Во своите завршни зборови во Основниот кривичен суд Скопје, тој денеска изјави дека Обвинителството не презентирало ниту еден доказ, или сведок, за тоа за што го обвинува Никола Груевски кој е во бегство.
„Обвинителот во своите завршни зборови изврши измена на обвинението на кое не ни беше дадена можност за приложување на нови докази заради побивање на нивните тези што секако е повреда на постапката, наведе Каркински.
Воедно, тој додаде дека „обвинителот иако бегло при крајот на завршните зборови наведе дека обвинетите направиле корист за политичката партија" и за нив, како што рече, „истиот не посочи ништо повеќе од тоа, најмалку доказ".
„Со тоа ја поткрепи тезата дека обвинението целосно е паушално и нереално“, истакна Каркински.
Имајќи ја предвид оваа состојба адвокатот му предложи на Судот да донесе одбивателна пресуда.
Правните застапници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, на денешното рочиште не дадоа завршни зборови со образложение дека направен е пропуст од страна на Судот, со тоа што не биле испрашани за време на доказната постапка.
Судењето за овој предмет го води судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Љубомир Лапе.
Во случајот „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои, според обвинението поднесено од поранешното СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице Бетон Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.