„Протестот, како основно право за јавно изразување на став на граѓаните, пред сѐ е мирна акција која не го загрозува животот и имотот на никого, најмалку на службено лице, а со таков чин не смее да се оштетат ниту безбедносните органи и државните институции, ниту пак да се дозволи да се поттикне омраза и фобија кон кого било“, наведува партијата.
Алтернатива нагласува дека кога деновиве се очекува почеток на долгоочекуваните преговори за членство во Европската Унија, „ваквите сцени нанесуваат штета на нашиот углед како држава, дека така потврдуваме политичка незрелост, дури и инструментализација на одредени општествени структури за антиевропски агенди“.
„Затоа Алтернатива, осудувајќи го насилството и ксенофобијата како средство за јавна комуникација – уште еднаш повикува на воздржување на сите граѓани, а политичките и невладините организации кои учествуваат на таквите настани треба да имаат предвид дека огнот што го палат навидум за спас на татковината, може да се претвори во жар кој најмногу го посакуваат противниците на државотворната и интеграциска перспектива на Северна Македонија“, се вели во соопштението.