Водно – заштитно или заштитено подрачје?

Водно за скопјани е подрачје од непроценливо богатство кое за еден век преживеало сѐ и сешто: Целосно соголување, па пошумување, па повторно уништување со изградба на различни објекти... Во изминативе 92 години, за него се направени многу проценки, изработени се многу планови и студии, бидејќи Водно било голина која претставувала опасност за жителите и градот кој растел и во етапи се пошумувал, за денес да е она што го знаеме.

По јавната расправа на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Град Скопје, одржана на 3.2.2021 г., дојде до многу несогласувања и спротивставени ставови за oдлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел. Дел од академските професори и експерти во својата област тврдат дека Водно треба да биде заштитно, а не заштитено подрачје, бидејќи неговата основна функција е безбедноста на граѓаните од поројни поплави.

Здруженијата и граѓанските иницијативи бараат вистинска заштита на Водно, од највисок приоритет.

„Сегашната постапка на носење на Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40% од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти“, велат здруженијата и иницијативите предводени од „Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ во писменото барање од Владата.

Додаваат дека целата историја на Водно, напорите, а пред сè зачувувањето на безбедноста на граѓаните од поројните поплави и заштита од ерозија, се игнорирани. Истовремено апелираат итно да се пристапи кон изработка на посебен Закон за Водно, со формирање на експертска меѓуресорна комисија.

„Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која НЕ дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат на тоа никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град итн – ВНАТРЕ во заштитениот појас на Шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!“,  се посочува во писмото.

На Водно му е потребен посебен Закон за заштита

Ако се земат во предвид сите можни аспекти, како и локацијата, Водно е веројатно најзначајното шумско-планинско подрачје во земјава. Затоа заслужува и извонредно голем степен на заштита од уништување, вели професорот од Шумарски факултет Иван Блинков. Неговите ставови и размислувања се во насока на итно стопирање на нацрт одлуката за прогласување на Водно според Закон за природа, носење посебен закон за Водно (Lex Specialis), преземање на законски одредби и обврски, изработка на просторен план за Водно и изработка на план за управување со Водно.

„Вистинската заштита на Водно која му е неопходна и е од највисок приоритет, произлегува од неговата примарно безбедносна функција во штитење на граѓаните и градот од ерозија и поројни поплави.“, вели Блинков.

Според професорот, единствен начин на кој Водно вистински би се заштитил, од сите аспекти: природни и од опасноста на ерозии и порои, заштита на културното наследство, заштита од пожари, како простор за рекреација и воздушна бања на Скопјани, е да се изготви посебен Закон за Водно. Водно има преголемо стратешко значење за Скопје, а со самото тоа и за еден значаен дел од државата, па неговата заштита не би смеела да се разгледува само од аспект на Законот за заштита на природата, како останатите природни подрачја, туку мора да се земе предвид дека е стратешки важно подрачје поради својата улога во заштитата и превенцијата од поплави за Скопје.

„Зонирањето во тој случај, наместо сегашното кое не го заштитува Водно, би било направено врз основа на сите изготвени студии и закони на сила за Водно, со што би се дефинирало точно кои активности каде се забранети и што и каде е дозволено“, завршува професорот.

Aудио-снимка од разговор со професорот Иван Блинков:

 

 

Водно прво е прогласено за ерозивно подрачје во 1952 година и врз основа на тоа беше преземен обемен зафат за негово пошумување. Но откако стариот закон за ерозии престана да важи во 70-те години од минатиот век, за да се заштити Водно, не само да ја врши својата улога за заштита од ерозија и порои, туку и за воено-безбедносни потреби во тој период (1976 г.) според Закон за природни реткости се прогласува за „Подрачје со посебни природни карактеристики – Парк шума“.

 Водно е прогласено за парк-шума во 1976 година

 

Историјат за Водно: од голина до парк-шума со големо заштитно значење

Околината на Водно е континуирано населена многу одамна. Старо Скопје сѐ до крај на 19 век се протегало само на левиот брег на Вардар, па немало директни опасности по луѓето и нивните градби, освен за оние кои имале земјоделски имоти. Со градба на пругата и првата железничка станица во 1873 г., градот започнува, некако срамежливо на почеток, да се шири на десниот брег каде се формираат и Гази Ментеш маало, и други маала. Растеле потребите за дрво (за огрев, за градби…), растеле и потребите за земјиште за полјоделство, лозарство, овоштарство, за сточарство. Полека се уништувала шумата, па така во еден момент Водно претставува една голема голина каде почвата не е заштитена од силите на природата. Тогаш се интензивирале ерозивните процеси, а после секој посилен дожд се поплавувало подрачјето во подножјето, а поради силната ерозија големи кочичини наноси се натрупувале долу.

Особен процут е после Првата светска војна кога се формираат и Ново Маало, па и Зелен пазар маало, Маџир Маало сѐ до Буњаковец и Дебар маало – (крајот на Скопје). Сега веќе експонираноста на природните непогоди е голема (има население, има градби), па пороите од Водно почнале да прават значителни штети во градот и да се чувствува силата на природата.

 Фотографија од 1911г. каде се гледа првата железничка станица изградена 1873 г., она што ние го нарекуваме т.н. стара железничка станица. Интересно на фотографијата е портата. Таа е всушност влез на ново изградената улица Јени Џаде по повод пречекот на султанот Меxмед V Решад во Скопје 1911. Водно е голина.

Понатаму градот почнува да се шири и на десниот брег. Уште во 1913-1914 г. специјална комисија од шумарски инженери ја евалуирале состојбата во тогашна Јужна Србија, при што во Македонија утврдиле катастрофална состојба на теренот со многу голини кои ги евидентирале. Водно е евидентирано како типична голина. Затоа предложиле да почнат да се формираат расадници и да се пошумува. Прв расадник и првите пошумувања во Македонија се во Крива Паланка 1914 г. Некаде во 1923 г. здружението на инженери и теxничари на тогашана Јужна Србија (подоцна Вардарска бановина) носи т.н. Драчевска резолуција во која се препорачува уредување на пороите на Водно. Во Скопско имало расадник кај градски парк но приоритетно за парковско уредување, а првите расадници за производство на садници за пошумување на голини се формирани во 1923 г. (место викано Јурија), па Нерези (1925) и кај денешен деканат на Медицински факултет (1928) кој бил и најголем во целата бановина. Првите екскесперименти со пошумување ги прави рускиот инженер имигрант Валентин Шјацки 1925-1926 г.

Водно во 1920 година било голина

Првото вистинско пошумување на Водно официјално е извршено во 1928 г. со садници од расадникот Нерези. Потоа континуирано се пошумуваат голините на Водно со садници од големиот расадник кај Медицински факултет. Но тоа е сеуште недоволно. После интензивни врнежи, пороите и понатаму прават штети во градот. Опасноста од поплавување е голема, а со оглед на развој на градот на десниот брег и поинтензивно населување во подножјето, расте и т.н. експонираност на природна непогода (во овој случај поројно полавување) и ризикот. Но сепак, Водно е сѐ уште огромна голина со длабоки долови во тие 40-ти години. На целата површина на Водно (од 4500 xa) има едвај 300-350 xa шума, од која дел е природна, а дел вештачка.

Фотографија од Водно и Камениот мост во Скопје во раните 40-ти

Во 1946 се формира и специјализирано претпријатие за уредување на поројните сливови – Порој проект. Земјоделско-Шумарскиот факултет е формиран во 1947г. Со тоа се подига и стручно-научната мисла во врска со оваа проблематика. Тогаш продолжуваат пошумувањата, овојпат поинтензивно. Затвореници од Идризово учествуваат во таа работа, а подоцна се агитира и обичните граѓани да земат учество во пошумувањата, така што некои со месеци работеле на тоа доброволно. Во пошумувањето се вклучуваат сите здрави мажи од градов; на полесните терени работат младинци и младинки од средните школи, работници, службеници, но и постари граѓани кои сметаат дека можат да помогнат, секако работата е тешка физичка.

Водно во 1951 година

Потоа доаѓа трагичниот датум 1.6.1951 г. – црн ден за Скопје, кога се случила најголемата катастрофална поплава од Водњанските порои до тогаш, за среќа со само една жртва. И тоа не е само од тој Водњански порој, туку се случува во целото подножје и населбите во Скопје, но и во Крушопек. Поплавата била вистинска закана за околните куќи и секако за Клиничкиот центар, чии магацини биле преплавени во висина до 1.5 метар. Речиси целосно бил уништен и паркот на болницата. Кај Мала станица биле донесени околу 20.000 метри кубни нанос. Уште тогаш една од мерките за да не се повтори ова, било да се пошумат старите и да се изградат нови собирни канали на Водно, со што би се регулирал секој евентуално настанат порој.

 

Во 1957 е донесен и Законот за заштита на стрмните земјишта од ерозија и уредување на пороите од промивање и одронување. Со овој закон се одредуваат мерки за заштита на стрмните земјишта кои се загрозени од ерозија и се воведува регистар на стрмните земјишта. Глава 5 и глава 6 од законот ги регулираат начинот и органите надлежни за извршување на надзор над спроведувањето и применувањето на одредбите и мерките од овој закон како и казнените одредби.

По донесувањето на законот, во ноември истата година следи донесување на Упатство за спроведување на мерките за заштита на стрмните земјишта од ерозија. Тогаш се прави големиот проект за заштита од ерозија и порои на Водно. Пред да почнат работите на Водно има 451 xа шума (1951 г.), дел вештачка (пошумување од 1928-51 г.), а дел природна. До 1967 г. се завршени најголем дел од противерозивните / противпоројните работи во најкритичниот дел Припор-Нерези и веќе има приближно околу 1000 xa шума.

Водно крај на 50-тите години  

Sweet little lie (слатка мала лага) која трае и денес

Подоцна овој закон престанува да важи и се формира правен вакуум. Водно има исклучително висока воено-безбедносна улога: заштита и безбедност на граѓаните од ерозија и поројни поплави. Не смее да се дозволи да остане незаштитено, па немајќи избор, а поради важноста на подрачјето се наоѓа решение за да се заштити подрачјето. Врз основа на стариот закон за природни реткости, тој дел до Водно кој бил прогласен за ерозивно подрачје, во 1970 г. се прогласува за предел со посебни природни карактеристики. Значи сѐ што е воглавно вештачки создадено, одеднаш станува природно.

Водно е пошумено по вештачки пат со примена на различни методи и техники, со претходно изведување на техничко-мелиоративни мерки и подготвување на теренот за садење (терасирање на Водно).

Водно е пошумено по вештачки пат со примена на различни методи и техники, со претходно изведување на техничко-мелиоративни мерки и подготвување на теренот за садење (терасирање на Водно).

Подоцна со новиот Закон за заштита на природни реткости – Сл. Весник на РМ, бр.41 од 1973 каде се спомнува и терминот парк –шума според член 19, цело Водно се става под заштита како ПППК Парк шума. Што е спорно тука? Во тој член 19 пишува – подрачја НАСТАНАТИ НА ПРИРОДЕН НАЧИН (види слика). А она што особено во тоа време го гледале на Водно граѓаните на Скопје, кое е и зона на густа посета и каде најчесто се посетува, во најголем дел е настанато НА ВЕШТАЧКИ НАЧИН.

 Извадоци од Службен весник со одлуката за прогласување на Водно за предел со посебни природни карактеристики

Во членот 1 од документот од 1976 г. стои дека планината Водно се прогласува за градски парк-шума и се наведува во кои граници се заштитува: „Како градски парк-шума се става следново подрачје на планина Водно: од хидрицентралата Матка, по текот на реката Треска до устието во реката Вардар, јужната граница на град Скопје со населбите: Трнодол, Козле, Капиштец, Пржино и Кисела Вода по патот Сопиште-Пржино, потоа по кружниот пат кој ги поврзува населените места Св.Петка, Чифлик, Горно Соње, Долно Соње, Ракотинци и Сопиште“.

Поглед кон Скопје од Водно

Во одлуката, пак од 1991 година на тогашното Собрание на Град Скопје, попрецизно се дадени границите на заштитеното подрачје парк-шума Водно, со детално наведените катастарски парцели каде таа граница се простира. И во двата документи се дадени главно истите забрани за постапување со Водно – се забранува сечење, кршење, откорнување, собирање и уништување на растителниот свет, потоа се забранува убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, како и подигање на објекти во границите на заштитеното подрачје, „освен јавни и општествени објекти кои нема да го нарушат интегритетот односно природниот изглед на планината“.

На планината се направени тешки оштетувања со изградбата на гасоводот, како и со изградбата на патот за Сончев град на подрачјето Нерези-Припор.

Според екологистите, со одлуката за изградба на гасоводот преку Водно и проектите кои беа почнати пред него, државните институции со години свесно ги игнорираат овие факти, а уништувањето на планината се толерира со образложение дека не е завршена ревалоризацијата на подрачјето на парк-шумата која треба да биде заштитено, што е обврска што произлегува од веќе спомнатиот Закон за заштита на природата.

Основна долгорочна цел на заштитата на парк шумата Водно е трајно опстојување на шумата и нејзино унапредување, со цел исполнување на сите општокорисни и заштитни функции. Парк шумата Водно е подигната како шума со посебна намена и како таква треба да опстојува.

Вештачки подигнати насади од црн бор на јужните падини на Водно

Водно е пошумено по вештачки пат со примена на различни методи и техники. Притоа користени се различни видови дрвја и грмушки, со цел на местото на гола, непродуктивна и ерозивна површина да се создаде шумска растетилност.

Притоа многу важна е и едукацијата како понатаму да се постапува со шумите од оваа парк шума, бидејќи сè повеќе посетители се присутни, а видливи се одредени потенцијални загрозувања на шумата како од биотско, така и од абиотиско потекло.

Камењари и смреки на високите падини на Водно

Шумата на Водно – „бели дробови“ за Скопје

Парк-шумата Водно е најзначајниот зелен појас за Градот Скопје. По човековата интервенција во 50-тите години од минатиот век, денес Водно на северните и северозападните падини има формирано вистински шуми со мешовит состав. Ваквите екосистеми ја одржуваат климата во градот, влијаат врз прочистување на воздухот, претставуваат живеалиште за различни видови од флората и фауната со што го зголемуваат урбаниот биодиверзитет и секако, нудат можност за спортување и рекреација.

 Во рамките на пошумените делови на Водно, особено се значајни насадите од црн бор. Водно, за разлика од минатото, сега претставува целосно зашумен дел, благодарение на специфичната геолошка подлога и клима, населен со релативно богат растителен и животински свет.

 Насад од црн бор подигнат по вештачки пат

Карактеристика за планината Водно е шареноликиот биодиверзитет. Таа е дом на 124 регистрирани видови на птици, 19 врсти на цицачи, осум вида на влечуги и два типа на водоземци. Покрај заштитната улога, Водно има и спортско-рекреативна, културна и воено-стратешка улога.

Какво и да биде решението за заштита на ова подрачје, тоа мора да ги опфати сите функции на Водно и најважно од сѐ, да се спречи понатамошна узурпација на планината со нови објекти.    

Милениумски крст на Водно  

Линк до инфограм.

 

Ивана Николоска Прошева

(Текстот е дел од завршните задачи на учесниците на обуката за млади новинари што ја организираше Институтот за комуникациски студии, во рамки на проектот "Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество", поддржан од Британската амбасада во Скопје.)

Објавено

Сабота, Март 13, 2021 - 09:15

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

повеќе