Доказна постапка на судењето за петкратното убиство

600 гости од свадба да бидат сведоци за да му обезбедат алиби на обвинет од „Монструм“

По втор пат во судница, но сега пред друг обвинител се појавија сведоците на одбраната за случајот „Монструм" во кој на шестмина обвинети, од кои двајца во бегство им се суди за тероризам. Испрашувањето на сведоците и слушањето на нивните одговори на моменти минуваше со доза на иронија, но обвинителката Фатиме Фетаи потсетуваше дека во судница се суди за многу сериозен настан.

Одбраната пак, начинот на поставувањето на прашањата и однесувањето на Фетаи кон сведоците кои беа повикани од обвинетите и нивните бранители, го нарекоа недозволиво со дополнување дека обвинителката се изживува со сведоците. За да му се обезбеди алиби на обвинетиот Сами Љута за тоа каде бил на конкретен ден од месец февруари, 2012, одбраната децидна дека ако треба и сите гости од свадбата на која присуствувал обвинетиот ќе се повикаат да потврдат дека бил гостин.

На судењето сведочеа брачен пар, соседи и пријатели на обвинетиот Сами Љута и сосед на обвинетиот Фејзи Азири.

Прашањата почнаа со датумот, гостите и ресторанот за свадбата на брачниот пар кој сведочеше, па продолжија во насока на тоа дека вториот сведок се сеќава до детали на денот на петкратното убиство, по што обвинителката Фетаи го праша да се сети што правел на 9-ти и 10-мај,2015 односно на денот на терористичките напади во Куманово и на 27 април, 2017 година на денот на „крвавиот четврток".

Првиот сведок, Сенат Буши веќе дал исказ за настанот во март, 2014 година во првата постапка, но денес се сети дека тогаш ја згрешил годината на неговата свадба на која, како што тврдеше присуствувал и обвинетиот Сами Љута кој според обвинението им помагал на извршителите на петкратното убиство и бил логистика, односно чувал стража додека се случувало убиството.

Сведокот Буши пред судот тврдеше дека не правел свадба во февруари, 2011, туку 2012 година.

„Не останувам на истиот исказ бидејќи сум ја згрешил годината на мојата свадба на која гостин беше и Сами Љута. Тогаш тој имаше кратка коса, а иста фризура имаше и пред мојата свадба. Претходно имаше долга коса. Го познавам и Хаки Азири, тоа е овој човек што седи овде пред мене. Двајцата обвинети кои не се овде во судница не беа на мојата свадба", рече пред судот сведокот Буши.

На неговите одговори на прашањата на судијата Огнен Ставрев, обвинителката Фетаи му забележа дека вешто одбегнал да одговори кога се случило петкратното убиство за кое сведокот кажа дека дознал од интернет. Но тој не успеа да се сети на датумот на убиството на четирите момчиња и рибарот од Црешево.

Адвокатот Насер Рауфи во своите прашања побара од сведокот да се сети кој се бил на неговата свадба, на што судијата Ставрев се надоврза и праша колку вкупно гости имало на свадбата на сведокот и го праша адвокатот да не треба сите да се викаат како сведоци во оваа постапка.

Одговорот на сведокот беше дека од прилика имало околу 600 гости, на што судијата му рече на адвокатот: „Ја слушнавте ли бројката, Насер"?

По ова адвокатот Асмир Алиспаиќ се надоврза со прашања колку камери и фотографи имало на таа свадба, па со фото документација и снимка да се докаже дека обвинетиот Сами Љута бил гостин на свадбата на сведокот Буши.

Сведокот беше испрашуван и за други датуми, но бидејќи не можеше да се сети на годините рече дека очигледно има проблеми со паметење на годините.
За датуми и години Фетаи го прашуваше и следниот сведок, Јонче Ивановски сопственик на приватна фирма за производство на амбалажа, сосед на Фејзи Азири.

Прашањата на Фетаи го налутија, по што тој во одредени моменти и одговараше децидно, но со доза на иронија.

Обвинителката Фетаи му укажа дека во исказот што го дал пред судот кога овој предмет го застапуваше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, сведокот посочил дека се сеќава до детали на се што му се случувало на 12 април, 2012 година бидејќи не може човек на таков датум да не се наврати назад и да се запраша што се правел.

„Бидејќи сте кажале дека не може човек да не се наврати назад за тоа што правел на денот на петкратното убиство, еве ќе ве прашам да ми кажете што сте правеле на 9-ти и 10-ти мај, 2015 кога се случија нападите во Диво Насеље, како и на 27 април, 2017 година кога беа случувањата во Собранието", го праша Фета сведокот.

На ова тој првично не можеше да се сети и само кусо рече дека сигурно не бил во Собранието, но потоа дополни: „Во Собрание не сум бил сигурно. А, да. Еве се присетувам дека жена ми готвеше вкусно јадење, свински кременадли со компири", одговори сведокот Ивановски.

Но, Фетаи не се откажа и продолжи: „А, бидејќи се сеќавате до детали на бои, форми, облека ајде одговорете ми понатаму"

На ова следеше одговор од сведокот: „А, сакате и да ви кажам што носела мојата сопруга на себе тогаш?".

Фетаи на ова реагираше дека сведокот треба да се сериозен бидејќи таков е и настанот, но одбраната и возврати дека таа претерува со прашањата и дека го навредува сведокот кој пак праша дали обвинителката на овој начин сака да го провери дали му работел умот.

„Вие мене ме проверувате дали ми работи умот. Да, ми работи одлично. Можеби не сум стручен како вас да паметам детали од предметов, но тоа е ваша работа. Ќе изгубите од мене ако почнеме да зборуваме за мојата бранша. Овде зборуваме за личност која ја познавам неколку години и која не сторила ништо од она за што овде се суди. Јас сум Македонец и мене ми е жал за тие деца, но за мене тој не е виновен", рече сведокот.

„А ако не го сторил тој, тогаш можеби вие знаете кој ги убил децата", возврати Фетаи.

Сведокот одговори дека не знае.

На заминување од судница судијата Ставрев му се извини во име на судот ако бил вознемирен денес, но сведокот гледајќи кон Фетаи му одговори дека судијата не е тој што го вознемирил.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм" го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

К.Д.

Да се стави точка на великобугарскиот шовинизам е насловот позајмен од едно писмо напишано во јули 1946 година од Илинденската организација до Владата на слободна Македонија.

повеќе

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе