Интервју со директорот на Управата за извршување на санкции

Стојановиќ: Не сте на функција за да ви се плашат и да велат „Иде директорот“, туку и за да јадете затворска чорба со осудениците во Идризово

Јовица Стојановиќ од август 2017 година е на функцијата директор на Управата за извршување на санкции. Избран од Владата по предлог на министерот за правда. На речиси половина од неговиот мандат, кој трае 5 години, Стојановиќ во интервју за МКД.мк вели дека е оптимист за состојбата во затворите и дека оваа состојба е подобрена, но очекува тоа да оди и на подобро. Неговата девиза е работење по принципот „Сега, веднаш и одма".

Во 2006 година бил на функцијата директор на најголемиот затвор во земјава, затворот во Идризово, а претходно бил дел од затворската полиција. Во проблематиката на која работи е вклучен 26 години на разни работни позиции. Денес е одговорен за 12 затвори во земјава, а често знае и ненајавено да ги посети. Забранил директорите на затворите да се возат со џипови, а џип не користи ниту тој. Во затворските ќелии влегува сам без обезбедување, а знае и да се најде очи во очи со осуденик во самица, за да ги чуе неговите проблеми и барања. За тоа како е да седите на иста маса со осудениците и да јадете од затворската чорба со пилешко, да влезете во костум во нивните ќелии, да бидете директор со директорите и „осуденик“ со осудениците, зборуваме со првиот човек на институцијата одговорна за сите затвори во земјава. До сега потпишал 166 дозволи за влез во затворите и по долги години ги отвори затворските решетки, за јавноста преку медиумите да види во каков свет живеат осудениците.

Лоши и нехумани услови во затворите. Речиси и нема извештај во кој не е напишана оваа забелешка. Издржана, пренагласена, непотребна или реална?

Има работи што не зависат само од Управата за извршување санкции. Ќе почнам со затворот во Идризово. Стопанскиот дел онаму каде што имаше спални е дел што денес е вон функција, делот школарци повеќе не постои и таму има трева.

Се руши и магацинскиот дел и старечкиот дел. Во стариот дел е направена реконструкција, а приземјето е целосно затворено. Новиот дел има 546 кревети за осудените лица. И старечкото одделение повеќе нема да постои, а осудениците што се во тој дел ќе бидат сместени во делот кај амбулантата што се пренаменува во спални соби за да бидат поблиску до лекарите. Во дворот на затворот во Идризово се гради судница, која ќе има капацитет од 120 седишта. Таа е дел од комплексот што веќе се гради и е надвор од населено место.

Локацијата во дворот на затворот во Идризово е одбрана бидејќи е близу до автопатот и на обиколницата, со што ќе се избегне и гужвата низ улиците во главниот град, а сообраќајницата ќе може да овозможи лесна достапност и спровод и од останатите затвори во земјава. Со само неколку чекори осудените лица ќе можат од ќелија да влезат во судница и на тој начин нема да го имате проблемот со спроводи и огромни трошоци, како што беше, да речеме, Диво Насеље. Поедноставно е обвинителите и судиите да дојдат во затвор, отколку осудените да се носат кај нив. Ќе се прават и два објекти за осудени лица од висок ризик. Направена е реконструкција на женскиот дел од затворот во Идризово, комплетно е променет инвентарот со донација од Советот на Европа, сите кревети се сменети, нова постелнина, душеци, секое одделение има чајна кујна, машина за перење и сушење алишта. Станислава Чочоровска била единствената што имала машина за перење алишта и за тоа им наплаќала на осуденичките. Сето тоа сега е минато. За да се реализира Развојниот план на Идризово, потребни се околу 26 милиони евра од кредит и 3 милиони што им се ветени од Бертолини. Значи, очекувањата на директорот се дека ако имаат на располагање 29 милиони ќе се направи она што на хартија од Развојниот план“.

Директор на сите затвори и соочен со огромен број барања на вкупно 1.862 осуденици? Колку чини ден во затвор и доволен ли е Буџетот за да се покријат трошоците.

Буџетот за 2018 година е 981.126.000 денари, за таа година има вкупно 804.868 затворенички денови, а еден ден во затвор на осуденик ја чини државата 1.396 денари. Максимално домаќинско трошење на парите е и многу корисно. Се работи и земјоделство и производство на храна и од таму исто така штедиме средства.

Правиме инвестиции во заштеда на средства во затворите. Во неколку затвори се ставени и сончеви панели за загревање на вода, што исто така заштедува струја, а направени се и неколку бушотини по затворите за снабдување со техничка вода. Колку за споредба во Истражниот затвор во Шутка месечно се трошат по 10.000 евра за вода. Во овој затвор има голем долг за вода и полека, колку што имаме можности, го плаќаме. Имате години на функционирање на установите и ненамирување на долгови што се таложеле со години и доспеани тужби од затворската полиција што се наплатуваат од 2018 година.

Само во 2018 година извршителите наплатиле со судски извршни решенија за затворската полиција милион и 500 илјади евра. По мене е тоа нелогично. Затворот во Идризово и оној во Шутка, Штип имаа фиктивни часови пишувани. Во поголемиот дел од затворите таа бројка е надмината со новото менаџирање дека нема вишок часови или пак, непотребно ангажирање на жива сила нема и она што се ангажира е строго наменски. Сакавме да воведеме систем на евиденција на работно време со дланка, каде што нема да има можност за манипулации со картички. Имавме затекнато ситуација каде што едно исто лице чука картичка за 10 затворски полицајци. Од Дирекцијата за заштита на лични податоци не ни беше дозволено да го набавиме тој уред, бидејќи, според нив било собирање лични податоци.

Постои ли и ако да, каква е релацијата директор-осуденик?

Како што се однесува првиот човек на установата, така треба да се однесуваат и другите. Тој треба да биде пример, еве конкретно јас како директор на Управата за извршување на санкции треба да сум пример за моите вработени, но и за директорите на затворите. На работа доаѓам прв, си одам последен, работам и за викенди.

Работиме, проблеми има, но ние не бегаме од нив. Достапен сум за сите, а се случува и да добивам пораки од осуденици, па лично да заминам во затворот и да видам дали состојбата навистина е таква. Често ненајавено знам да ги посетам затворите во државата, и тоа може да се случи да појдам денес во 4 од нив. Ако работните обврски се извршуваат редовно и како што треба, нема потреба да бидат изненадени која ќе ме видат.

Онаа фраза „иде директорот“ воопшто не ја сакам бидејќи моето доаѓање треба да биде тековна и нормална работа. Оние кои се зад затворските решетки се наши, познаници, соседи, роднини, пријатели и тие ќе излезат и ќе заминат онаму каде што живееле. Прво и најважно ни е да не ја нарушиме нивната приватност кога се влегува внатре во затворите и не дозволуваме да бидат фотографирани или снимани без да дадат согласност. Но, и не даваме согласност секое едно осудено лице да зборува со секого. Ова од причина што не сме ние институција што треба да докажува и да покажува дали судскиот процес бил во ред или не, туку за да му овозможиме на осуденикот да го помине подобро тој период за кој е осуден. Човек сум што знае да влезе во самица со осуденик без обезбедување. Во мене треба да гледаат човек што е мост меѓу проблемите и решението на тој проблем. Јас никаде не сум покажал легитимација.

Дури и кога ќе ме запре сообраќајната полиција, ме прашува понекогаш што е тоа таму во возилото? Јас велам легитимација. Тие ми возвраќаат со прашање зошто не ја покажуваш? Возам со појас, со светла запалени, почитувам сообраќајна сигнализација. Но кога ќе ме фатат, си плаќам. Единствена забрана имам дадено дека на ниту еден директор на затвор не смее да му се даде џип. Блиндиран џип имаа во Охрид, во Тетово, Прилеп... Нема потреба да се вози џип, поскап е за одржување и е непотребен публицитет. Јас возам голф 4 ка карван и туран од 2004 та. Не е битно возилото, туку функционалноста.

Често има забелешки и околу здравствената заштита на осудените лица. Каков е вашиот став и каква е реалната слика околу ова прашање, со оглед дека нема ниту психијатар, односно повторно на работа го вративте оној што замина во пензија?

Постои недостиг од психијатри, Мирко Треневски прифати да продолжи да работи, а за лекарскиот третман на осудениците знаеме дека има недостиг. Јавната здравствена установа е онаа која треба да им понуди третман на затворениците. Можам да кажам дека ние имаме многу подобар третман, ако сме затвори отколку што амбулантите надвор. На пример новиот дел во Идризово и затворот во Куманово... има комплетна нова амбуланта со сите потребни инструменти.

Што наследивте од претходната гарнитура, освен оној долг за вода од Истражниот затвор во Шутка што претходно го споменавме?

За разлика од останатите, јас сум во оваа работа 26 години. Од директор на КПУ Идризово сум разрешен политички во 2006 година и точно знам што сум оставил тогаш на терен. Тоа е функционален „Препород“ и функционална економија. Кога дојдов во 2017 година, јас видов руина. Значи ништо од тоа што сум го оставил не постои. Владата донесе одлука да се обесштетат вработените будејќи има судски пресуди и тие работи се намирени. Се надминува и тој проблем со исплатите. Значи Препород и економија се претворени во ДОЕЛ-и на Владата ѝ бараме решение да ги вратиме по надлежност на затворот, бидејќи тоа е можност да се вложи во вработените, односно во обуки, а за тоа ни помагаат и ОБСЕ, УНДП, кои во соработка со Министерството за образование вложуваат и во образованието со курсеви и слично. Имаме континуирани обуки како на затворската полиција, така и на другите вработени.

Како стоите со проектите за ресоцијализација и социјализација? Што со овој дел од издржување на затворска казна, кој е многу важен, ако не и најважен во отслужување на затворската казна. Излегуваат на слобода, но немаат живот надвор, а немаат ниту поддршка од институциите, повторуваат кривично дело само за да се вратат зад решетки, бидејќи надвор немаат извор на егзистенција и покрив над глава?

Кога дојдов овде во 2017 година, ми рекоа дека пробацијата функционира и прашав дали може да ја видам каде тоа функционира и каде е канцеларијата. Ми рекоа дека канцеларија нема. Тогаш прашав како тоа функционира, на што добив одговор дека долу во ходникот се остварувале средби доколку има некоја странка. Значи, законот е донесен 2015 година, 2016 стапен е во сила, набавена е опремата, напишано е дека тоа функционира, а во практика нема ништо. Сега имаме 9 канцеларии, 26 луѓе во тие канцеларии, преку 80 предмети за пробација која всушност е мостот помеѓу затворот и средината. Сме имале состаноци со Министерство за труд и социјала и центрите за социјална работа и твинингот всушност тоа го работи, односно доаѓаат експерти од Германија и Холандија, кои работат на обуки со пробациските службеници по затворите и прават обуки. Тоа е таа врска помеѓу внатре и надвор.

Што поконкретно опфаќаат овие проекти, кои се активностите на проектот за пробација?

Тука спаѓа условниот отпус, домашен затвор, условна осуда, општокорисна работа, тие се работи што треба судовите да ги изрекуваат, особено за примарни сторители, кои немаат тешки кривични дела или им е заканува казна до 3 години, или станува збор за тешко болни лица, бремени жени што прв пат се соочуваат со законот и да не добијат „криминална инфекција“.

Дел од оваа пробација беа и алките?

Да, алките се споменуваат често пати и законската можност е многу строга во однос на одржувањето на тие алки. Владата две години по ред определува средства, но по толку состаноци со Бирото за јавни набавки и фирмите што треба да го направат, односно само една фирма има одобрение, односно лиценца од израелската компанија. Она што е дискутабилно е тоа што таа опрема е набавена 2015 година и сите гарантни рокови се поминати. Не сакаат да го одржуваат и во Законот за јавни набавки нема можност да распишеме паушално одржување или пак, опремата да ја поделиме таа опрема на софтвер и на хардвер. Производителот вели дека продава решение, но не и софтвер и хардвер. Еднаш распишавме тендер за одржување на тој софтвер, но никој не се јави бидејќи не сакаат да се мешаат во работа што им е непозната.

И оваа причина е кочница за алките да може да функционираат?

Да, сега сме во координација со оние што учествувале во набавка и се задолжени за опремата и ги бараме договорите. Јас кога дојдов никој не ми кажа каква е обврската на Управата за извршување на санкции во врска со таа опрема. Да најдеме решение, ако треба да ги ставиме во функција, дури и ако треба да измениме нешто во Законот за јавни набавки за да може да ја одржуваме таа опрема. Но алките не се пресудна алатка во пробацијата. Она што најмногу се користи во овој дел надвор од државата се општокорисната работа и заштитниот надзор.

Каде вие го гледате проблемот со повратниците ? Што во алката на институциите не функционира?

Проблемот со повратниците е процес. За пробацијата да функционира и да ги спречи осудениците да се вратат на тој пат, треба спрега помеѓу повеќе институции.

Каков е вашиот коментар околу настанот со собирање на донации со осудените лица од случајот Диво Насеље, кои се вклучија во живо и успеаја да внесат 5 мобилни телефони?

Телефоните се апсолутно недозволени, и не се проблем само тие 5 телефони. Бев во Германија и можам да ви кажам дека и во најстрогите затвори се соочуваат со проблем на внесување недозволени средства, дрога и телефони... Таму системот на влегување е да поминете три безбедносни врати, што директно алудира на вмешаност на вработените. Во нашите затвори е истата приказна, во која влегуваат и дел од вработените. Осудените од Диво Насеље сигурно нема да ви кажат кој им ги внел мобилните телефони. Дали и колку тоа се наплатува, ние не знаеме, но ете, секојдневно работиме на тоа да се превенира ваквиот шверц.

Во преговори сме со израелска установа, четири установи, и тоа Идризово, Куманово, Штип и Прилеп, да ги блокира комплетно мобилните телефони и да постави телефонски говорници, на 25 осудени лица по една говорница, која ќе биде ограничена со комуникација да речеме само на 5 броеви со семејството и со адвокатите. Но таа инвестиција чини сигурно повеќе од 3 милиони евра, а Управата во моментот, иако има побарување и планирање, ги нема тие средства. Дополнително што македонски Телеком не ги одржува говорниците што постојат во затворите, ниту пак има картички за тие да може да функционираат. Во 2006 година додека бев директор во Идризово, работеа сите телефонски говорници, а кога дојдов ниту една не работеше. Во женскиот затвор им се остава службен телефон за да може да комуницираат, но тоа е сложен и комплексен проблем за кој требаат средства и ресурси.

Кој затвор во моментов е во најлоша, а кој во најдобра состојба во смисла на услови, храна...?

Ќе ви понудам прошетка по сите затвори, Штип, Куманово, Гевгелија, Тетово... Најмногу треба и се вложува во затворот во Идризово, каде што ќе биде и притворскиот центар. Инаку во Шутка има многу влага и самиот објект е направен на земја, која има многу влага. И претходниот и сегашниот директор се трудат колку што е можно да направат промени. Две ќелии во Шутка се комплетно реновирани, а ќе се реновираат уште. Но ако не ја елиминирате влагата во темелите, тоа нема да трае.

Што е со храната на осудениците, имаат ли доволно или гладуваат ако немаат кој да им донесе од надвор?

Имате установи што обезбедуваат храна од сопствено производство, како што беше во периодот претходно затворот во Идризово, кога имаше фарма за јајца, за млеко, за месо. Сега ништо од тоа не функционира. Но правиме напори да го надминеме тоа. И затоа се дозволува внес на лична храна. Голем дел од таа храна е купувана и сакаме да овозможиме кантините во самите установи да имаат цени како што имаат и маркетите и магацините. Ова со цел да ги ослободиме роднините од обврската на носење пакети со храна.

Што со оние што немаат пари или немаат кој да им донесе дополнителна храна?

Најдобро е да видите сами, тие имаат храна и таа е доволна. Има правилник и мора да ги задоволиме минималните стандарди. Сега, не можете на сите да им погодите, и некому може му е доволно, некому не. Не можете на 2.000 осудени лица да им правите диетална исхрана. Ќе ви кажам дека во затворите кога одам, јас ја пробувам храната пред осудениците.

Во Идризово кога бев директор, ја пробував храната секојдневно, и тоа од што ќе ми дадат, и тоа јас од што ќе одберам да проверам. Сега, кога сум директор на Управата за извршување на санкции, сум пробал каша со пилешко и им сугерирав наместо траги од месо, да има месо. Забелешката ја испратив до директорот, кој има одговорност за тоа, бидејќи тој менаџира со таа храна. Осудениците имаа и многу храна по ќелиите, а им се дава и храна од затворот. Но тендерски сме ограничени. Не може ако тендерот нуди паштета од 30 денари, да му дадете аргета од 60 денари само затоа што таква паштета јадел осуденикот. Во овој поглед сме лимитирани.

На функцијата сте со мандат од 5 години и што може да очекуваме во смисла на подобрување на условите во затворите до крајот на Вашиот мандат, кој е на половина?

Задоволен суд од она што до сега е сработено. До Владата доставивме Извештај и според вработените во Управата, тој е значително побогат за разлика од минатите. Состојбата во затворите најдобро ќе биде прикажана со еден проект кој ќе ја опфаќа состојбата на затворите пред и потоа. Во земјава има вкупно 12 затвори, а новина во моментов е театар во затворот во Прилеп и библиотека во затворот во Штип, осудениците во затворот во Гевгелија работи огромен простор земјоделство. Направена е и набавка на нови возила 7 на број и веќе се во функција, Идризово, Штип, Шутка, Битола. Дел од возилата се набавени, а дел се донација Бертолини. Поевтино е да се набави ново обично возило, па потоа тоа да се пренамени во возило за спровод на осудени лица, отколку да се купи специјализирано возило. На овој начин заштедуваме околу 7.000 евра од едно возило. Имаме и 17 замени од Агенција за одземен имот. Кога дојдов на функцијата директор на Управата за извршување на санкции немаше ниту едно возило во функција и 5 месеци се возев со приватно возило додека да се стават во функција службените возила. Денес Управата има преку 20 исправни возила. Нереализирани спроводи поради расипани или недостиг од возила, нема.

Какво е, според Вас, сегашното раководство на затворите во Идризово и Шутка?

Директорот во Идризово доаѓа од приватен сектор и со него имаме исклучителна соработка. Но мора да има соработка и со останатите вработени. Бидејќи вие можете да го смените тренерот, но ако тимот не функционира, ќе биде бадијала. За викенд знам да се сретнам и со осуденици. Им набавивме и телевизори, бидејќи продавале и телевизори. Раководството на Шутка сметам дека кога доаѓал не знаел каде доаѓа, тоа морам да го кажам. Им сугерирав и на претходниот и на овој директор дека вршиме работи на судот и дека за тоа треба да има писмена евиденција за сè. Да се има трага за сè. И со притворените лица се зборува само околу условите. Јас им укажувам на директорите, но тие треба да ги реализираат нештата. Треба да ги познава работите и да знаете како функционира еден затвор.

 Катерина Додевска

 Фото: Роберт Атанасовски

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе