Доцни големиот еколошки проект за Скопје

Вардар требаше да добие колекторски систем уште пред влезот на коронавирусот

Уште во февруари минатата година требаше да биде завршена изградбата на колектори за третман на отпадните води во Вардар во Скопје со доминантни пари од ЕУ. Пред три години пред камери помпезно градежните работи ги најавија амбасадори, министри, градоначалникот. Денес Вардар е еднакво матен и загаден и, несфатливо за една европска престолнина, нема централна пречистителна станица. И никој не знае кога Вардар пак ќе биде бисер балкански...

Додека сте во прошетка долж кејот во Скопје ќе почувствувате лоша миризба, а на некои места и ќе забележите цевки од кои директно во Вардар се излева матен канализациски и друг отпад. И ако добро ве држи меморијата и колку - толку следите медиуми, ќе се сетите дека ваквата слика за Скопје требаше да биде минато.

Кога? Уште во февруари минатата година, пред да пристигне коронавирусот во земјава, Скопје требаше да добие колектори за третман на отпадните води во реката Вардар. Оттогаш до денес помина повеќе од една година, која можеби нѝ изгледа уште подолга ако се сетиме низ што сѐ поминавме соочени со здравствената криза. А токму хигиената е една од мерките против ширење на заразни болести.

И, како што е вообичаено кога властите најавуваат поголеми проекти, така и за означувањето на почетокот на градежните работи за изградба на колекторскиот систем, на терен во населбата Ново Лисиче, пред механизацијата, се собраа министерот за животна средина Садула Дураки, градоначалникот Петре Шилегов, ама и евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние.

Да, тоа беше јуни 2018 година, а се гледа по тогаш присутните, а сега отсутни од земјава амбасадорите Жбогар и Тимоние, како и по Дураки кој одамна не е на таа функција. Само Шилегов е на истата позиција.

Тогаш свечено најавија дека колекторскиот систем во должина од 8 километри ќе биде завршен најдоцна во февруари 2020 година, дека средствата се обезбедени во висина од 10 милиони евра, од кои 9 милиони од фондовите на Европската Унија.

„Затвораме едно клучно прашање за животната средина. Третманот на отпадните води е наш висок приоритет. Ќе го подигнеме квалитетот на водата во реката Вардар и дополнително ќе придонесеме за заштита на подземните води во Скопската котлина, што се користат за наводнување и за пиење", изјави тогаш Шилегов.

„Со изградбата на овој систем водите во реката Вардар ќе станат чисти и задоволство ми е што преку фондови на ЕУ ќе се реализира овој значаен проект во Скопје", рече евроамбасадорот Жбогар.

„Колекторскиот систем ќе го гради француската фирма 'НГЕ' која при градежните работи ќе употреби најсовремена механизација, односно машини кои можат да вршат и шест метри длабоки ископи", рече францускиот амбасадор Тимоние.

Што се случи и зошто работите не се завршени со речиси во целост пари обезбедени преку ЕУ, или пак токму парите станале проблем, прашавме во Делегацијата на ЕУ во Скопје.

„Очекуваме колекторот да биде готов до крајот на годинава. Се решаваат проблемите кои се појавија во фазата на реализација, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на еколошки и прашања поврзани со земјиште", кусо и повеќе од дипломатски за МКД.мк одговори Делегацијата на ЕУ.

Прашавме и во Град Скопје каде „лежи" проблемот и зошто роковите се толку многу пробиени. Добивме поширок одговор и насока дека проблемот всушност не е во Градот, зашто изведувачот на работите е на друго место.

„Изминативе 3 години се реализира проектот за изградба на колекторскиот систем во долното течение на реката Вардар. Со ИПА 2 проектот 'Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во градот Скопје' се гради колектор на десниот брег на Вардар во должина од 3,4 километри и тоа од булевар 'Србија' до Железничкиот мост и во него ќе се слеваат отпадните води од постојната пумпна станица 'Горно Лисиче', потоа колектор на левиот брег на Вардар во должина од 4,5 километри од точката на моменталното празнење на постојната канализациска мрежа до железничката пруга, како и изградба на колектор од пумпната станица 'Макошпед' до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на Вардар. Инвеститор и изведувач на работите е Министерството за животна средина и просторно планирање и за повеќе информации за динамиката и роковите треба да се обратите кај нив", гласи одговорот од Град Скопје.

Како што нѐ пренасочи Градот, така прашање упативме и до Министерството за животна средина. А оттаму во одговорот изразија незадоволство од изведувачот на градежните работи.

„Во врска со реализацијата на проектот за колекторски систем за пречистителната станица во Скопје, можеме да информираме дека физичкиот прогрес на процесот е 83 проценти. Реализацјата на проектот доцни заради лошата изведба на изведувачот. Во моментот се водат преговори помеѓу изведувачот и Министерството за финансии, како одговорна страна во проектот, за забрзување/завршување на проектот и се очекува во скоро време разрешување на проблемот", одговорија за МКД.мк од Министерството за животна средина.

Кој е изведувачот? Амбасадорот Тимоние во јуни 2018 година рече дека Колекторскиот систем ќе го гради француската фирма „НГЕ".

Во моментов информациите се дека во градежните работи се инволвирани фирмите Гуинтоли САС од Франција и веќе спомнатата НГЕ Консалтинг С.А.С како и домашната Бауер БГ, инаку позната и по изведувањето на градежните работи за реконструкција на зградата на Владата заедно со илуминацијата, или по фасадите на зградите на „Пелистер" и „Макпримат" на главнот плоштад и по други работи во главниот град.

Во право беше градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кога во февруари 2018 година, пет месеци пред почетокот на градежните работи, потпишувајќи го договорот за овој ИПА - проект со тогашниот министер за животна средина и со директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација Скопје", рече дека „една престолнина на европска држава е несфатливо да функционира без централна пречистителна станица".

Се веруваше дека на водите на Вардар ќе им биде вратена одамна невидената природна боја и чистота набрзо по изградбата и на централна пречистителна станица.

Поминаа безмалку три години од почетокот на изградбата на колекторскиот систем и година и еден месец по крајниот рок за негова финализација. А, Европската Уија очекува проектот да биде завршен до крајот на годинава. Министерството за животна средина пак, има очекување тоа да се случи набрзо, додека Град Скопје чека работите да бидат некако завршени.

Граѓаните се веќе навикнати на чекање. За многу работи, за многу ветувања. Ете и за да го видат Вардар во својот сјај, како бисер балкански.

Но, овојпат и Владата чека! Таа се обврза најдоцна до 2020 година да ги започне работите за изградба на пречистителната станица. Така тогаш изјави Садула Дураки.

Денеска сме 31 март 2021 година.

Панта Џамбазоски

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе