Интервју

Адвокатката Тимосиеска советува: Шминката не покрива модринки и убоди од нож, не молчете пред насилството

Жените да бидат гласни и да не го премолчуваат насилството, бидејќи шминката не ги покрива модринките и убодите од нож. Верица Тимосиеска е адвокатка од Тетово што со правото се занимава од 2000 година. Кариерата ја започнала со семејни спорови, а од 2002 година е надворешен соработник - адвокат во Центарот за бесплатна правна помош на здружението Женски форум од Тетово. Од 1 декември 2020 е правен советник бидејќи заминува во пензија. Осумнаесетгодишното посветено работење во случаите на семејно насилство ѝ донело многу борба, многу солзи од жени-жртви на насилство, а дел од нив едвај и останале живи.

. Со пензионираната адвокатка Тимосиеска зборуваме за тоа дали се доволни казните за сторителите на семејно насилство и за тоа дали треба жените да замижуваат пред кажаното „Не те бива за ништо“, кое е навреда и психичко насилство, и пред „Извини, те удрив...“ што е манифестација на сила...

Се сеќавате ли на случај во кој, да речеме, семејното насилство преминало во убиство во обид, па жртвата се спасила и сте успеале да го добиете предметот на суд?

-Од првиот момент на вклучување во проектот за заштита на жртви од семејно насилство ја посветив мојата работа на подигање на свеста кај жените за негово пријавување и заштита на нивните права пред надлежните институции. Да, имав случај што во почетокот го третирав како семејно насилство, но по изречените судски мерки за заштита и добиена пресуда во кривична постапка за Загрозување на сигурноста (условна казна), дејството на обвинетиот доби замав и прејде во обид за убиство. За ова кривично дело на сторителот му беше изречена затворска казна од 8 години, а пресудата по жалба беше потврдена од Апелациониот суд во Гостивар. Осудениот сѐ уште ја издржува затворската казна, а оштетената, која едвај се спаси од нанесените убоди со нож и која што беше во кома 7 дена, по излегувањето од болница замина кај својот син во странство, каде што сѐ уште живее.

Какво е Вашето искуство, односно колку сериозно се зема предвид пријавата за семејно насилство и колку една жена е заштитена според постоечкиот Закон за кривична постапка како жртва на семејно насилство. Ни требаат ли измени и во кој дел?

-Според моето повеќегодишно искуство, пријавите за семејно насилство што жените ги поднесуваат преку МВР, односно преку јавниот обвинител како овластен тужител, немаат соодветна тежина и третман. Ова не е поради лошо направените закони, туку повеќе се должи на недоволната едуцираност, отсуство на чувството за емпатија, непрепознавањето на насилството во исказите на жртвите и традиционалното сфаќање на односот маж-жена од страна на надлежните во институциите, кои според позитивното законодавство се вклучени во системот на заштита на жртвите од семејно насилство. Законски измени во постоечката регулатива ни требаат заради подигање на нивото на квалитетот на законите, иако според мое мислење генерално законите се добри. Она што ни недостига е нивно доследно и целосно имплементирање, затоа што само на тој начин жртвите од семејно насилство може да имаат бенефит и да почувствуваат дека системот ги штити, што пак ќе придонесе тие да се охрабрат да го пријавуваат насилството, за тоа како општествено зло да добие соодветен институционален третман.

Вклучена сте како правен советник во Центарот за правна помош за жртви на семејно насилство во Тетово. Кој сѐ може да побара правна помош?

-Центарот за БПП во здружението Женски форум во Тетово функционира речиси 20 години и јас сум таму од самото формирање. Правната помош подразбира давање правни совети, упатување до надлежни институции, изработка на писмени поднесоци (тужби, молби, жалби, барања, предлози, кривични пријави и сл.) и судско застапување. Овие услуги се достапни на сите жртви на семејно насилство, кои може да се обратат кај нас по телефон, или лично да дојдат во просториите на Женски форум. Информации за локацијата се добиваат по телефон.

(044 343-410 и 070 507-306 се телефонските броеви на кои секоја жртва на семејно насилство може да добие помош и бесплатен правен совет). 

Но што е со психичкото насилство? Се докажува ли лесно и што во случаи кога нема модринки и рани, туку навреди и психичка тортура?

- Жртвите на семејно насилство што се обратиле кај мене за правна помош имаат претрпено во најголем дел психичко насилство, потоа следува физичкото, па економското и сексуалното насилство. Психичкото насилство потешко се докажува, но јас ги упатувам жртвите на психолог или психијатар, со чии извештаи се трудам пред судот да го докажам овој вид на насилство. Во законите не постои правна квалификација за кривично дело психичко насилство, јас го поврзувам со кривичното дело Загрозување на сигурноста ( чл.144 ст.2 в.в.со ст.1 од КЗ на РМ ) за да може жртвата да добие некаква правда за она што го претрпела ( страв, вознемиреност, несигурност.. )

Случајот со Јавна соба 1 е еден од најголемите случаи во кои беа злоупотребени податоци на многу жени и девојки. Но постапка за сега има само во оној дел каде што се злоупотребени фотографии од малолетнички. Кои сѐ кривични дела постојат во овој предмет, за кој, за жал, нема ниту обвинение? Постои ли овде психичко насилство, злоупотреба на лични податоци, крадење на идентитет...?

 -За случајот Јавна соба не можам да давам квалификации, затоа што не знам подробности, не знам што сѐ е предмет на кривично дело, а од кои елементи би можела да формирам правно мислење. Навистина имаше информации од портали, медиуми итн. но мојот начин на донесување мислење е со поинаков пристап.

Како жена и како адвокат, дали сметате дека и навредите и пцостите упатени од маж кон жена се насилство и што е пострашно, да Ве навредуваат или да добиете шлаканица?

-Секое обраќање на мажот кон жената што на каков било начин ја вознемирува жената, ја навредува, ја понижува и ѝ влева страв, за мене е насилство. Ова го мислам како човек, не како жена или како адвокат. Што се однесува до тоа кој облик на насилство е потежок: физичкото или психичкото, одговорот зависи од самата жртва, од тоа дали, како и колку го препознава насилството, и кое ѝ остава подлабоки лузни, физички, кои се видливи, или емотивни, кои се невидливи.

Го делите ли ставот на повеќето жртви на семејно насилство кога велат дека ако маж еднаш крене рака на жена, тоа се повторува и тој негов порив за насилство не завршува тука?

-Се сложувам со жените што застапуваат ваков став и кои биле жртви на семејно насилство, затоа што моето професионално искуство го потврдува тоа.

Ги покрива ли пудрата модринките, односно што сметате дека е најдобро да се направи, да се стави шминка и да се молчи, да се толерира под изговор дека можеби ќе се смени или да се пријави и да се стави крај?

-Шминката служи за прикривање, но кога ќе падне, сѐ излегува на виделина. Тоа што јас сметам дека е најдобро да се направи се трудам да им го препорачам на моите клиентки, секако со претходна детална анализа на случајот, со процена на безбедноста на странката и со нејзина согласност.

Многу од жените што биле жртви на семејно насилство долго чекаат да почнат постапките, односно има случаи во кои насилниците не завршуваат во притвор и се на слобода додека трае истрагата, односно буквално се без заштита и безбедност на животот. Каков е Вашиот став и искуство по ова прашање и затајува ли целиот систем или затајуваат институциите поединечно?

-Точно е тоа дека секоја истрага бара време, кое некогаш се губи на непотребни работи, или едноставно не ѝ се дава доволно значење на тежината на семејното насилство, па може да биде загрозен и животот на жената што го пријавила. Сум имала случаи во мојата пракса кога сум барала мерки за заштита од насилството, но насилникот што е упорен и е на слобода никаква хартија не може да го запре. Надлежните институции треба и мора сериозно да го сфатат семејното насилство, па ако изработат добар безбедносен план, би можело да се изрече и мерка притвор за насилниците доколку постои законска основа и реална можност да се повтори кривичното дело.

А казните, доволни ли се и колку им е тешко на судиите, еве во судот во Тетово, каде што Вие ги застапувате жртвите да изречат затвор и сметате ли дека благите казни се можеби причина плус за тоа овој проблем да зема сѐ поголем замав и буквално бавните постапки и неказнивоста да отвораат пат кон сѐ побрутални закани и ќотек кон жените?

-Казните што се дадени како законско решение не се мали, затоа што се движат од парични глоби до затворски казни, но во судовите во скоро сите пресуди се изрекуваат условни казни. Секогаш се наоѓаат олеснителни околности со кои се ублажува ефективната казна затвор, а зошто е тоа така тоа треба да одговорат судиите што ги носат пресудите.

Мое лично мислење е дека секогаш мора да се има предвид целта на казнувањето како што предвидува законот, значи казната да делува воспитно на сторителот да се воздржи од вршење кривични дела во иднина, но и да има општествено значење и кон другите граѓани. Ако ние благо ги казнуваме сторителите на семејно насилство, оваа цел на казната не е постигната, дури се охрабруваат насилниците да продолжат да бидат насилни затоа што нема да бидат казнети за своето дело. Тоа доведува до засилување на појавите на насилство, наместо до негово сузбивање, за кое се залагаме.

Сте имале ли случај во кој маж бил жртва на семејно насилство?

-Не сум имала маж жртва на семејно насилство од неговата жена, партнерка, девојка, но сум имала мажи жртви на насилство од нивните синови. Жените се поизложени на овој проблем од повеќе причини: физички се послаби од мажите, економски се зависни од нив, традициите и обичаите поврзани со односите на потчинетост во бракот, срам од осуда од околината ако го пријави насилството или ако се врати кај родителите, страв за сопствениот и животот на децата.

-Кој е Вашиот совет за реченицата упатена кон девојки и жени во врска или во брак, „Не те бива за ништо“, како и за „Извини што те удрив, нема да се повтори“?

- „Не те бива за ништо“ е навреда и психичко насилство, а „Извини, те удрив....“ повеќе е манифестација на сила и физичко насилство, истовремено и порака до жената да не му дава значење на настанот и да не го пријавува. Но не треба да се молчи, бидејќи само така ќе се намали семејното насилство.

Го признаваат ли лесно обвинетите во постапките насилството и кои се првите барања и тешкотии со кои се соочуваат Вашите клиентки кога ќе дојдат во Вашата канцеларија, дали можеби средствата за егзистенција, продолжувањето со животот, стравот да не им се случи нешто?

-Во случаите што сум ги застапувала до сега, не се случило да не можам да го докажам постоењето на кривичното дело за кое ја застапувам оштетената странка, затоа што без обезбедени докази не се појавувам пред суд. Имало случаи на признание на вина од страна на обвинетите, за да се добие поблага казна, а не поради искрено каење за стореното дело или давање ветување дека веќе нема да прави вакви кривични дела. Потврдено е дека тоа е само фарса и нема никаков реален позитивен ефект за жртвата. Моите клиентки се соочуваат со повеќе тешкотии што се последица на претрпеното насилство, јас како правен советник ги давам оние услуги што се во мој домен, а оставам простор за упатување и во други институции и кај друг вид професионалци што можат да им помогнат во надминување на другите проблеми.

Го зголеми ли кај Вас ковид-кризата бројот на телефонските повици од жени што бараа помош во време на пандемија?

-Во време на пандемија, кое сѐ уште е актуелно, во Центарот за бесплатна правна помош во Женски форум нема зголемен број на пријави за семејно насилство од она што е вообичаено.

Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе