Според партијата, со отуѓувањето во приватни раце на земјоделското земјиште, државата се лишува од можноста за планско земјоделско производство, идни аграрни реформи, а се загрозува и производството на здрава храна за во иднина, бидејќи питка вода и незагадена почва ќе бидат сѐ повеќе реткост во иднина.
„Владата, преку премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими, најави продажба на државно земјоделско земјиште во наредните 3 години - 2021, 2022 и 2023. Ова распродавање на земјиштето е планирано да почне од втората половина на 2021 година. Владата планира продажба на 20 – 30% од вкупното државното земјоделско земјиште, кое според нивни проценки вреди повеќе од 2 милијарди евра.
И покрај тоа што Македонија има благопријатни природни услови за земјоделство, сепак, очигледно тоа, не само што не е приоритет на властите, туку истото е апсолутно занемарено. Единствената причина на Владата за најавената распродажба на земјиштето е обезбедување на финансиски средства, бидејќи тие со недомаќинското и коруптивно работење ја ограбија и презадолжија државата, и сега бараат нови извори на финансии кои повторно ќе ги рапределат по приватни џепови“, реагираат од Левица.
Од партијата додаваат дека со најавена продажба на парцели со најмала површина од 10 хектари се исклучуваат ситните земјоделци, кои поседуваат мали земјоделски површини, со кои си обезбедуваат храна и материјални средства за живот.
„Тие како сиромашни не можат да си дозволат да купат површина од 10 хектари, и со тоа не можат да напреднат со земјоделско производство. Во овој случај купувачи ќе се јават само крупните и имотните земјопоседници, корпорации, странски компании, кои потоа ќе заработуваат од трудот на сиромашните земјоделски работници, изнајмувајќи им го земјиштето или вработувајќи ги на истото како аргати. Со оваа мерка ќе се создадат услови за воспоставување на нов феудален систем на големи земјопоседници, а ќе се уништат малите земјоделци поради неконкурентност. Тоа ќе допринесе за дополнителна миграција и уништување на селата“, велат од Левица, додавајќи дека застануваат
во одбрана на земјоделците и селаните.