Има ли некој што ќе каже доста

За една година во Скопје треба да се изградат илјадници станови, деловни простори, комплекси..., никаде нема паркови, игралишта

Од она што можевме досега да го пресметаме, во наредните година-две во Скопје веќе е зацртано дека треба да се изградат илјадници станови, деловни простории, комплекси… кои само ги пополнуваат празните неизградени простори во главниот град. Идната локална власт, и покрај многуте ветувања за зелени површини, за спортски игралишта, градинки, велосипедски патеки, за зелено Скопје… очигледно е дека ќе мора само да го аминува она што е веќе зацртано. А цртано е многу…  

Да почнеме од Сарај. Таму веќе е почната изградбата на новиот станбено-деловен комплекс Планет, на кој на досега неизградени 85.310 квадрати (кои, патем се продадени за 71 денар по квадрат, или за 98.488 евра) ќе никнат 142 вили. Езерото Треска актуелниот градоначалник Петре Шилегов не им го врати на скопјани, туку таму се планира да се градат хотели и други придружни објекти.

Во Ѓорче Петров актуелниот и кандидат за иден градоначалник Александар Наумовски вцрта маркици за нови 17 нови згради со висина до 33 метри со вкупна бруто-развиена површина од 138.918 м2 или 23.578 м2 градежна површина. Жителите и на Ѓорче Петров и на населбата Хром се против овие нови згради, но…

Во Општина Карпош, на земјиштето на поранешната фабрика Алумина, на површина од околу 42.000 квадратни метри ќе се градат станбени згради и деловен простор. Општина Карпош ветува дека нема да се дозволи неконтролирана градежна експанзија, туку напротив, ќе доминира зеленилото. Инвестицијата се проценува на околу 150 милиони евра.

Дека зеленилото нема да доминира пред СЦ „Борис Трајковски“ е јасно со ДУП-от, според кој дел од терасата и тениските терени од центарот ќе ги нема затоа што тука треба да се пробие сервисна улица за новите згради на просторот пред базенот и спортската сала. И тука нов станбено-деловен комплекс.

Во Карпош има уште. Козле. На површина од околу 150.000 квадратни метри ќе никне нова населба во зелениот појас на падините на Водно, над Институтот за белодробни заболувања. Ова се предвидува со новиот Детален урбанистички план Ј 04 Козле, кој ги поминал сите фази и се чека на усвојување од Советот на Општина Карпош. Планот предвидува над Институтот за белодробни заболувања да се градат куќи со дозволена катност од приземје, два ката плус поткровје.

Одиме во Центар. Земјиштето на поранешната фабрика за мебел „Треска“ беше (или е) голема шанса за општинските власти да покажат еден поинаков пристап, нов концепт за развојот на градот, да се покаже дека може и поинаку. Но ни тука интересот на градежниците и градоначалниците не се совпаѓа со оној на жителите.

Зборуваме за простор од околу 63.000 квадратни метри на кои, според последниот Детален урбанистички план од 2012 година, треба да никнат 30 згради или на овој простор ќе треба да живеат 3.000 нови жители.

За градбите на паркингот пред хотелот „Холидеј ин“ сѐ е завршено. Некаде октомври треба да почне изградбата на три нови згради од кои највисоката ќе биде со 25 ката и нов деловен центар – 400 нови стана, нови 1.200 жители. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 квадратни метри.

„На централното подрачје на Скопје му е потребна длабока анализа и визија за неговиот развој, ширење и иднина. Изреката „без добар урбанизам, нема добра архитектура“ никогаш не била поважна од сега. Скопје заслужува добар урбанизам и добра архитектура“. Ова го бараа граѓанските организации за тоа како треба да се развива Општина Центар.

Општина Кисела Вода. Населба Расадник. 100 нови згради за нови 20.000 жители. Од овој план актуелниот градоначалник Филип Темелковски и кандидат за нов мандат не се откажува и покрај многубројните реакции на жителите на оваа општина.

Општинската администрација на Гази Баба на чело со градоначалникот Борис Георгиевски не се откажува од идејата за вцртување за Детален урбанистички план во Железара, со цел да може таму да се развие тешкозагадувачка индустрија.

Да не го заборавиме и бившиот Скопски саем – таму во октомври ќе биде отворен новиот трговски центар Ист гејт, а веднаш потоа почнува изградбата на 100.000 м2 деловен простор и 200.000 м2 станбен простор или 1.600 станбени единици.

Повеќе од сигурно е дека има уште.

А.Д.

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе