Со поддршка на ФИТР

„Спинер“ - апликација со која младите ќе читаат на еден поинаков начин

Карантинското време поради пандемијата со ковид-19 беше дополнителна причина и мотив иноваторот Борко Јовановски да создаде апликација со која младите ќе може да читаат на еден поинаков, креативен начин и наспроти пасивни консументи на технологијата да станат активни читатели директно ангажирани во создавањето на едно пишано дело.

Идејата на Борко Јовановски и компанијата „Веб дев бар“ е создавање на навики кои ќе се практикуваат на долг рок, односно читањето од забава да прерасне во хоби. Со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој тие ja понудија бесплатната платформа „Спинер“ преку која читателите ќе креираат кориснички профил, ќе следат книги и поглавја кои се објавуваат и можат на три начини да имаат директна комуникација и придонес во книгите: да гласаат за продолженијата, да даваат идеи за случувања во книгата и директно да разговараат со професионалните автори.

Платформата, пред сѐ е наменета за ученици од основно и средно училиште, со цел поттикнување на навики за читање преку интеракција и со помош на елементи на гејмификација. 

Читателите ќе одлучуваат што следно ќе се случува во приказната, а онаа со најмногу освоени гласови ќе ја доработи авторот.

Оваа платформа, а наскоро и апликација, е дизајнирана за да помогне и да ги унапреди слабите читачки навики кај децата и да ги трансформира во читачи, преку директно ангажирање, вели иноваторот за МКД.мк кој смета дека сега, кога имаме повеќе слободно време поради пандемијата, е вистински момент кај младите да се поттикне навиката за читање.

За деталите на оваа иновативна и прва од ваков тип кај нас платформа поразговаравме со авторот на истата - Борко Јовановски.

Станува збор за уникатна платформа, нешто што е сосема иновативно кај нас. Конкретно од каде идејата, дали можеби по пример на некоја слична платформа во глобални рамки? Како течеше прцесот на реализација на идејата? Колку време работевте за да дојдете до конечната верзија на апликацијата?

- Идејата за оваа платформа ја добивме на еден од најголемите саеми за ИКТ во образование, БЕТТ, кој се одржува секоја година во Лондон. Гледајќи колку работат особено во Велика Британија на дигитализација на образованието и ажурирање на програмите согласно потребите на пазарот на труд, добивме идеја како дел од нивните практики да ги адаптираме за условите во нашава земја.

Работиме на формирање на концептот веќе неколку месеци и се обидувавме да најдеме добар моментум и финансии како сето ова можеме да го имплементираме. Во вакво време-невреме ова навистина сметаме дека може да биде прв чекор кон создавање на навики кои понатаму ќе продолжат да се практикуваат, а тоа е читање како хоби. Решението опфаќа поинтерактивен начин и активирање на читателот како активен ко-креатор на приказната, не само пасивен следач на веќе завршена приказна. На оформување на идејата работиме веќе три месеци, испитувајќи ги сите аспекти за развој во одржливо решение кое ќе донесе вредност во секојдневнието, но и ќе реши проблеми со кои се соочуваме.

На кој принцип ќе се вклучат авторите во оваа платформа, на кој читателите?

- За почеток на самата платформа, соработуваме со четири автори кои ќе го тестираат концептот и ќе создадат нови книги на овој начин. Својот креативен процес ќе го споделат со сите млади кои ќе се приклучат на платформата. Секоја книга има возрасна граница за која сметаме дека е компатибилна. Читателите си креираат кориснички профил на платформата, следат книги и поглавја кои се објавуваат и можат на три начини да имаат директна комуникација и допринос во книгите: да гласаат за продолженијата, да даваат идеи за случувања во книгата и директно да разговараат со авторите.

Истовремено, додадовме една мала компетитивност на платформата, создавајќи квиз за секое поглавје. Оние кои ќе го прочитаат поглавјето, можат да откријат колку детали запаметиле преку квизот и да ги споделат своите резултати со нивните пријатели.

Има ли и други луѓе во тимот, кој со која улога учествуваше?

- Основната идеја е моја, но конечниот предлог што беше доставен беше доработен во соработка со тимот на Heroes Publishing. Тие ни помогнаа да оствариме контакти со автори, како и да го направиме „Спинер“ подостапен и покорисен за авторите, со што ќе создаваме содржина интересна и привлечна за младите.

Што очекувате дека ќе постигнете со овој изум во рамки на борбата против пандемијата со ковид-19?

- Се надеваме дека дел од слободното време кое го имаат младите ќе го поминат тука, ќе ги заинтересираат приказните кои се создаваат и активно ќе се вклучат во создавање на нивните продолженија. Четирите книги се различни, од познати македонски автори, па се надеваме дека ќе ги поттикнеме младите да се забавуваат, споделуваат идеи и своето слободно време да го поминат читајќи. Така ќе откријат едно многу интересно хоби, а ќе имаат и можност да станат млади писатели!

Што е всушност гаранцијата дека ова решение ќе биде ефикасно и употребливо во едукацијата на младите?

- Гаранција во стартап никогаш нема. Но, силно веруваме дека за вакво решение има добар моментум. Во нормално и динамично секојдневие, слободното време е во многу помали размери од денес, кога сите го имаме повеќе, и млади и стари. Токму затоа сметаме дека сега е одлично време за почнување на ново хоби кое ќе прерасне во навика. Ваква навика ќе придонесе кон генерално подобрување на писменоста и едукацијата на младите.

Колку ви беше од помош поддршката од ФИТР за реализација на ова решение? Не само финансиска, туку и логистичка, во наска на стручни искуства и знаење.

- Поддршката од ФИТР е есенцијална за реализација на ова решение и совршено се вклопува со потребата на едно вакво решение, а тоа е да се понуди на сите млади, бесплатно. Со финансиската поддршка успеавме за 15 денови да ја имплементираме нашата идеја, да мотивираме четири автори да почнат да пишуваат на платформата и да ја почнеме приказната.

Кој беше поривот за да апилицирате и помогнете со своите способности?

- Гледајќи како резултатите на ПИСА секоја година се послаби за нашата земја, почувствувавме потреба да се обидеме дигиталната ера и сите придобивки од неа да ги компајлираме заедно во еден екосистем со основата на развој на образованието – а тоа е читањето. Младина која чита и го гледа секојдневието, имајќи ја човековата мудрост во позадина, ќе може да ги решава проблемите кои допрва доаѓаат.

Колку сметате дека ова решение ќе ја најде својата широка примена? Дали размислувате за пазар надвор од земјава?

- Сега ја започнуваме иницијалната фаза – собирање на корисници и потрага по нови автори кои ќе се приклучат во создавање на дела на „Спинер“. Проектот ни овозможи да го засилиме тимот со Весна - личност која има долги години искуство во истражување на потенцијалот на пазар и иновации во бизнис моделот на едно решение, така што веќе ја планираме втората фаза за која ќе можеме повеќе да ви откриеме наскоро.

„Веб дев бар“ ДОО е мала компанија која работи од 2016 година, најмногу во сферата на развој на веб апликации. Имаат богато портфолио на клиенти и апликации изработени за клиенти од странство, во најголем дел за САД.

Велат дека ова е посебен проект за нив бидејќи е прв сопствен продукт. Со оглед на настаните и активната криза, особено во делот на образованието, се повеќе сметаат дека оваа апликација е неопходна во нашата земја, и ветуваат да ја сработат порано од што би и дале приоритет во нормални услови.

                                                                                                                   Х.Н.-П.П. 

 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе