„Македонската длабока држава очигледно нема намера да се има позитивно решение со Бугарија и почна со натпревар во измислување на нови проблеми“, се наведува во соопштението.
Од партијата велат дека по посетата на добра волја на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски во Софија, пред да го стават ветото, од неколку бугарски функционери му било споменато дека главен виновник за ветото е токму Никола Димитров и прашањето за појаснувањето на краткото име во Обединетите нации.
Бугарската страна, како што се додава, една година го чекала Димитров да испрати нота во ОН за која дури не инсистирале јавно да биде објавена, а во која ќе се каже дека зборот Северна Македонија не се однесува на спорниот бугарски дел, односно Пиринска Македонија.
„Арогантното однесување на Димитров ги убедило дека токму тоа е намерата со именувањето на Северна Македонија да се направи. Во тоа време сето ова не беше споделено со македонската јавност исклучиво поради почит кон семејството Димитрови меѓутоа вчера видовме и слушнавме како господинот Никола Димитров тоа го претставува како свој најголем успех. Дали човекот има разбрано дека ако ја испратеше таа нота во ОН на време немаше воопшто да има вето кон Македонија?!“, стои во партиското соопштение.
Оттаму заклучуваат дека „веќе станува јасно зошто Македонија загуби две години поради кратковидоста на политичар полн со фрустрации од фамилијарниот бугарски комплекс“ и му порачуваат на Димитров да ги прочита колумните и книгите на неговиот татко, Димитар Димитров.