Обвинителството бара казни за настаните во Собранието

„27 април“ е испланиран и спроведен напад од оние што денес се во судницава, но и од амнестираните, посочи Рускоска

Откако обвинителката Ивана Трајчева го прочита обвинението за 27 април, по неа со завршни зборови настапи и обвинителката Вилма Рускоска. Освен како обвинител со деталната анализа на доказите што ја презентираше за секој обвинет поеднично, Рускоска пред судот зборуваше и како граѓанин и посочи дека чувствува горчина дека ваков настан се случил токму во Собранието на Република Македонија. 

Ги спомена имиња и на амнестираните и на неамнестираните, а на судијката Добрила Кацарска и на нејзините членови на судечкиот совет им порача дека најважно од се за судот е тоа што се случувало меѓу ѕидовите во судницата, како и фактите и доказите за кои, како што рече Рускоска, покажале многу насилство. 

„ Многу работи се случија од почетокот на овој процес, од воведните зборови, па се до завршните зборови и во судница и надвор од неа. Во текот на овој процес мислев на сведочењето на Душиц Мрѓа, на Павле Богоевски и на Фросина Ременски за настан кој го доживеале и предизвикал такви емоции. Како обвинител кај мене тоа предизвикува чувство на горчина и самата траума што овие луѓе ја доживеале во Законодавниот дом. Чувствувам горчина и како граѓанин“, рече на почетокот на завршниот збор обвинителката Рускоска. 

Обвинителката не изостави да го спомени Законот за амнестија за кој рече дека извршил влијание на неказнивост. 

„Дел од оние кое се во обвинението се амнестирани, а дел не се. Овде видовме многу насилство. На 27 април, 2017 е извршен организиран насилен напад врз една од најважните институции, нашето Собрание. Обвинителството докажа дека ова не беше спонтан напад на насилна толпа луѓе. Обвинителството докажа дека ова не беше резултат на зовриени емоции кои резултираа во неконтролирано насилство. Обвинителството докажа дека ова беше со умисла планиран и спроведен напад од лицата кои денес седат во оваа судница, но и од оние кои благодарение на Законот за амнестија не се повеќе во судница“, рече во завршен збор, Рускоска. 

Според Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција доказите во текот на оваа постапка потврдиле дека преземените дејствија од страна на обвинетите, не претставуваат дејствие само за себе, туку се поврзани и последователни така како што било планирано, а со цел да се загрози уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија. 

„Обвинителството докажа дека овој случај не претставува политички прогон, и не е резултат на политички реваншизам и дека целта на ова обвинение е единствено спроведување на законот, како што во текот на постапката видовме единствено акти на насилство. Изведените докази несомнено ја потврдија намерата на обвинетите за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија, да оневозможат и спречат избор на претседател на Собрание со предизвикување акт на насилство внатре во Собранието на Република Македонија, загрозувајќи го животот на пратениците, новинарите, овластените службени лица, како и вработените во Собранието, со што кај сите нас, граѓани на оваа држава предизвика чувство на несигурност, загрозување и страв“, посочи во завршен збор обвинителката Рускоска. 

Таа дополни и дека за сето време додека постапува по овој предмет, не можела да се оттргне од впечатокот, не толку на упорноста на обвинетите во сторување на кривичното дело, туку пред се во нивната организираност.

„Поради таа причина очекувам и организаторите да застанат во оваа судница. Од овие причини предлагам обвинетите Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо и Александар Василевски-Нинџа да бидат огласени за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по член 313 од Кривичниот законик, а обвинетиот Оливер Радулов да биде огласен за виновен за помагање. При одмерување на видов и висината на казната на обвинетите, судот да ги цени како олеснителните, така и отежителните околности кои стојат на страна на обвинетите и да им изрече казна со која ќе бидат постигнати целите на казнувањето“, заврши Рускоска. 

Во судница во завршен збор таа изрази разочарување од непостапувањето на полицајците и рече дека се срам за униформата и државата за која се заколнале дека ќе ја чуваат. 

По завршните зборови на обвинителството, судењето за 27 април ќе продолжи на 4 февруари со завршен збор на одбраната. 

К.Д.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе