Институциите на потег за превирањата со поглаварот

ИВЗ поднесе кривична пријава за фалсификување исправа и лажни докази против Бузаку, случајот стаса во ОЈО

Случајот со смената на поглаварот на Исламската верска заедница кој ја разбранува и јавноста и институциите, стаса и до Основното јавно обвинителство во Скопје. Од таму за МКД.мк потврдија дека на 30 април, 2019 година е поднесена кривична пријава од страна на Исламската верска заедница против две лица за фалсификување исправа и поднесување на лажни докази.

Едното лице против кого ИВЗ поднесе кривична пријава e Скендер Бузаку, кој според спорното судско решение е новиот поглавар на ИВЗ. Поднесената кривична пријава е распоредена кај надлежен јавен обвинител и по неа се постапува во насока на проверка на наводите, додаваат од ОЈО Скопје.

Во единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи од 24 април како нов поглавар на Исламската верска заедница е запишан Скендер еф. Бузаку од Скопје, Средно Коњари. 

Досегашниот поглавар Сулејман Реџепи истиот ден влезе во канцеларијата на ИВЗ на улицата „Чаирска" број 52 со што продолжија тензиите меѓу приврзаниците на Реџепи и неговите противници.

Основниот суд Скопје 2 по тензиите во ИЗВ и информацијата дека ИВЗ има нов поглавар, односно решението дека Скендер Бузаку треба да биде назначен за нов поглавар на ИВЗ судот не го донел самостојно, туку врз основа на донесени одлуки на верската заедница и на барање на Ријасетот на ИВЗ.

Како што информира тогаш од судот, функцијата на Реџепи како поглавар на ИВЗ му престанала откако тој поднел неотповиклива оставка и истата била прифатена од Ријасетот. Од судот појаснуваат дека околу тоа дали оставката е фалсификуван документ, може да се одлучува во друга посебна постапка.

„Ваков скандал не паметам во исламската заедница. Ова е незапамтено и незаборавно“, беше изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница по вонредната седница на Ријасетот на ИВЗ што се одржа во Кондово.

Во настапот пред медиумите по одржана вонредна седница на ријасетот на ИВЗ, реисот Сулејман Реџепи во дел од својата изјава го обвини директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, дека е вмешан во последните случувања во Исламската верска заедница.

Обвинувања и навреди беа упатени и за заменик директорот на Комисијата, Зеко Абази, а оттаму излегоа со остар демант.

Од ВМРО-ДПМНЕ случувањата во ИВЗ ги нарекоа скандалозни и од таму тогаш реагираа дека државата се меша во работата на верските заедници. 

„Владата на чело со премиерот Зоран Заев изврши упад, пуч во Исламската верска заедница“, обвини Муарем Вејсели од ИВЗ по решението на судот со кое се менува досегашниот Реис Сулејман Реџепи, а на негово место е именуван Скендер Бузаку.

По тензиите и превирањата сега на потег е Обвинителството кое во соработка со надлежните институции ќе треба да пресече и да донесе одлука дали смената на поглаварот на ИВЗ е направена врз основа на лажна документација и дали некој ќе одговара за тоа, или пак, Реџепи треба да си замине и на негово место да седне Бузаку. 

К.Д.

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе

Овој термин, без исклучок го употребуваат сите партии кога се во опозиција. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, ДПА...

повеќе