Бегалците се правосилно осудени за тероризам во „Монструм“

10 години бегство, никој во затвор за убиство на петмина: третпат ќе се бара екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ

За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата бегалци кои пред неколку дена добија правосилна судска пресуда за случајот „Монструм", повторно ќе биде поднесено барање за ектрадиција. Министерството за прада, неколку дена по поставените прашања од МКД.мк денес информираше дека овие лица пак ќе се побараат од Косово. Демири и Исмаиловиќ кај нас се водат како недостапни на органите на прогонот, а се бараат како извршители на петкратното убиство кај Смилковските езера кое се случи пред 10 години.

Дванаесетти април 2012 година беше кобниот ден за четири момчиња на возраст од 18 до 21 година и за 45-годишен рибар. Со три различни типа оружје, три лица има пресудија на 5 жртви. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ според Обвинителството им пукале од близу на момчињата, а потоа на одредено растојание го забележале и рибарот, во кој исто така пукале. И тој паднал и починал до својот автомобил, на само неколку метри од телата на четирите момчиња. Денес за ова грозоморно убиство само еден е зад решетки, тоа е Агим Исмаиловиќ.

За лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ прв пат од Косово е побарана екстрадиција на 15 март, 2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година , потврдено и од Апелацискиот суд на Косово јануари 2016 година.

Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 5 септември, 2018 година. На 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.

Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено, велат од Министерството за правда. 

Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, февруари 2016 година и октомври 2021 година.

За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.
Апелацискиот суд Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за „Монструм“ со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор.

За овие лица Министерството за правда повторно ќе поднесе ново барање за екстрадиција. Осудени се за убиство на пет лица. Повиците на родителите, кои се обидувале да ги добијат своите деца што до доцна не се вратиле дома, биле безуспешни. Никој не им одговорил на телефонските повици, а по некое време, за жал, до најблиските стаса страшната вест за убиството на децата и рибарот.

Иако до сега за овој предмет Демири и браќата Исмаиловиќ три пати добиваат доживотни затворски казни за тероризам и се посочени како директни извршители на овој настан, само еден од нив во судница ја слуша пресудата и заврши зад решетки.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ речиси десет година по ред успешно бегаат и се кријат од лицето на правдата. И кога на сите ни се чини дека можеби органите на прогонот се толку близу до екстрадиција на двајцата бегалци, фактите и постапките на институциите се тука да ни го докажат спротивното: дека тие не се достапни и покрај тоа што се знае нивната локација на престој.

Косово е местото што умешно ги крие Демири и Исмаиловиќ. Факт е дека за нив има меѓународни потерници и во потрага е вклучен и Интерпол, но од двајцата бегалци во државава нема ни трага ниту глас.

Сега македонското Министерство за правда повторно ќе бара екстрадиција на овие лица кои доживотно треба да бидат зад решетки за кривичното дело тероризам. 

На Косово бегалците беа фатени за нелегална трговија со оружје, по што завршија зад решетки во тамошниот затвор. Иако македонските власти бараа екстрадиција на првообвинетите во случајот „Монструм", сепак екстрадицијата од Приштина беше отфрлена. Постапката за екстрадиција не завршила, а надлежните во државава тогаш не добија никакво известување дека осудените од Косово се пуштени на слобода.

Во 2018 година Агим Исмаиловиќ јавно и пред сите на судење кажа дека косовската полиција ја има точната адреса и знае каде се наоѓа неговиот брат, со кој, како што рече, комуницирал преку вибер.

„Мојот брат е на Косово, комуницирав со него преку вибер", рече на рочиште за случајот „Монструм" обвинетиот Агим Исмаиловиќ на 16 мај 2018 година.

На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи која е точната адреса и каде точно се наоѓа неговиот брат Африм Исмаиловиќ, обвинет во оваа постапка што се бара по потерница, Агим рече дека тој живее во Приштина, дека адресата не ја знае, но дека косовската полиција има точни податоци и многу добро знае каде живеат и неговиот брат Африм и обвинетиот бегалец Алил Демири, по кого исто така е распишана меѓународна потерница.

И колку ова и да звучи како полицијата и надлежните да имаат трага да ги лоцираат и најдат бегалците, тоа не се случи.

И оваа изјава за вибер-комуникација и точната локација остана така, само како изјава без реализација. Фактот дека бегалците се на Косово го потврди и настан што се случи лани, во април. 

По сообраќајна несреќа во Косово, Африм Исмаиловиќ беше однесен во полициска станица и е утврдено дека се бара по потерница. Косовската полиција испратила известување до македонското МВР, по што е утврдено дека за ова лице има барање за екстрадиција.

Сега Македонија до Косово по трет пат ќе бара ектрадиција на двајцата бегалци. 

К.Д.

 

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе