На дописот

Владата ѝ одговори на ИВЗ: Ова е секуларна држава, верските права се остваруваат преку доверба, а не преку ултиматуми

Вашиот допис претставува неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид на уцена и закана, поради што сериозно размислуваме за истото да го известиме надлежното јавно обвинителство, му одговори Владата на раководството на Исламската верска заедница и реис ул улема х. Сулејман еф. Реџепи.

„Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата.

Според Уставот, како највисок правен акт, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека која било верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално.

Доколку кај Вас, почитуван, постои сомнеж или индиција дека некоја институција ги прекршила позитивно правните прописи, Ве охрабруваме како реис ул на ИВЗ да покренете соодветна постапка пред надлежните органи со соодветно правно барање.

Особено важно е да нагласиме дека во мултиконфесионално општество верските граѓански права и слободи се остваруваат преку постојан процес на градење на меѓусебна доверба помеѓу различните конфесии, а не преку ултиматуми, кои како правило на игра доколку го прифатат сите регистрирани верски заедници, сериозно негативно би се одразило врз општествената кохезија“, одговара Владата во соопштението. 

Во првичниот допис до Владата ИВЗ укажува на „бавната, селективна и дискриминаторска денационализација на вакуфскиот имот на штета на ИВЗ“ и се вели дека Заедницата има проблеми со органите на државната власт, „кои ја попречуваат во нејзината грижа и секојдневна активност за одржување на верските објекти“.

Особено сме засегнати со нерешавањето на статусот на верските објекти што се и културно наследство, тој во село Лажец, Битола, и Хусамединпашината џамија во Штип, која е заведена на име на друга верска заедница, како и реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, за кој објект постои соодветна и важечка градежна документација со средства обезбедени со странска донација, која отежнато се користи поради бирократскиот однос на надлежните државни институции, вели ИВЗ.

МПЦ нема вакви проблеми, се вели во дописот, и „напротив, е фаворизирана и привилегирана во секој поглед“.

ИВЗ ѝ дава на Владата рок од 10 дена за да најде решение за посочените проблеми, а „доколку тоа не се случи, со овие состојби и проблеми на ИВЗ ќе бидат запознаени сите надворешни фактори во земјава и медиумите“. 

Муслиманската верска заедница се заканува и дека пред почетокот на кампањата за претседателските избори „поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјава да ги информираме верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава“.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе