Во писмото испратено до нивните изборни штабови тие велат дека и покај упатените барања за решавање на основните инфраструктрни и комунални проблеми, досега надлежните од општината останаа глуви и со празни ветувања се обидуваа да ги замолчат.
„Од идниот градоначалник и советниците на Општината Маврово и Ростушe бараме:
Да се донесе мораториум за градба за наредните 2 години сѐ додека не се изврши ревизија на постоечките градби и не се донесе Детален урбанистички план.
Да се направи ревизија од независна ревизорска куќа на сите постоечки АУП-и, ревизија на сите договори за отуѓување и подарување на парцелите од кампот на приватни лица и функционери, истиот да се обнови и модернизира и да се стави во функција.
Да се поништат сите договори за концесија на природните богатства што се склучени со приватни фирми.
Да не се издаваат одобренија за градби во заштитниот појас на езерото.
Под итно да почне донесувањето на ДУП.
Решавање на основните комунални проблеми (недостиг на вода, загадена вода, ненавремено собирање на смет и кабаст отпад, одлагање на градежен шут, улично осветлување, отпадни води, улични кучиња и др).
Под итно да се реши проблемот со собирање на сметот, на уличното осветлување, реконструкција на локалните улици...
Под итно да се затворат сите хотели и угостителски објекти кои немаат монтирано пречистителни станици, а отпадните води ги испуштаат директно во езеро.
Бараме пренесување на дел од надлежностите на Општината Маврово и Ростуше на локалните месни заедници на селата и викенд населбите околу Мавровското Езеро. Задолжително да се постават одговорни лица од МЗ кои преку јавни расправи ќе одлучуваат при урбаното планирање и решавање на комунални проблеми“, се вели во писмото на здружението Спас за Маврово во кое се додава – „нашата борба за зачувување на Маврово ќе продолжи сѐ додека не се исполнат нашите барања“.