350.000 евра во кутија за чевли или во несесер од свекрвата?

Богаташката сопруга со Мона Лиза-став, светкави потпетици и расипан часовник во „Рекет“

Ана Камчева е адвокатка што јавноста многу не ја знае од судници и од судски постапки, туку повеќе како сопруга на бизнисменот Орце Камчев. Чекајќи ја вчера пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на медиумите се прашуваа дали ќе ја препознаат и како сега изгледа таа. Во јавноста нема многу фотографии од неа ниту во својство на сопруга на бизнисменот. 

А може да биде и сопругата на богаташот од Форбс, на осомничениот во „Империја“, на клучниот сведок во „Рекет“...

Пристигнувањето на црното БМВ со темни стакла пред судот ги раздвижи снимателите и фоторепортерите очекувајќи дека можеби токму од овој автомобил ќе излезе очекуваниот сведок, но еуфоријата набрзо спласна.

Од автомобилот излезе маж, кој одминувајќи ги новинарските екипи влезе во судот.

За неколку минути ете ја и неа, Камчева со џип порше. Излезе облечена во црно-бела комбинација, која ја покриваше бел капут. И очите ѝ беа покриени со црни очила.

Со крената глава помина покрај камерите, но тие не престанаа да ја следат. На главната врата од судот пак ја затекна нова гужва од новинари.

Џвакајќи мастика ја помина и безбедносната проверка, подаде лична карта за да ја запишат во судскиот тефтер и се упати кон судницата.

На стаклото од вратата на судот беа „залепени“ камери и фотоапарати, а кога нема технологија, го има будното новинарско око, кое ѝ го следеше секој чекор.

Но се чини дека никој не ја гледаше како жртва. Овој статус Камчева како да го имаше само на хартија во исказот на клучниот сведок Камчев, како и во сопствениот исказ.

Влезе во судницата и седната на столчињата од левата страна чекаше да биде повикана. Само што успеа неколку минути да здивне од камерите, ете ги повторно во судница.

Ако на претходните две рочишта главен лик во кадарот беше Боки 13, сега сите објективи беа свртени кон Ана. Пред неа црвен тефтер, во него податоци (какви, никој ниту праша, ниту провери), а над него стокмени една над друга нејзините раце во стилот на Мона Лиза.

На едната рака носи часовник, кој во текот на нејзиното сведочење престана да го мери времето.

И лакот е во црвена боја, а по малку црвени се и белките на нејзините очи. Можеби од светлината што врз неа паѓа во судница, можеби од несоница, можеби од температурата што, според нејзиниот сопруг, ја имала пред само неколку дена...

Но од што и да е, се чини дека е подготвена да зборува за она за што е повикана, барем така изгледа.

На високите потпетици опточени со светкави циркони цврсто чекори кон пултот за сведоци и со себе го носи црвениот тефтер, малку помал од оној судскиот од претходно. Го отвора пред себе, а во него со пенкало испишани реченици.

Зборува за пари, за многу пари, за торби со пари, за средби, притисоци, горе-долу слично на она што го зборуваше и Камчев, но во некои делови има клучни разлики.

Во нејзиниот исказ нема квалификации како „хиени“, како „глумци“, како „режисери“, како што обвинуваше Камчев во своето неколкучасовно сведочење.

Кога зборува за Јанева, Камчева ја нарекува „госпоѓа“, а Бојан го нарекува ете така, по име. Но овој пат квалификации даваше Боки 13, кој Камчев го нарече „сакан и ценет сопруг“...

Имаше и солзи, за кои сопругата на Камчев рече дека не се срами да ги покаже, имаше и листа на богаташи на која Форбс го смести Камчев, имаше и ноќно возење до стан за специјални клиенти во Капиштец...

Имаше и суштински разлики. На пример Камчев рече дека на „госпожата Јанева“ 350 илјади евра ѝ биле дадени во кутија за чевли, а Ана тврдеше дека на „госпоѓа Јанева“ ѝ дала 350 илјади евра во несесер од свекрвата. Е сега, парите се исти, ама пакувањето на пратката различно.

А госпожата или госпоѓата, како год (што би рекол Боки 13), седи тивко на крајот од судницата, посматра и се смешка.

До неа, на моменти болен и со нагон на повраќање, на моменти витален, енергичен и полн со прашања, во црно сако, исто како и Камчева, седи Боки 13.

Но колку и да му е измешано и непостојано однесувањето, ставот дека знае многу и ќе каже сè тој до сега не го смени.

На рочиштата за „Рекет“ не пропушта тоа да им го каже по неколку пати на сите.

Боки 13 ја потсети Камчева дека ги озборувала сопругот, свекрвата, золвата... па ја наврати на скапите подароци што му ги давале, па на луксузните вечери за кои тврди дека специјално за него ги подготвувале Камчеви.

Ако овде, во судница, „Рекет“ е под будното око на јавноста, случувањата зад медиумските камери биле под будното око на Орце Камчев. Снимал и документирал сè, а снимките се доказ во постапката, па најверојатно и јавноста ќе има можност да ги види.

Она што јавноста не успеа да го види е каде завршиле парите од торбата Луј Витон.

Ама Боки 13 е спремен, па вели тој има снимки за трагата на парите, за кои сега никој не знае каде се.

Каде завршиле допрва ќе треба да се види, а и дали и кој ќе заврши зад решетки.

Засега имаме „Рекет“ без рекет, само со злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание, а и „Империја“ без империја, бидејќи Камчев вели дека обвинителката Лиле Стефанова лажно го гони и ќе докажел дека е жртва и дека тука, според него, нема никаква империја.

И додека „жртва“, освен Камчев, е и Камчева, Боки 13 вчера на „Мона Лиза“ во судницата ѝ рече дека лаже.

Наместо извинување, Камчева доби насоки од судијката Васка Николовска-Масевска дека може да го тужи во граѓанска постапка ако смета дека лажно ја клевети и ја навредува.

Судијката ги искара и двајцата, ги опомена, но не ги казни, туку на моменти и ги оставаше да влезат во дуел.

Но Боки е дециден, тој не отстапува и вели ќе ја открие цела вистина, ќе открие кого рекетирале Камчеви, од кого барале помош за „Империја“, како и што освен пари и весници имало во торбата Луј Витон, и во чии раце завршиле парите.

Децидни се и Камчеви, тврдат дека се жртви и животот им станал неподнослив поради Јанева и Јовановски.

Само Зоран Милевски Кичеец одлучи да ѝ стави крај на агонијата наречена „Рекет“ и признавајќи вина да го заврши процесот за него, по што доби 3 години казна.

И се чини дека со оние што останаа ќе има уште многу театар и уште многу превирања.

Откако сите ќе кажат што имаат, дел од вистината ќе му припадне и на големиот видеобим во судницата, каде ќе се пуштаат снимки, и од домот на Камчев, но и од домот на Боки 13.

Што има на снимките, кои се таму главните актери, како и какво ќе биде продолжението на „Рекет“ ќе ве известиме.

Љубопитноста потиснете ја до 25 декември, но ќе продолжи и во новата 2020 година кога се очекува кулминација на овој предмет.

Оти и од криминалот, а и од судските постапки, се чини дека нема спас, а во истрага е и нов „Рекет“, овој пат со број 2. Дали ќе има уште не знаеме, но постојано следиме...

К. Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Среда, Декември 11, 2019 - 15:00

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе