Јанкулоска од вчера е во затворот во Идризово

Бившата „прва полицајка“ што го строеше МВР денес е прва жена зад решетки од предметите на СЈО

Гордана Јанкулоска, некогаш министерка за внатрешни работи, пред која мирно стоеше цела полиција, вчера истата таа полиција ја спроведе во затвор. Некогашната „прва полицајка" денес е првата жена од предметите на СЈО што заврши зад решетки. Пред неа во затворот во Идризово заминаа единствено двајца мажи, нејзиниот поранешен помошник Ѓоко Поповски и бизнисменот Сеад Кочан. 

Со Јанкулоска во јануари пред две години почна гужвата во Основниот суд во Скопје. Таа и Сашо Мијалков беа првите што влегоа во судница за отворените предмети на поранешното СЈО. Јанкулоска велеше „Не е важно колку случаи ќе отвори СЈО, туку колку ќе затвори". Меѓу првите случаи што СЈО ги затвори е „Тенк“, предмет во кој на Јанкулоска ѝ се судеше заедно со Поповски, но и со поранешниот премиер, Никола Груевски.

Но сите тројца сега се одвоија. Поповски е во затворот во Идризово, каде што ја издржува казната од 6 години и 6 месеци за „Тенк“, но во делот каде што престојуваат осуденици, а Јанкулоска малку подалеку, односно во делот за осуденички, кој според правилата и Законот за извршување на санкции е одвоен од делот за мажи.

Единствениот што не е, а треба да биде во Идризово е поранешниот премиер Груевски, кој е осуден на затвор од 2 години. Тој побегна, а за неговото бегство никој не одговара. Пред точно две години поранешната министерка за внатрешни работи во судница плачеше на завршните зборови за случајот за кој вчера замина во затвор.

Таа тогаш ѝ порача на судијката Добрила Кацарска, која ја водеше постапката за „Тенк“, дека уште пред да донесе одлука, ја осудила со постапките, односно со долгите судски рочишта во период кога тогаш обвинетата имаше бебе од само неколку месеци.

Во завршните зборови Јанкулоска ги отфрли сите обвинувања дека имала некакво влијание во набавката на луксузниот „мерцедес“, односно дека извршила злоупотреба на службената положба со поттикнување на тогашниот заменик-министер Ѓоко Поповски да го нарача автомобилот „мерцедес ес 600 гард“ по желба на експремиерот Никола Груевски, а притоа да го фаворизира операторот „Макаутостар“.

Обвинителката Фатиме Фетаи, пак, го тврдеше спротивното и побара Јанкулоска да биде осудена, а како олеснителна околност да биде земено тоа што е мајка.

Во текот на постапката за „Тенк“ судијката Кацарска во текот на долгите судски рочишта правеше и паузи за Јанкулоска да може да отиде до дома и да го нахрани бебето.

Судењата против Јанкулоска почнаа во јануари 2018 година со предметот „Таргет-Тврдина“, па продолжија со постапките за „Тенк“ за налегалната набавка на мерцедесот и „Титаник“ за изборните нерегуларности. Во два од овие предмети што против неа ги отвори СЈО, Јанкулоска се најде во обвинителниот акт заедно со Груевски, а во еден со Сашо Мијалков.

Од предметите на сега згаснатото СЈО Јанкулоска се најде и во „Монструм“, но како сведок.

И покрај „бомбите“ во овој предмет, кој трае со години и каде што има разговори на Јанкулоска, таа пред судот тврдеше дека фактите за петкратното убиство се поинакви од впечатокот од „бомбите“. Но и во предметите во кои Јанкулоска кривично се гони се чини дека за Обвинителството, за судот и за надлежните што вчера ги испочитуваа наредбите и ја спроведоа во затвор, фактите се поинакви и впечатокот од солзите што Јанкулоска сакаше да го остави пред јавноста и судиите е залуден.

Солзите на Јанкулоска не допреа ниту до обвинителите на тогашното СЈО, ниту до судијката Кацарска.

Кацарска ја осуди на затвор од 6 години за случајот „Тенк“, па пресудата потоа беше намалена на затвор од 4 години од Апелацискиот суд во Скопје. По ова одбраната поднесе барања за вонредно преиспитување на правосилна одлука до Врховниот суд.

Законот за извршување на санкции дава можност кога се работи за осуденички што се мајки тие да може да ги чуваат своите деца додека да наполнат една година, заради првата на детето и на мајката и да го одложи извршувањето на соодветната санкција. Јанкулоска требаше да се јави на издржување на затворската казна на 1 јули минатата година, но Врховниот суд донесе одлука со која извршувањето на казната се одложува.

Според Врховниот суд, казната се одложува сѐ „до одлучување по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд.

Детето на Јанкулоска сега кога таа замина во затвор и Врховниот суд ја донесе одлуката да ја потврди 4-годишната затворска казна, има две години и три месеци. Против неа има уште два предмети за кои одлуките судот допрва треба да ги донесе.

Во „Таргет-Тврдина“ на Јанкулоска ѝ се суди за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во „Титаник“ за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Од одлуките што допрва Основниот кривичен суд ќе ги носи за овие предмети, како и од одлуките на повисоките судови, доколку има жалби, ќе зависи колку години Јанкулоска ќе мине зад решетки за предметите на СЈО.

К.Додевска 

Објавено

Вторник, Септември 29, 2020 - 15:10

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе