„Петре Шилегов гази по жртвата и по имињата на Митрополит Теодосиј Гологанов, на Борис Сарафов, на Христо Батанџиев, на Мајка Тереза, на Киро Глигоров и на Борис Трајковски. Со предлогот за преименување на улиците во градот Скопје прави апсурдни ситуации, предлага за имиња на улици странски претседатели, а го трга името на покојниот претседател Борис Трајковски“, изјави Јелена Жугиќ од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на протестот на Булеварот „Борис Трајковски“.
Објаснувајќи колку бил почитуван Трајковски, од кого се добил ордени и признанија и колку бил заслужен за мирното разрешување на конфликтот во 2001 година, таа порача дека „Шилегов не смее да ја гази неговата посветеност, работа и жртва за Македонија“.
„Оттука уште еднаш го повикуваме Шилегов, повлечете ја точката за преименување на улиците од дневниот ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје и немојте да газите врз луѓе кои животот го посветиле на Македонија. Воедно бараме да се спроведе и широка јавна расправа во која ќе биде вклучен и Институтот за историја и други релевантни чинители, како и општините во градот Скопје, кои не се воопшто прашани за предлогот на градоначалникот Шилегов“, изјави Жугиќ.