„После 3 замолници и уредно доставен писмен поднесок пред започнување на главната расправа го информирав судот и притоа му се извинив дека морам да ја напуштам салата, при што уште еднаш истакнав дека судењето може да продолжи и без мое присуство, а во согласност со Законот за кривична постапка. Откако се извинив и ја напуштив салата од медиумите бев информирам дека сум казнет со драконска казна од 4.000 евра бидејќи барав само да се почитува Законот за кривична постапка и да продолжи судењето без мое присуство, а не како што информираа некои медиуми, со цел да се одложи судењето“, вели Даути.
Бранителот се пожали и на неспроведување на Законот за јазици, бидејќи вели дека иако уредно побарал доказите да преведат на албански јазик, досега нема добиено ниту еден материјален доказ назад.
„Во врска со написите на некои медиуми дека рочиштата претходно сум ги одлагал со мое барање за користење на албански јазик, сакам да истакнам дека тоа право ми е загарантирано согласно Законот за јазици и сметам дека сите ние треба да придонесеме да се почитуваат законите во Р.С.Македонија, а непочитување на истите едноставно да се квалификува како оддолговлекување на постапката. Истото се однесува и за судијата поротник на кого согласно закон му беше завршен мандатот, поточно судењето започна одново согласно закон откако тој поротник увиде сам дека номоже повеќе да учествува во постапката и си поднесе неотповиклива оставка. Во врска со користењето на албанскиот јазик сакам да ја информирам целокупната македонска и меѓународна јавност дека иако учествувам повеќе од една година во овој процес и имам испратено над 10 поднесоци до ден денес не ми е преведен ниту еден материјален доказ“, вели Даути.
Адвокатот бара и од вицепремиерот Артан Груби, премиерот Зоран Заев, Судскиот совет, но и од Адвокатската комора да се ангажираат и будно да го следат процесот.