Интервју

Адвокатката Котеска советува: Жени, бидете самостојни, не сте „сервис за одржување на домот“ и стапувањето во брак не е само „мажење“, туку рамноправен однос

Уште од мали нозе себеси се опишувала со еден збор - адвокат. На составот во 3 одделение на тема „Што ќе бидам кога ќе пораснам", таа била одлучна и не отстапувала од желбата да стане правник. Денес живее динамично и е мајка на два сина на возраст од 13 и 9 години и успешен адвокат. Катерина Котеска, адвокатка од Битола, ја избира проблематиката на семејното право и семејното насилство, а магистрирала на тема од областа на семејното насилство. Таа е дете на разведени родители, израснала со мајка што била жртва на семејно насилство и вели дека понекогаш реалноста е онаа што нѐ прави посилни, но и ни дава правец на професионален план. 

Со неа зборуваме за тоа што им треба на жените за да можат да кренат глас против насилството, за формите на вербално, економско и психичко насилство, за законите, за казните и промените со кривичното дело демнење...Ако ви е потребен правен совет, можете да ја побарате на телефнскиот број 078 451-102

Сте израснале со мајка-жртва на семејно насилство, која сите права ги остварувала по судски пат. Колку тоа Ви даде цврста поткрепа и правец за да бидете борец и да ги остварите соништата?

Изборот на правниот факултет беше извесен, а подоцна, откако веќе бев адвокат и работев со материјата во делот на семејното право и семејното насилство, магистрирав во областа на семејното насилство. Иако патот до успехот на децата на самохрани родители не е лесен, не е невозможен. Со многу љубов кон професијата што ја одбрале, труд и работа, а пред сѐ стремејќи се кон личната кауза, резултатите секогаш се забележуваат.

Мојата лична кауза е борбата против семејното насилство. Напуштање на традиционалниот калап дека жената треба да биде инфериорна во партнерството, дека формите на вербално, економско и психичко насилство се „нормални“ и дел од балканската традиција. Она за кое јас се залагам како професионалец и како човек и како родител, кај моите два сина од 13 и 9 години, е еднаквост и меѓусебно почитување во партнерските и семејните односи. Создавање свест кај жената дека треба да биде самостојна со професија и приходи и дека склучувањето брак не е „мажење“, туку оформување на партнерски, рамноправен однос и создавање семејна заедница со еднакви права и обврски. Создавање свест кај машката популација дека жената е рамноправен партнер и како таков пред сѐ треба да е почитувана, а склучувањето брак е оформување заедница со партнер, а не обезбедување со „сервис за одржување на домот“.

Се заложувам, пренесувајќи го моето професионално искуство, во создавање свест дека во брачните и партнерските односи насилното наметнување на волјата е семејно насилство и дека механизмот во остварување подобра комуникација помеѓу партнерите е меѓусебното почитување на личноста и разликите. Како дете на самохрана мајка-жртва на семејно насилство, која своите права ги остваруваше по судски пат, гледајќи ја борбата и неправдата од другиот родител и институциите, кај мене се создаде потреба да помагам и да се вклучам во борбата против семејното насилство, како и остварување на правата на родителите што треба да добиваат издршка. Иако животот ме научил сама да ги остварувам своите соништа и права, наидов на многу родители, мајки што немаат можности, а особено финансиски, да ги остваруваат своите права, па знаејќи што е мака, многу често им помагам упатувајќи ги со совети, колку што можам.

Во Кривичниот законик се воведе делото демнење, кое го поттикна случајот со Јавна соба. Сметате ли дека ни беше неопходно ова и што сѐ жртвите може да пријават како демнење? Ќе ги запрат ли измените во КЗ оние што ги вознемируваат жените преку пораки и злоупотребуваат нивни податоци, фотографии и каков е Вашиот став за тоа кога жените добиваат коментари дека провоцираат со фотографии по бикини или тесна облека, па дека затоа демначите и ги напаѓаат?

Многу топло го поздравив воведувањето на кривичното дело „демнење“ во КЗ. Сметам дека и нашата заложба како општество е подигање на свеста за комуницирање на поцивилизирано ниво. Професионално сметам дека сите случаи на демнење, следење и нарушување на приватноста, кои најчесто доведуваа до семејно насилство помеѓу бивши брачни партнери или партнери во постапка за развод, ќе бидат најстрого санкционирани со примената на овој член од КЗ.

Од друга страна ќе бидат санкционирани злоупотребата на доверба, а пред сѐ приватноста. Со воведувањето на кривичното дело „демнење“ новина е санкционирањето, на ниво на кривично дело, неовластено следење, прогонување или на друг начин мешање во личниот живот на друго лице и воспоставување и обид за воспоставување несакан контакт, како и движење во просторот каде што се наоѓа тоа лице. До воведувањето на ова дело сите, овие дејствија беа пријавувани во полиција како малтретирање и најчесто сторителот беше опоменуван. Во најголем број случаи, ескалираше во физичко насилство.

Идентичен случај на демнење имав пред неколку месеци во Куманово, каде што го завршивме со издавање мерка за заштита од семејно насилство неприближување на 100 метри од домот на жртвата, бидејќи измените сѐ уште не беа влезени во сила.

Што се однесува на случајот „Јавна соба“, позитивно е што јавноста даде акцент на овој случај, па ги поттикна надлежните да се зафатат за негово решавање. Негативно е што, за жал, постојат многу такви случаи на злоупотреба на доверба при интимно комуницирање на социјалните мрежи или злоупотреба на лични фотографии од профилите на социјалните мрежи. Во еден таков случај сум полномошник на приватна тужителка чија комуникација на камера заврши како „скриншот“ што беше јавно објавен на социјалните мрежи. Она што како професионалец ме разочара што на судењето се акцентираше „зошто таа комуницирала интимно“, а не „зошто тој ја злоупотребил нејзината доверба“.

Со криминализација на ваквите постапки гледам подигање на нивото на свесност за почитување на приватниот живот и интимата. Најстрого го осудувам ставот дека фотографиите на убавите девојки и жени што се постираат по социјалните мрежи се провокација за демнење, злоупотреба или кој било начин на насилно однесување. Како што е напуштен ставот дека при Кривично дело „силување“ не е „оправдување“ ако жртвата има провокативен изглед, туку нејзината дозвола и прифаќање на интимниот чин, ист став треба да постои и за фотографиите со кои женскиот пол го изразува својот сексапил, особено што тие се достапни со веќе дадена доверба како пријателство на ФБ или следач на Инстаграм. Злоупотребата на довербата е санкционирана како кривично дело „измама“, „злоупотреба на лични податоци “, „фалсификување на исправа“ итн., а сега и како „демнење“, за што сметам дека се постигна слух за многубројните жртви на ваквите дејствија и подигање на свеста.

Што се карактеризира како семејно насилство, дали е тоа само шлаканицата или многу повеќе од физичка болка?

Семејното насилство претставува секое насилно однесување и наметнување сопствена волја врз категории на луѓе со кои сме во партнерски или семеен однос. Тоа, освен брачниот партнер е и вонбрачниот партнер, братот, сестрата, мајката, таткото, синот, ќерката итн. Семејното насилство освен физичко може да биде и психичко (со малтретирање, понижување, занемарување на партнерот и обврските, воспоставување на контрола над партнерот итн.), вербално (со навредување со погрдни зборови), економско (контрола и одземање на остварените приходи, ограничување на слободата на користење на финансиите и сл.), како и други облици. Законот го определил како: малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар или вонбрачен партнер или лица што имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Кој повеќе трпи насилство, дали само жените, или и мажите?

Согласно со статистиките повеќе жртви на семејно насилство се жените, па согласно тоа и воведување на поимот „фемицид“, што значи насилство врз жената-женскиот пол, а заштитата на жената е поставено и на ниво на закон, па во сила е Законот за спречување и заштита на насилство врз жените и семејното насилство. Во мојата практика, за жал, сум имала и мажи жртви на семејно насилство, каде што не сакајќи да вратат на насилно однесување на жената и однесувајќи се цивилизирано, биле жртви. Во Скопје имам случај каде што застапував жртва на семејно насилство маж и беа изречени мерки за заштита од семејното насилство.

Освен што се воведе новото кривично дело демнење, ни требаат ли измени во делот во кој за телесна повреда, за модринки или гребнатини насилникот се гони само по пријава на жртвата? Но доколку таа, можеби од страв, срам или други причини ја повлече тужбата, обвинителите немаат ингеренции да постапуваат освен ако не се работи за посериозни повреди и какво е Вашето искуство како адвокат во врска со донесе пресуди за сторители на семејно насилство, дали судиите се строги или попустливи во донесување на пресудите, односно дали има повеќе условни или затворски казни?

Како адвокат што практично се занимава со оваа материја би изразила задоволство во посериозниот пристап на институциите кон оваа материја. Моите искуства кажуваат дека поранешниот пристап дека семејното насилство не треба да се процесуира поради смирување на односите помеѓу странките и како резултат се добиваше негово повторување, како и поранешниот пристап дека „семејната расправија со навреди и насилни однесувања не е семејно насилство“ се напушти и се оди кон процесуирање и казнување на утврдено семејно насилство. Согласно ова, апелирам до сите мои клиентки-жртви на семејно насилство да го пријават и процесуираат, а сторителот да биде казнет.

Само на тој начин ќе се создаде свест дека семејното насилство е појава што е казнива и треба да се искорени, а проблемите да се решаваат на мирен начин. За жал, тешката економската состојба, условите на карантин поради пандемијата и кризата што ја создаде доведоа до зголемување на случаите на семејно насилство, но и нивно процесуирање и казнување. Од мојата практика можам да истакнам дека повлекувањето на пријавата за сторено семејно насилство во 99% случаи резултира со негово повторување, но пријавено и процесуирано семејно насилство може да се повтори во 1 % случаи. Најважно е да биде пријавено и во целиот процес жртвата да добива поддршка во водење на постапката од институциите и семејството.

Имаме ли доволна едукација за да го препознаеме семејното насилство, како и дали жртвите имаат доволна заштита откако ќе пријават?

Сметам дека едукацијата треба да се врши помеѓу младите, кои допрва треба да стапуваат во сериозни партнерски односи. Секој еден млад човек, без разлика на полот, да биде едуциран, прво во рамките на своето семејство за независност и почитување на другиот, а потоа тоа да се врши и со обуки и семинари помеѓу средношколци и студенти. Што се однесува на механизмите за заштита, со задоволство можам да кажам дека во нашата држава располагаме со „сигурни куќи“, како и „СОС село“, каде што жртвите можат да побараат сместување во критичниот период. Она што сметам дека не достига се механизми за подобрување на психичката и финансиската состојба на жртвите. Сметам дека треба да постојат третмани за секоја жртва на семејно насилство и тие да одат заедно со постапката за издавање времени мерки за заштита на семејно насилство која ја водат центрите за социјална заштита. Секоја жртва да има обезбедено можност за решавање на станбеното прашање по излезот од сигурната куќа, како и вработување, обезбеден бесплатен прием на децата во градинка и овозможување друг вид помош за старт на новиот живот.

Со оглед на фактот дека ако на сторител на кривично дело му се изрече мерка за забрана да ѝ се доближува на жртвата, тој тоа го стори, немаме механизам во кој 24/7 може таа да биде заштитена, ниту пак знаеме кога тој може пак да влезе во домот. Како го гледате решавањето на овој проблем? Дали жените трпат или пријавуваат семејно насилство, што вели Вашето искуство и каков е Вашиот совет до жртвите?

Мојот совет и апел до сите жртви на семејно насилство е да го пријават и процесуираат. Да останат цврсти во борбата за казнување на ваквиот чин, бидејќи не само што ќе добијат самите заштита, туку ќе порасне и самосвеста и семејното насилство нема да им се повтори, а при тоа ќе делуваат и едукативно и кон останатите во општеството, бидејќи казнетото семејно насилство ќе претставува пример дека таквото однесување нема да се толерира, па нема ни да се случува.

Иако понекогаш механизмите за заштита не се доволно „на нивото на задачата“, она што секоја жртва треба да го прави е да бара заштита од институциите: полицијата, центрите за социјална работа и адвокатите што како полномошници треба да останат присутни целосно, во сите фази на постапката.

Колку е тенка линијата од кавга, до удар и на крајот убиство?

Многу е тенка линијата од физичкото семејно насилство до сторување на кривично дело „убиство на миг“. Овој квалификуван вид убиство се случува кога сторителот е во афект, а тоа може да биде и сторителот на семејно насилство, а и жртвата од страв и борба за сопствениот живот. Според ова, за да се спречи оваа појава, треба да се дејствува кон пријавување и барање заштита, а не кон самостојно решавање на проблемот. Жртвата самостојно проблемот, во исклучителни ситуации, може да го реши само со бегање и пријавување до првата полициска станица.

Што е најголемиот проблем на жените да кажат стоп на семејното насилство, дали егзистенцијата, срамот... или нешто сосема друго?

Во мојата практика имав поразителни случаи кога жртвата не сака да излезе од своевидната комфорна зона и да се бори против семејното насилство. Тука е проблемот немањето поддршка од своето семејство, немањето самостојност при обезбедување на егзистенција, напуштањето на подобрите материјални услови кај сопругот, како и потребата да се избега од реалноста и да не се „тегне по судови“. За жал, ваквите жртви не само што стануваат пак жртви, туку и менталниот склоп за оваа работа не им се менува. Не создаваат личен револт кон насилното однесување кон себе, па многу често стануваат жртви на семејно насилство и со други партнери.

Ако има притвор за секој пријавен за насилство, ќе се превенира ли ова кривично дело и колку често насилниците завршуваат во притвор?

Многу ретко семејните насилници завршуваат во притвор. Лично сметам дека доколку за насилно однесување се определи задолжително задржување од најмалку 48 часа, ќе се постигне ефектот на „смирување на страстите“, како и закана кај потенцијалните сторители дека ќе заврши во притвор. Бидејќи задржувањето во казнена установа никому не му е пријатно, ќе се делува поригорозно, а при тоа нема да се предизвика особен товар на државниот буџет. За времето на задржувањето жртвата ќе може да се обезбеди со сигурно сместување, почнување постапка и сл.

Совет од Вас до сите што трпат насилство?

Мојот совет до сите жртви на семејно насилство што сѐ уште го трпат од кои било причини е прво да пријават и процесуираат, а во меѓувреме да создадат услови за самостоен живот. Да се вработат и да остваруваат приходи, да обезбедат издршка од родителот што не живее со детето и да продолжат со самостоен живот. Да ги искористат сите механизми за заштита и помош на жртвите на семејно насилство и самохраните родители и да ги воспитуваат своите деца на самостојност, интегритет и почитување кон партнерот и членовите на семејството. Напуштање на малограѓанскиот приод кон партнерството и нормите на традиционалното партнерство од пред еден век.

Катерина Додевска 

Фото: Наце Попов

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе