Директорот на УБК се соочи со Нинџа во судница

Атанасовски збунет, исплашен и нелогичен како сведок за 27 април

Збунет, исплашен, по малку нелогичен. Ваков беше денес во судница поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски кој од Истражниот затвор во Шутка каде што беше приведен по дадени искази на двајца обвинети во случајот за 27 април беше донесен како сведок на барање на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа. 

Сведокот Атанасовски остана збунет од првото до последното прашање за време на неговото сведочење кое во Основниот суд во Скопје траеше само десетина минути. Како што предводува законот, судијката Добрила Кацарска прво го праша дали некој од обвинетите во судница му е роднина. Атанасовски шараше со погледот во судница и не знаеше да одговори, односно се повикуваше на медиумските информации. 

По ова прашањето уште еднаш му беше повторено, односно судијката Кацарска му рече: „Господине Атанасовски, ве прашувам дали некој од обвинетите овде ви е роднина, односно дали сте со некого во роднински врски?”. На ова тој одговори: „Мислам дека не”. 

Прашања за сведокот Атанасовски прв постави Sвонко Давидовиќ, адвокат на обвинетиот Нинџа. Давидовиќ го праша дали и од каде го познава обвинетиот Нинџа. Поранешниот директор на УБК рече дека како име Нинџа го знаел од медиумите и „од град”, а како личност го запознал пред две години во теретана. 

Давидовиќ продолжи: „А од работата дали и од каде го знаете?”. Сведокот Атанасовски возврати: „За која работа?”. По ова Давидовиќ возврати со ново прашање: „А колку работи имате?”. Атанасовски во својот одговор не кажа конкретно, туку му возврати на адвокатот дека „ако му е целта да дознае дали бил предмет на работа на УБК или, пак, бил вклучен во помагање на службата или дали бил вработен во службата”, тогаш, како што рече, ќе се повика на ЗКП во делот за тајност на податоци. 

„Обратете се во УБК и таму прашајте”, рече Атанасовски. 

Давидовиќ овде го праша: „На тајност на кои податоци се повикувате и на кој закон точно?”. Атанасовски повторно немаше конкретен одговор и на ова прашање, односно почна од деловници, продолжи со правилници, па заврши со тоа дека сите податоци во УБК се тајни. Адвокатот Давидовиќ го праша дали на 27 април бил во близина на Собранието и во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, но на ова обвинителството имаше приговор кој судот го прифати и прашањата не беа дозволени, бидејќи, како што одлучи судот, биле наведувачки. 

Обвинителството немаше прашања за сведокот Атанасовски за кого во моментот оваа институција води истрага за тоа дали поранешниот директор на УБК е вмешан во настаните од 27 април. 

Прашања за Атанасовски од 32 обвинети имаше само обвинетиот Никола Митревски-Кољо. 

„Дали на 27 април сте воспоставиле каков било контакт со мене”, го праша обвинетиот Кољо.

Атанасовски не можеше да се сети ниту на овој податок. 

К.Д.

 

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе