Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, како што информираат оттаму, брзо и координирано пристапиле кон отстранување на дефектот и непрекинато работеле со вклучување на сите расположливи ресурси, од механизација до работна сила и капацитети сѐ до неговото отстранување.
„Ваков тип на дефекти се навистина многу ретки и можат да се појават еднаш на 10 години. Интервенцијата беше навистина комплицирана и од широки размери, но се пристапи многу одговорно и сериозно и се прифати ризикот од прекин на вода во голем дел од градот, со цел брзо отстранување на дефектот. Дефектот се отстрани за кратко време, иако прогнозите кажуваа нешто друго. Водоснабдувањето е нормализирано околу полноќ и притисокот на проток на вода е стабилизиран. Горд сум и сакам да ја упатам мојата благодарност до екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, до граѓаните кои покажаа разбирање и трпение за ситуацијата во која се затекнавме, но и до медиумите за брзото и професионално известување за целиот случај“, вели Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.