полициски сили колку што му било побарано од страна на началникот на СВР Скопје Ивица Вучевски, кој беше сведок во оваа постапка.

„Чавков имал златна команда и ја предводел оперативната акција ‘Платформа‘, па обвинителството смета дека од тука произлегува тој да има вина. Но, тоа воопшто не е така. Обвинителството почнува и завршува со зборовите ‘златна команда‘ и тоа за него е доволно Чавков да има кривична одговорност. Во врска со наводна вина на Чавков за неангажирање на посебни и специјални полициски единици целосно ќе го демантирам обвинителството дека е тоа така. Обезбедивме повеќе од 200 пишани докази за акцијата ‘Платформа‘. На ден 24 април 2017 година началникот на СВР Скопје Ивица Вучевски од БЈБ побарал 50 униформирани полициски службеници кои Чавков веднаш со телеграма ги одобрил. Два дена по ова Вучевски доставил до БЈБ документ за отповикување на претходно доставеното барање. Како овде да има неиздавање на наредба кога тој што е надлежен да изврши проценка на состојбата бара, а потоа го повлекува барањето. Како да има вина кај Чавков?“, праша адвокатот Дуковски.

Одбраната на Чавков во своите завршни зборови стоеше цврсто на ставот дека барањето за ангажирање и на обичните и на специјалните полициски сили требало да биде издадено од СВР Скопје и од началникот на Централните полициски сили (ЦПС), односно наредба за ангажирање на униформирани полициски службеници требало да издаде Вучевски, а ана специјални полициски сили Митко Пешов. Дуковски во завршен збор тврдеше дека колку припадници на ваквите единици му биле побарани на 27 април на Чавков толку биле и одобрени.

„Барањето за ангажирање е во надлежност на СВР Скопје по вид и количина и во овој дел не може да стои тезата дека Чавков не издал наредба за ангажирање на дополнителни полициски сили. За конкретниот ден, за 27 април има барање за ангажирање на два полициска вода од посебните и специјалните единици и такви се одобрени. Проценката на ризик за нарушување на јавниот ред и мир и за соодветен полициски одговор е исклучиво и само на СВР Скопје. Побарале и добиле, тоа е нивна проценка и тие се на терен. Чавков има само замислена вина. Тој е невин. Не познавам поспособен полицаец во целиот свет кој при постоење на осум СВР треба да знае што се случува 24 часа на територијата на определено СВР. Тоа е работа на конкретното СВР, а не на првиот човек на оперативната акција“, посочи адвокатот Дуковски.

Во завршните зборови адвокатот го спомена и сведочењето на Агим Нухиу, како и пораките помеѓу Нухиу и Чавков кои обвинителството гои има како доказ. Комуникацијата преку телефонските оператори кои ја имале Чавков и Нухиу за обвинителството е дел од доказите, но за адвокатот Дуковски е обична комуникација исто како и претходните 60 дена и показател дека тука нема ниту вина, ниту пак, директна умисла кај Чавков. Фактот што околу 19 часот на 27 април Чавков не му одговарал на Нухиу, според Дуковски, не значи дека тој ништо не преземал, а кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок не можело да се оправда со непостапување. Адвокатот Дуковски исказот на сведокот Нухиу го нарече давање на одбрана, а не исказ на сведок и нагласи дека интересен му бил делот во кој Нухиу го споменува упатството како некаков акт од кој наводно произлегува одговорноста на Чавков, но според истото ова упатство, Дуковски посочува дека наредба за ангажирање на дополнителни полициски сили може да даде и министерот за внатрешни работи, а во тој момент тоа бил Нухиу.

К.Д.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе