Отворено писмо од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ

„Мицкоски да повика на бојкот на изборите, па ќе има гаранција за партиската позиција и фотелјата“

Демократската Фракција на ВМРО-ДПМНЕ во отворено писмо бара од Христијан Мицкоски да повика на бојкот на вториот круг од претседателските избори за да не го „запечатат за навек историскиот пораз на ДПМНЕ од Заев и неговите соработници“, а за возврат нуди гаранција за неговата партиска позиција и фотелја.

„Сметаме дека е крајно дегутантно, изнасилено да се наметнува победничка еуфорија во услови кога партијата има освоено најмал број гласови од 2008 година па до денес. Овој број на освоени гласови (319.224) е помал дури од бројот на освоени гласови на последните локални избори (335.034) кога партијата катастрофално изгуби, а шеф на Изборниот штаб беше токму Христијан Мицкоски. Дури и прецизната ‘мицкова математика‘ не може да ги оправда и да ги надомести помалку освоените 130.000 гласа во однос на претходниот резултат на Иванов (449.442 гласа во прв круг). Сакаме да потсетиме дека токму Мицковски е тој кој ветуваше победа со освоени повеќе од 450.000 гласа со соросовиот претседателски кандидат, за жал во минатото лесно достижен, а сега само посакуван број на гласови. Затоа за нас оваа вештачка победничка еуфорија која по наредба ја глумат стотина партиски лица не може да ја намали одговорноста за неуспехот на овие избори, ниту пак да ги покрие лошите и штетни досега водени калкулантски политики на наметнатото грујовистичко раководство“, се вели во писмото од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски и неговата најблиска „партиска братија“, како додаваат оттаму, не ги послушале добронамерните совети и укажување, па доколку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ навреме поднеле оставки во Собранието и доколку Мицкоски излезеше со јасен став за Договорот од Преспа и за референдумот, наместо да продава ветер и магла на чесното членство, немало ни да се случи Преспанскиот договор, ни распарчување на пратеничката група, ни селективна амнестија, како ни насилната промена на Уставот и името на државата.

Од Демократската фракција сметаат дека сите укажувања биле послаби од влијанието и советите на бегалецот од Будимпешта, од сервилноста и понизните ветувања пред еврокомесарите во заминување наспроти националното и лично достоинство.

„Станува сосема јасно дека е посилна желбата да се остане на партиската позиција со цел да се зачува стекнатиот имот спечален од времето на Груевски притоа истовремено да бидат задоволени барањата на европските бирократи, отколку да се заштитат националните, државните и партиските интереси.

Калкултантските, непринципиелни и погубни политики на актуелното раководството на ДПМНЕ дојдоа до израз со кандидатурата на либералката Сиљановска (поранешен соработник на Б. Црвенковски), а свое финале по сѐ изгледа дека ќе добијат во вториот круг на претседателските избори. Испиленото кукавичко јаце во гнездото на ДПМНЕ и партиските камикази, учествувајќи во вториот круг на претседателските избори ќе го запечатат за навек историскиот пораз на ДПМНЕ од Заев и неговите соработници“, се додава во соопштението.

Од Фракцијата јавно му нудат на Мицкоски гаранција за неговата партиска позиција и фотелја во замена за повик на бојкот на вториот круг на изборите, со што тој би имал шанса од некредибилен и неавторитетен шеф на опозицијата да стане вистински опозиционен лидер, да ја обедини партијата и да ја реализира својата премиерска амбиција.

„Сега е вистински и последен момент со повик за бојкот на вториот круг од изборите, ВМРО-ДПМНЕ да издејствува нови претседателски и вонредни парламентарни избори со цел на нив убедливо да се победи како и да се спречи се поголемата уцена од партиите на еден дел од етничките заедници во државата“, повикува Демократската фракција во отвореното писмо.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе