Известувањето заглавило 144 дена

Цели 5 месеци патувал важниот документ од Куманово до Скопје дека командант Тануша не треба да се апси

Од Куманово до Скопје има триесетина километри и овој пат со автомобил може да го минете за приближно половина час. Но се чини дека тоа не е така ако по истиот овој пат треба да помине известување за укината пресуда од еден до друг суд. Официјалните податоци до кои дојде редакцијата на МКД.мк велат дека на Основниот суд во Куманово му биле потребни дури 5 месеци за да го извести Основниот кривичен суд во Скопје дека за Авдиљраман Ајвази, алијас командант Тануша, е укината затворската казна и за него не треба да има потерница. Ова известување во судот во Куманово стасало на 18 февруари годинава, а во Судот во Скопје стигнало дури пред неколку дена, односно на 12 јули. Патувало цели 144 дена.

Од Основниот суд во Куманово се чини дека е тешко да добиете информација и преку телефонските врски, бидејќи во последното невреме, како што ни одговорија од Судот, во близина на судската зграда удрил гром, кој ја оштетил телефонската централа и таа од тогаш не е во функција.

Залудни беа и секојдневните и постојани телефонски јавувања на нашата редакција за да добиеме информација зошто по командант Тануша имало активна потерница, а тој, според пресудата на Врховниот и одлуката на Основниот суд во Куманово, бил пуштен да се брани од слобода.

МВР за командант Тануша распиша меѓународна потерница по барање на Основниот кривичен суд Скопје, кој е надлежен за тоа, бидејќи командант Тануша по место на живеење е од главниот град, односно од селото Мојанци.

Одделот за потраги при МВР со месеци постапуваше по оваа потерница и буквално 24/7 полицијата беше на нозе за да го фати бегалецот осуден на казна затвор од 20 години за убиство. По Тануша трагаше и Интерпол, но сето ова се чини дека не било доволно кумановскиот суд да најде начин да го извести скопскиот кривичен суд, а од таму да им кажат на МВР, а овие па на Интерпол, дека осудениот всушност не е правосилно осуден и дека за него нема пресуда.

Во електронскиот одговорот што МКД.мк го доби од Основниот суд во Куманово стои дека известувањето со кое Врховниот суд ја укинал пресудата за командант Тануша е примено во судот на 18 февруари 2021 година, но поради пропуст на службите не е навремено доставен примерок до судијата за извршување санкции во Скопје, кој требало да знае дека има укината пресуда за да ја запре потерницата.

„Пресудата Квп2.бр. 138/2019 на Врховен суд на Република Северна
Македонија, во Основен суд Куманово е примена на ден 18.2.2021 година,
но поради пропуст на службите не е навремено доставен примерок до судија
за извршување на санкциите при Основен кривичен Скопје“, стои во одговорот од кумановскиот суд.

На прашањата што конкретно значи „пропуст на службите“, кои се службите, дали тоа се поединци што имаат име и презиме и каде сиве овие месеци се наоѓало известувањето што требало да стаса во рацете на судијата за извршување санкции, МКД.мк не доби одговор бидејќи телефонските линии поради гром биле во прекин, иако фиксниот телефон постојано ѕвони.

Командант Тануша на 8 јули годинава беше примен на Клиниката за неврологија во Скопје. Здравствените проблеми го однесоа во болница, од каде што потоа беше приведен од полицијата и спроведен во затворот во Идризово. Беше фатен како опасен бегалец, но всушност според документите на судовите, тој требало да биде слободен граѓанин што ќе се брани пред судот во Куманово во повторена постапка. Таа можност му ја даде Врховниот суд, кој одлучи дека на настанот за убиството во Куманово, кој се случил пред околу 10 години, треба да се направи реконструкција.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија со донесената одлука го
уважил барањето на осудениот Авдиљраман Ајвази за вонредно преиспитување
правосилна пресуда, па пресудата на Основен суд Куманово и пресудата
на Апелацискиот суд Скопје ги укинал и предметот го вратил на повторно
разгледување и одлучување, па дал напатствија во текот на повторената
постапка да се изврши и реконструкција на настанот“, ни одговорија од Основниот суд во Куманово.

Рочиштето на кое командант Тануша треба да се појави на повтореното судење е закажано за 13 септември.

Но иако одлуката дека командант Тануша не стасала до судот во Скопје, сепак кумановскиот првостепен суд закажувал главни расправи, а обвинетиот не се појавил, а неговиот бранител се јавил на само една закажана главна расправа.

МКД.мк праша во Обвинителството дали е побарана мерка притвор, но од таму ни одговорија дека притвор за Авдиљраман бил побаран дури откако тој бил пуштен од затворот во Идризово. Барањето од Основниот суд во Куманово било одбиено, и покрај тоа што командант Тануша не се појавувал на закажаните рочишта.

„Основниот суд во Куманово го одби барањето за притвор за Авдиљраман Ајвази со образложение дека се поминати повеќе од 2 години од правосилноста на обвинителниот акт за кривичното дело убиство. Обвинителството на 13 јули поднесе барање за определување мерка притвор, бидејќи немавме увид колку време обвинетиот бил во притвор, поради прекините на оваа мерка. Но барањето е одбиено“, ни одговорија од Обвинителството.

Командант Тануша затворот во Идризово го напушти 4 дена откако полицијата постапувајќи по распишаната потерница го однесе зад решетки, а притвор бил побаран ден по неговото ослободување.

Единствениот правен механизам што сега му стои на располагање на Обвинителството е повторно да бара притвор, ако командант Тануша не се појави на следното закажано рочиште во Основниот суд во Куманово.

Неговиот адвокат Антонио Апостолски за МКД.мк изјави дека е во контакт со својот клиент и дека знаат за следното закажано рочиште. Тврди дека обвинетиот е во неговиот дом и дека би требало да се појави на закажаното рочиште.

Апостолски тврди дека неговиот клиент не е виновен и дека сторител на убиството е друго лице, кое воопшто не е во обвинителниот акт.

По следење од неколку месеци, МВР спроведе акција и го уапси командант Тануша во болница во Скопје. По ова, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја пофали екипата што ја спроведе акцијата за апсењето на бегалецот.

Но Основниот суд во Куманово со месеци задоцни со известувањето дека за командант Тануша наместо потерница, има укината пресуда од Врховниот суд. 

Од МВР велат дека постапувале по наредба на судовите, во овој случај на Судот во Скопје, кој е единствениот што може да ја отповика меѓународната потерница. Но ниту Судот немал известување дека била укината пресудата, па така меѓународната потерница остана активна и командант Тануша беше фатен. 

По добивањето известувања од судијата за извршување санкции, затворот во Идризово го пушти да се брани од слобода бидејќи за него постапката се враќа на повторено судење. Командант Тануша се бараше со меѓународна потерница за извршено кривично дело по член 123.

Сега останува да се чека дали тој ќе се појави на закажаното рочиште во Основниот суд во Куманово, кое е закажано за во септември, или пак, ќе биде на листата на случаи како бегалецот Миле Хаџиски и како српскиот државјанин Бојан Угреновиќ од Краљево.

И Хаџиски и Угреновиќ беа обвинети за убиство. Угреновиќ кој во 2016 во Охрид за Нова година го уби охриѓанецот Димитар Матиловски (27), е на слобода. Обвинетиот беше пуштен на слобода откако на 27 јули, 2017 Основниот суд Охрид дал мислење дека истекува последното продолжување на притворот за обвинетиот Угриновиќ.

Основното јавно обвинителство Охрид сметало дека притворот може да биде продолжен, па поради тоа била поднесена жалба на одлуката до Апелацискиот суд Битола, кој е надлежен да постапува. 

Но и повисокиот суд го потврдил решението на Основниот суд Охрид и одлучил мерката притвор да биде прекината.

По ова Обвинителството побарало мерки за обезбедување присуство, кои судот ги прифатил. На обвинетиот Угреновиќ му била одземена патната исправа, му била изречена забрана за напуштање на престојувалиштето и на Македонија, како и повремено јавување кај надлежен орган.

Законот определува дека за кривични дела за кои е предвидена казна до 15 години затвор, притворот од правосилност на обвинение може најмногу да трае една година. За кривични дела за кои според стореното кривично дело е предвиден доживотен затвор, притворот по правосилноста на обвинението може да трае две години.

Делото за кое се гони обвинетиот Угриновиќ е по член 123 став 1 и за убиство предвидува затвор од најмногу 20 години. Па, според обвинителството притворот за обвинетиот треба да влезе во втора одредба, но судот сметал дека е во првата одредба и го пуштил да се брани од слобода. Затоа и е донесено и решението за прекин на притвор. Случајот со Угреновиќ го отвора прашањето дали тој воопшто ќе се појави на судењето, кое е закажано за во септември.

Притворот е укинат поради пропусти во законската регулатива и слободата на толкување на одредени членови. Судот не успеа во законскиот рок од една година да донесе правосилна пресуда за случајот, па од вчера Угреновиќ е на слобода.

Сличен е случајот и со убиството на Мери Јошевска. Обвинетиот Миле Хаџиски во 1993 година ја убил Мери Јошевска нанесувајќи ѝ 40 убоди со нож по целото тело. Миле Хаџиски од притворот не ѝ избегал на полицијата, ниту им избегал на затворските чувари.

Тој тогаш ги искористил недореченостите во законот во однос на максималното траење на притворот од 30 дена за полесни кривични дела и 90 дена за дела од најтежок вид. Хаџиски со лажен идентитет успева да избега во Франција и во последните 20 години живеел на релацијата Франција–Швајцарија.

Во август 2015, по 20 години бегство, Хаџиски беше екстрадиран во Македонија.

Дали ќе се повтори историјата на овие два случаи или пак обвинетиот ќе дојде на следното судење, ќе покаже времето.

К. Додевска 

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе