Ќе оди до крај или ќе пропадне истрагата

Стефанова со сведоци и ПИ-мерки обезбедила цврсти докази за „Империја“

Во февруари годинава редакцијата на МКД.мк објави три наслови во кои откривме детали од истрагата за случајот „Империја". Според информациите кои тогаш ги добивме, СЈО за случајот „Империја" за перење пари дошло до матичните броеви на многу фирми, во Македонија и во странство, кои имаат слични имиња и чии управители и називи се менувале на речиси 6 месеци.

Едни се затворале, па се отворале нови, а најчесто имињата почнувале и завршувале со буквите од името и презимето на Орце Камчев или некој негов близок. За овој случај почетна точка се прислушуваните разговори на новинарката Оливера Трајковска, Влатко Мијалков, братот на Сашо Мијалков, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Ана Камчева кои биле таргет. Разговорите меѓу овие лица на специјалните обвинители им ги поттикнале сомневањата дека постои криминал и тука почнува истрагата за Империја. Доказите го водат СЈО до фирми во Америка на кои последен сопственик е Камчев, а потоа трагата на парите води преку други фирми, а парите откако ќе се свртеле по сметките, завршувале пак кај Камчев.

Докази за криминалот во овој случај, СЈО обезбедило и преку ПИ-мерки, односно во периодот од јуни до октомври 2018 ги прислушува осомничените, но не и Сашо Мијалков. Освен овие докази, има и искази на сведоци.

Специјалното јавно обвинителство три месеци по отворањето на истрагата за Империја врз основа на голем број докази успеало да потврди, како што велат од таму, околу 90 отсто од сомнежите за овој случај во кој се осомничени Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Но, сега неколку месеци по објавувањето дека истрагата за „Империја“ тече во најдобар ред и обезбедени се цврсти докази, се појавува нова димензија на овој случај и тоа од шефицата на СЈО. 

Токму обвинителката која го води предметот, Лиле Стефанова предупредува и укажува дека и било наложувано од шефицата да се затвори предметот и никој да не оди во затвор. 

Но, како што неофицијално дознаваме од СЈО, ова после состанокот кој бил одржан и на кој обвинителката Стефанови добила вакви инструкции, никаде не било пријавено.

Сега Стефанова ќе мора ова да го обелодени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде е повикана да даде исказ.

Истрагата на СЈО не застанува кај оние фирми што претходно беа опфатени во отворената истрага за „Империја". Таа е проширена и за „Графички центар" и за „Медиа принт Македонија" (МПМ).

Во текот на истрагата за овој предмет, од СЈО брифираат дека се направени претреси во фирмите, осомничените биле на распит во СЈО, а собрани се и доказите. Се откриваат и оние што стоеле зад фирмите, односно зад „Графички центар" се Мирослав Његач и Орце Камчев, а зад МПМ Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Ќерим.

Но, сега јавноста ја брануваат снимки во кои Орце Камчев, еден од главните осомничени во дел од постапките на СЈО нуди пари и преговара со Боки 13, а на дел од снимките се слуша и гласот на шефицата на СЈО, Катица Јанева. 

Обвинителката Вилма Русковска, која е задолжена за истрагата за „Рекет“ е на одмор, а годишен одмор користи и Јанева. 

За Јанева за сега нема ниту покана за исказ во ОЈО за гонење на организиран криминал, ниту пак добива статус на осомничена и за неа да бидат побарани и определени мерки за обезбедување на присуство во текот на истрагата. 

Наредната недела исказ за „Рекет“ ќе дава Стефанова, а по неа, најверојатно и Јанева. 

Стефанова цврство стои над ставот дека истрагата за „Империја“ ќе продолжи и дека СЈО има цврсти докази за неа. Цврста во ставовите дека не е вмешана во „Рекет“ е и Катица Јанева. 

И Русковска е децидна, дека истрагата за „Рекет“ е во тек и дека се презема се што е потребно, а можно е и да се прошири. 

Но, се чини дека во моментов во државава цврсти се само ставовите оти се друго, а особено правниот систем е разнишан од темел. 

Дали и како ќе се завршат постапките на СЈО што ќе биде со ова обвинителство кое беше формирано за „бомбите“ и кој се ќе биде вмешан во „Рекет“  останува да видиме. 

И додека времето минува, а дел од оние кои се дирекно засегнати се на одмор, во јавноста се појавуваат нови „бомби“ кои можеби ќе значат и почеток на крајот за функцијата на Јанева која и беше дадена токму поради „бомби“. 

К.Д.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе