Обвинетиот во „Рекет“ се жали на нарушено здравје

Боки 13 од притвор 55 пати бил носен на лекар, вели не е експериментален глушец

Речиси и не поминува рочиште за „Рекет" без јавноста да го чуе гласот на обвинетиот Боки 13 кој постојано укажува на судот за неговата лоша здравствена состојба. Иако, за разлика од првите судски рочишта, обвинетиот Јовановски денес изгледа подобро, тој пред судот тврди дека нема подобрување на неговото здравје, и дека состојбата му е влошена. За периодот од половина година колку што е во притвор, Јовановски денес пред јавноста се пожали дека бил носен на прегледи 55 пати.

На судот, а и на обвинителката Вилма Русковска, Боки 13 им укажа дека не е експериментален глушец и дека не може обвинителката Русковска да дава дијагноза дали тој е здрав или болен.

„Ви укажувам дека нема подобрување на мојата здравствена состојба и дека, напротив, здравјето ми е влошено. До сега 55 пати ме носат на испитувања и веќе е доста. Има конкретна дијагноза и дадени напатствија од специјалисти кои не се почитуваат. Се чувствувам комплетно дискриминиран и состојбата на органот на кој сум опериран преминува во малигнитет. Јас не сум експериментален глушец и не може обвинителката Русковска да дава дијагнози дали сум здрав или болен", рече Боки 13 пред судот.

Судијката Васка Николовска – Масевска му појасни дека судот му одобрил дополнителни испитувања кои ќе треба да се направата на 4 февруари, но Јовановски рече дека нема намера да оди на дополнителни испитувања, туку бара сериозно да се сфатат укажувањата на лекарите од сите досегашни направени испитувања.

„Јас сум ви бескрајно благодарен за тоа што сте издале одобрување за дополнителни испитувања, но сето тоа е без резултати. Барам само да се почитуваат напатствијата дадени од досегашните специјалисти и да се следи она што е дадено како укажување за мое лекување", дополни Јовановски на денешното рочиште за „Рекет" кое се одложи поради отсуство на адвокатите на обвинетата Катица Јанева.

И неговиот адвокат, Сашко Дуковски укажа дека Јовановски не е добар.

„Здравствената состојба на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 е далеку од добра и тој по секоја цена се носи на судење. Ова е изживување. За шест месеци е носен 55 пати во болница. Доколку се случи нешто со Бојан Јовановски, јавно кажувам дека многу лица ќе бидат опфатени со кривични пријави. Ова е иживување. Дали како новинари сте имале некој што за шест месеци е носен 55 пати во болница и притоа еден месец да биде хоспитализиран“, изјави Дуковски по денешното рочиште за случајот „Рекет".

Нагласи дека пред неколку дена примероци од здебелени чирови во неговиот желудник се пратени на Хистологија да се утврди дали станува збор за можен карцином.

„Имаме известие од субспецијалист дека треба да се спроведе хигиено-диететски режим. Не знам кој лекар во Македонија веќе треба тоа да го напише. Не може сите лекари да грешат, сите лекари се сложни дека истиот треба да се биде на строг хигиено-диететски режим. Како може тоа да се спроведе во затвор“, изјави Дуковски.

 

К.Д.

 

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе