четврток, 25 април 2024

Шпанскиот премиер се повлекува, отворена истрага против неговата сопруга

Шпанскиот премиер Педро Санчез синоќа објави дека се повлекува од јавните должности бидејќи мора да „застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговија со влијание.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријави 59-годишната Бегоња Гомез пред судот во Мадрид дека, како сопруга на премиерот, дала писма со препораки со свој потпис на претприемачи кои се пријавиле на јавни тендери.

Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес добила десет милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Претприемачот подоцна основал постдипломски курс кој го водела Гомез на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, објави шпанската ТВЕ.

Во пријавата се споменува поврзаноста на сопругата на премиерот со компанијата Глобалиа, која беше спонзор на тинк-тенкот „Африкански центар на Бизнис институтот“ управуван од Гомез. Шпанската влада со 600 милиони евра народни пари ја спаси авиокомпанијата „Ер Европа“, во сопственост на Глобалија.

Социјалистот Санчез, кој ја предводи левичарската влада од летото 2018 година, во средата објави отворено писмо во кое вели дека неговата сопруга ќе се брани пред судот од „лажните“ обвиненија за корупција.

Тој додаде дека таа веќе покренала правна постапка против „десничарските или екстремно десничарските“ медиуми на чии информации се заснова кривичната пријава.

„Ми треба пауза да размислам“, напиша тој во писмото објавено на Икс. „Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди (…) дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од таа чест“.

Тој најави дека во понеделник на 29 април ќе излезе пред медиумите и ќе ја соопшти својата одлука.

Судот во Мадрид претходно во средата објави дека отворил истрага против Гомез на 16 април. Не се соопштени детали, само се вели дека истрагата во оваа фаза е тајна и дека судот повикал неколку сведоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ