Реакција

Чадиковски, ЗНМ: Уште една, трета во низа скандалозна одлука на судот против новинарите

Скандал, дискриминација, неправда, тенденција во судството... ова се „епитетите" кои професионалците и новинарските здруженија ги користат за да ја оценат денешната одлуката на судот кога ја одби тужбата на новинарот Горан Трпеноски за спречување на информирање на јавноста и за оштетно побарување поради загрозеност на безбедностa и животoт за време на насилниот упад во парламентот од 27 април. Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија најавува реакција и до меѓународните организации од областа на слободата на говорот.

Младен Чадиковски

„Ќе ги известиме Европската комисија, Стејт департментот и сите меѓународни политички фактори, како и Меѓународната федерација на новинари каде ЗНМ е членка за дискриминацијата на новинарите во Македонија. Не може истите судови да судат на еден начин кога се нападнати политичари, а кога се нападнати новинари на друг. Ова е скандалозно. Не може за една очигледна неправда која се случи кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност во земјата да се носат вакви одлуки, и уште повеќе ова е трета во низа одлука што ја носи судот, првата за колешките Мрѓа и Стојановска, потоа за колешката Димковиќ, а сега за Трпеноски. Во сите пресуди има различни основи за одбивање, што само ја покажува тенденцијата на Основниот граѓански суд во Скопје, кој ги следи насоките на државното правобранителство. Тука гледам спрега на судовите и државното правобранителство по секоја цена да ги одбиваат ваквите тужби“, вели Чадиковски.

Тужбата на Трпеновски е одбиена затоа што не бил новинар, односно работел во онлајн медиум, кои не биле регистрирани како медиуми, образложи судот.

Погрешно е нивното толкување, вели Чадиковски.

„Од мај 2019 година онлајн медиумите имаат ист третман пред судовите како и традиционалните медиуми. Судот со пресуда не го почитува заклучокот на четирите апелациски судови во Република Северна Македонија со кој онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови, кои при одлучување во постапки за навреда и клевета, мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми од мај 2019 година. Овој заклучок на четирите апелациски судови треба да биде поука дека и во сите други постапки каде новинарите од онлајн медиумите бараат правда пред судовите не смеат да бидат одбиени со објаснување дека не се новинари. Оваа пресуда остава простор во јавноста да се шпекулира дека има политичка позадина, која треба да ги дискредитира онлајн медиумите и да обезбеди лажно алиби за политичките фактори за да се воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет“, вели Чадиковски.

Според него ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитираат новинарската професија како и улогата на медиумите во едно демократско општество. „Создаваат и клима во која може да се верува дека секој што ќе нападне новинар ќе помине неказнето. Тоа ќе се одрази негативно на евроинтегративнте процеси, бидејќи правата на новинарите редовно се следат во извештаите на ЕК, но и во извештаите на Репортери без граници и Фридом хаус. Стравувам дека во наредните извештаи ќе покажеме назадување во слободата на медиумите“, рече Чадиковски.

За ова денеска Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека ваквите судски пресуди ја дискредитираат новинарската професија, како и улогата на медиумите во едно демократско општество. „Оваа судска пресуда е проблематична од неколку аспекти, прво дека не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права за кој е неспорно дека онлајн медиумите се медиуми, новинарите кои што работат во овие медиуми се новинари, а нашите судови имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП. Второ, судот со пресуда не го почитува заклучокот на четирите апелациони судови во Република Северна Македонија со кој онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови кои при одлучување во постапки за навреда и клевета, мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми од мај 2019 година. Овој заклучок на четирите апелациони судови треба да биде поука дека и во сите други постапки каде новинарите од онлајн медиумите бараат правда пред судовите не смеат да бидат одбиени со објаснување дека не се новинари“, реагираше ЗНМ.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе