Вклучувањето на докторите и медицинските сестри од јавното здравство во рамките на ротацијата во норвешката болница во Кабул е врз база на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за одбрана и за здравство според кој составот на тимот го обезбедува Министерството за здравство, а финансиските средства се обезбедени од Министерството за одбрана. Трошоците за обука и логистичка поддршка во мисијата ги покрива Кралството Норвешка.
Министрите на членовите на медицинскиот тим им посакаа успех.
„Вие сте првиот македонски хируршки тим кој ќе учествува во НАТО мисија како тим од земја членка. Ќе учите од најдобрите бидејќи нашиот партнер Норвешка е познат по развивањето на воената медицина", рече Шекеринска.
Честитајќи им на изборот, министерот Филипче ја истакна важноста на учеството на нашиот тим во мисијата „Одлучна поддршка" и рече дека овој проект е важен не само за Министерството за одбрана туку и за целата држава бидејќи членството во НАТО значи и развивање на медицински тимови за брза интервенција.
„Од вашето учество во мисијата ќе има бенефит целокупниот систем на јавното здравство бидејќи вашето знаење ќе го применувате но и ќе го пренесете на специјализантите и студентите", рече министерот.